• сабота, 18 мај 2024

Ковачевски најави дека следните пратенички прашања ќе бидат писмено одговорени поради навредите кон членовите на Владата

Ковачевски најави дека следните пратенички прашања ќе бидат писмено одговорени поради навредите кон членовите на Владата

Скопје, 30 јуни 2023 (МИА) - Претседателот на Владата Димитар Ковачевски попладнево од собраниската говорница најави дека пратеничките прашања што ќе следат понатаму ќе бидат писмено одговорени поради упатените навреди од страна на опозициските пратеници кон членовите на Владата за време на денешната 119 седница на Собранието.

- Барам на следната координација да се разгледа прашањето за навредите од најнизок вид кои од страна на пратениците се упатуваат кон членовите на Владата. Министрите се доведени во нерамноправна положба, со оглед на тоа дека пратеник според деловникот и законот, може да изнесе секакви лични навреди кон член на Влада, да тој не може да одговори, а ако одговори, немајќи го имунитетот на пратеникот да биде тужен на суд. И затоа на следните пратенички прашања, сите прашања ќе бидат одговарани писмено, истакна премиерот Ковачевски.

Тој побара да се обезбеди етички кодекс на однесување во Собранието и да се замолат пратениците да се однесуваат според него.

- Никој не е должен да доаѓа овде и да трпи навреди од најнизок тип, и од говорница и со дофрлување од место, притоа сите министри се обраќаат на членовите на парламентот со должна почит и со одговарање на нивните прашања, рече Ковачевски.

Членовите на Владата кратко потоа ја напуштија седницата откако пратеничката Дафина Стојановска од опозициското ВМРО-ДПМНЕ, на процедуралното обраќање упати навредливи зборови кон членовите и претседателот на Владата.

- Кои сте вие тоа да го кажувате? Знаете вие зошто сте овде? Зашто овде има деловник. Овде не сте затоа што ние сакаме да ве гледаме и да ве слушаме како „тресете зелени“, овде сте затоа што Деловникот тоа го бара, рече Стојановска, по кое што следеше напуштање на седницата од страна на претставниците на Владата. сх/са/

Фото: Принскрин

Остани поврзан