• четврток, 27 јуни 2024

Бесплатен влез за Кокино и Меморијалниот центар АСНОМ по повод Меѓународниот ден на музеите

Бесплатен влез за Кокино и Меморијалниот центар АСНОМ по повод Меѓународниот ден на музеите

Куманово, 18 мај 2024 (МИА) - Бесплатен влез на локалитетите Кокино и меморијален центар АСНОМ и повеќе активности за најмладите, организира НУ Музеј Куманово по повод 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите.

Надлежните ги повикаа граѓаните да ги посетат локалитетите.

- Годинашново мото за Меѓународниот ден на музеите е „Музеите за едукација и истражување“ и не се однесува само за најмладата публика, туку за сите, вклучително и возрасните кои во секојдневната динамика се чини дека се помалку имаат време да го перципираат и истражат културното наследство околу себе. Затоа ги повикувам сите љубители на културата денеска да ги посетат Меморијалниот центар АСНОМ во село Пелинце и архео-астролошкиот локалитет Кокино, изјави директорката на установата, Марија Миљуш Божурска.

НУ Музеј Куманово, претходните денови во знак на меѓународниот ден организираше неколку активности со акцент на едукација за најмладите. Вчера, беше организирана промоција на македонско-англиска едукативна читанка за деца насловена „Асномска музејска читанка“, која ја обработува темата за првото заседание на АСНОМ и процесите на формирање на модерната држава. Децата учествуваа на етнолошка работилница во лапидариумот на музејот, цртаа и од глина изработуваа етнолошки предмети мотивирани од она што може да се види на постојаната етнолошка поставка. Во просториите на постојаната музејска поставка беше одржана работилница под наслов „Археолог на еден ден“ која имаше за цел да ги едуцира најмалите што е археологија, какво е нејзиното значење и кои се убавините на оваа професија, а кој е финансиран и поддржан од Министерството за култура.

18 Мај е Меѓународен ден на музеите којшто се одбележува уште од далечната 1977 година. Вообичаено низ годините музеите ширум светот на овој ден организираат различни активности преку којшто го афирмираат овој ден и го слават културното наследство. Годинава мотото под кое се одбележува 18-ти мај е „Музеи за едукација и истражување“ и активностите се поддржани од Министерството за култура. ам/мч/

Фото: МИА и НУ Музеј

Остани поврзан