Претседателката Сиљановска Давкова во посета на Црвениот крст
- Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска, по повод 26 јули - денот на солидарноста и сеќавањата од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, престојуваше во посета на Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Скопје, 26 јули 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска, по повод 26 јули - денот на солидарноста и сеќавањата од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, го посети Црвениот крст на Република Северна Македонија.
За време на посетата претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, присуствуваше на презентација - Активностите на Црвениот крст за време на земјотресот во Скопје 1963 и одржа средба со волонтери и раководството на оваа хуманитарна организација. Преку видео врска проследи дел од нивните активности во Центарот за дарување крв, Центарот за ментално здравје и психо-социјална поддршка и во Нега центарот.
Раководството на Црвениот крст ја информираше претседателката за капацитетите на организацијата, за растечката тенденција на волонтерските активности, како и за иницијативите и посветеноста во промовирањето на солидарноста и хуманитарното волонтерство, како одржлив модел со бројни индивидуални и колективни придобивки.
Волонтерите на Црвениот крст ја запознаа претседателката Сиљановска Давкова со редовните ангажмани во поддршка на ранливите групи, заштита на животот и здравјето на граѓаните и унапредување на севкупната социјална состојба во општеството, а во разговорот хуманите активисти ги споделија нивните лични заложби што биле поттик и инспирација да се вклучат во Црвениот крст.
-На средбата, претседателката Сиљановска Давкова го сподели своето сеќавање од скопскиот земјотрес и деновите потоа, нагласувајќи ја непроценливата вредност на солидарноста и придонесот на волонтерите, обединети во силната желба за помош и поддршка. Во таа насока, посочи дека граѓанското општество најмногу се зајакнува преку волонтерска работа, оценувајќи дека волонтерството треба да се вгради и во образовниот систем, се наведува во соопштението.
За време на посетата, претседателката Сиљановска Давкова потпиша пристапница за членство во Црвениот крст, како една од најголемите и најзначајни волонтерски организации и притоа ја нагласи нејзината натамошна безрезервна поддршка на хуманизмот како највозвишена човекова вредност и врвен приоритет на секое општество. дма/ац/
Фото: Кабинетот на Претседателот