• сабота, 18 мај 2024

Инвестициите за развој на енергетиката ќе продолжат, најавува Ковачевски

Инвестициите за развој на енергетиката ќе продолжат, најавува Ковачевски

Скопје, 26 октомври 2023 (МИА) - Продолжуваме со реализација на Програмата на Владата за периодот 2022-2024 година во делот на енергетска транзиција и одржливост, што на долг рок ќе придонесе за зголемување на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови енергетски инфраструктурни проекти, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски. 

Според него, со успешна политика во најголемата светска економско-енергетска криза, Владата обезбедила непречено снабдување со струја, а инвестициите во секторот ќе продолжат. 

Говорејќи за идните планови истакна дека целта на Владата е и целосно гасифицирање на државата.

-Минатата година се реализираше инвестицијата, односно поврзување на гасоводот од Жидилово до Битола со што се овозможува понатамошни инвестиции во гасни централни во РЕК Битола и се овозможи конечно после 50 години граѓаните на Битола да добијат топловод со кој ќе има централно греење во Битола. Првата фаза е завршена, втората фаза ќе започне во текот на наредната недела, истакна премиерот Ковачевски.

Тој потсети дека беше  спроведен пакет со анти-кризни мерки во износ од 760 милиони евра за поддршка за граѓаните и на компаниите, во делот на справувањето со економската и енергетска криза.

Кризата, оцени премиерот, беше искористена да се претвори во можност за зголемување на домашното производство на електрична енергија, па дури како држава и да извезуваме струја во текот на најтешкиот месец, јануари оваа година.

-Од Република Северна Македонија создаваме Зелен енергетски хаб во регионот и Европа и тоа може да го потврдат сите анализи кои се прават во оваа област. Нашата стратегија за развој на енергетиката до 2040 година е целосно заснована на европскиот зелен договор и веќе ја спроведуваме во земјата. Владата која ја предводам, ќе остане запаметена како Влада во чиј мандат е инсталирана најголема моќност на обновливи извори на енергија во историјата на нашата држава, рече премиерот Ковачевски.

Ковачевски смета дека кај инвестициите во делот за развој на енергетиката, Владата ќе остане запаметена по тоа што во овој мандат е инсталирана најголема моќност на обновливи извори на енергија. Освен подигањето на интересот за инвестиции во обновливи извори на енергија, Владата како што посочи, исто така ги олеснила процедурите, прилагодени се законските решенија и правилниците за што најголем удел имаат Министерството за економија и Министерството за транспорт и врски.

Во државава, информираше Ковачевски, моментно работат фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќ од 450 мегавати кои произведуваат 610 гигават часови електрична енергија и произведуваат електрична енергија за 198.000 семејства во државата. За период од помалку од две години, 685 централи добиле дозволи за работа, а тие, според пресметките, може да снабдуваат со струја над 160 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на 18 градови во државата. Од исклучително значење, нагласи премиерот, ќе биде и проектот Чебрен, којшто беше единствено на хартија како проект повеќе од пет децении.лв/aa/

фото: МИА, Влада 

 

Остани поврзан