• сабота, 18 мај 2024

Градежните активности на подвозникот кај кумановската населба „Перо Чичо“ ќе завршат до средината на јуни

Градежните активности на подвозникот кај кумановската населба „Перо Чичо“ ќе завршат до средината на јуни

Куманово, 10 мај 2024 (МИА) - Граѓаните од кумановската населба „Перо Чичо“ бараат од јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија да го прошири тротоарот на улицата „Ѓорче Петров“ под надвозникот кој е дел од изградбата на трасата од пругата кон Бељаковце. Тие велат дека тротоарот е претесен и не можат да се разминат двајца пешаци, ниту пак да поминат родители со колички за деца или пак лица со попреченост кои користат колички за движење.

Од ЈП ЖРСМ велат дека направената експертиза на постоечкиот подвозник покажала дека не ја задоволува носивоста и е неопходна санација на постоечкиот или изградба на нов подвозник.

- Работите се одвиваат согласно ревидиран и одобрен проект. Сообраќајот под подвозникот е регулиран и се одвива согласно одобрен сообраќаен проект за времен режим од страна на СВР Куманово и Општина Куманово, и е во интерес на безбедноста на патничкиот сообраќај, информираа од претпријатието.

Оттаму наведуваат дека градежните активности ќе завршат до средината на јуни, годинава.

Вкупната должина на железничката пруга која поминува на подрачјето на Куманово изнесува 12, 5 километри.Дел од активностите се одвиваат во густо населено подрачје. 
Една од трасите поминува низ населбата Бавчи, од над маркет сè до Спомен костурницата. Таму општината предвиде изградба на улица, но поради стратешкиот проект ќе почека на реализација. Од општина Куманово информираа дека за овој дел од изградбата на стратешкиот и националниот проект веќе се одржани средби со претставници на претпријатието.
Планираниот надвозник во населбата „Перо Чичо“, ќе овозможи лесна и безбедна комуникација на населбата со останатиот дел од градот. ам/sa/


Фото: МИА

Остани поврзан