• сабота, 18 мај 2024

Германија воведува нови построги мерки за сузбивање на миграцијата

Германија воведува нови построги мерки за сузбивање на миграцијата

Берлин, 7 ноември 2023 (МИА) - Нови построги мерки за намалување на големиот број мигранти кои пристигнуваат во Германија денеска договорија канцеларот Олаф Шолц и 16 гувернери на сојузните покраини, постигнувајќи компромисно решение за тоа прашање, кое беше голем политички проблем за власта.

Новите мерки вклучуваат забрзување на процедурите за азил, ограничувања на бенефициите за барателите на азил и поголема финансиска помош од федералната влада за државите и локалните заедници каде што пристигнуваат мигрантите.

По долгиот состанок што се одржа ноќта, Шолц го нарече договорот „историски момент“ кој покажува колку ова прашање станало товар за владата, пренесе Бета.

Бројот на нови барања за азил до крајот на септември годинава е за околу 73 отсто поголем во однос на истиот период лани, покажуваат официјалните статистички податоци. Германија, исто така, прими повеќе од еден милион Украинци кои пристигнаа од почетокот на руската војна.

Сојузните држави и федералната влада утринава се договорија за промена на системот на трошоците за финансирање на барателите на азил.

Владата од следната година ќе плаќа годишен паушал од 7.500 евра за секој барател на азил, а не повеќе вкупен годишен износ од околу 3,7 милијарди евра. Барателите на азил ќе добиваат и помалку пари во иднина.

Контролите што Германија ги воспостави на своите граници со Швајцарија, Чешка, Полска и Австрија ќе бидат продолжени на неодредено време.

Повеќе од 250 илјади луѓе поднеле барање за азил во Германија во периодот од јануари до септември, во споредба со повеќе од 130 илјади во истиот период минатата година. Најголем дел од барателите на азил доаѓаат од Сирија, Авганистан и Турција. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан