• недела, 05 мај 2024

Шпанската левица сака Санчез да остане премиер, десницата бара гласање за доверба

Шпанската левица сака Санчез да остане премиер, десницата бара гласање за доверба

Мадрид, 25 април 2024 (МИА) - Шпанскиот премиер Педро Санчез, чија сопруга е под истрага од судот во Мадрид за можна корупција, ја доби денеска поддршката од своите социјалисти и левичарските партнери, додека опозициската десница бара за неговото останување на функцијата премиер да се гласа во Парламентот.

Санчез синоќа објави писмо во кое вели дека се повлекува на пет дена за да размисли дали да остане премиер по „подмолните“ и „лажните“ напади врз неговата сопруга и врз него од „десницата и екстремната десница“.

Министрите и високите функционери на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) се собраа во зградата на владата.

– Се собравме со цел одлуката на Санчез да биде останување на чело на Владата, изјави вицепремиерката Марија Хесус Монтеро.

Таа би можела да го наследи Санчез доколку тој одлучи да се повлече во понеделник на најавената медиумска конференција.

Санчез, кој е на власт од летото 2018 година, пред шест месеци формираше малцинска левичарска влада со левичарската партија Сумар и со поддршка на сепаратистичките партии на Баскија и Каталонија. Тие партии, исто така, сакаат Санчез да остане на власт и покрај судската истрага што ја нарекоа „лажна пријава“ на десницата. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан