• вторник, 25 март 2025

Петрушевски: Сериозноста бара одговорност, но не и манипулации со трагедијата

Петрушевски: Сериозноста бара одговорност, но не и манипулации со трагедијата

24 март 2025

СДС денес уште еднаш покажа дека за нив нема ништо свето – ни болка, ни сочувство, ни национална трагедија.

Додека целата држава жали, тие се служат со подмолни политички калкулации. Наместо да покажат државнички дух, СДС одбраа да поставуваат прашања за кои и самите добро знаат дека се дел од активна истрага, предводена од институции што работат со целиот капацитет и со огромна свесност за големиот интерес на јавноста и општеството за брзи, но праведни резултати.

Сепак, ценејќи ја јавноста и настојувајќи по секоја цена да го оттргнеме и најмалиот сомнеж, јасно истакнуваме дека Владата и органите за истрага од првиот момент реагираа – има веќе голем број на приведени лица, а истрагата продолжува со несмален интензитет. И тоа, за разлика од минатото, со обиди за откривање на целосната вистината, а не со алиби-објаснувања за „кабли“ и „шасии“ како главни виновници за трагедиите што во минатото ни се случуваа.

СДС прашува: „Зошто не се притворени началници, командири, инспектори?“

Ова не е судење со толпа.

Правдата не е циркус, туку процес.

Притвор се одредува со докази и правни основи, а не со притисоци од партиски штабови.

Главната дилема е – зошто истото судство, истото обвинителство, создадено во времето на СДС и ДУИ, денес работи со поголема посветеност?

Одговорот е јасен: Затоа што Владата денес не се обидува да сокрие, туку да расчисти.

Не се издаваат наредби по телефон, не се читаат имиња од тефтерчиња и не се прикриваат трагедии со смешни извештаи.

Да потсетиме – за време на трагедиите со Беса транс, Ласкарци, модуларната болница – немаше ниту еден притворен функционер, ниту едно поднесено обвинение. Виновни беа „каблите“, „возачите“, „времето“ – и никогаш системот. Затоа што системот беше под заштита на Заев и Ахмети.

И денес, голем дел од човечката инфраструктура во судството и обвинителството е сè уште составен дел од таа мрежа. Станува збор за кадри кои беа поставувани по познати тефтерчиња, кои имаа партиска лојалност, а не професионален интегритет. Но, за разлика од порано, денешната власт не им наредува како да постапуваат, туку бара правда – без разлика кого ќе допре.

СДС говори за „селективна правда“, но токму тие се симболот на таа селективност.

Не можат да го извадат народот на улица со лаги, затоа што народот добро памети.

И токму затоа сега сакаат да го претворат гневот во политичка стратегија, да го насочат револтот кон Владата, надевајќи се дека повторно ќе се вратат на власт преку улица – а не преку избори.

Апелираме до јавноста: ова не е битка помеѓу партии. Ова е битка за правда.

И институциите ќе ја истераат до крај.

Ќе има одговорност – и индивидуална и институционална. Но, нема да има дозвола за манипулација, за злоупотреба на жртвите, и за ново сценарио за дестабилизација во момент кога државата се обидува да застане на нозе.

На самиот крај, ВМРО-ДПМНЕ повикува Јавното обвинителство со сериозност да ги земе предвид сите укажувања на јавноста и медиумите, и секаде каде што постојат реални аргументи и докази за инкриминираност и евентуална одговорност – без разлика на личноста, функцијата или партиската припадност – да постапи соодветно, брзо и во согласност со законот.

Се надеваме дека СДС и ДУИ имаат доверба во обвинителството кое самите го избраа, и ги повикуваме – како што ја имаа таа доверба при неговиот избор – така и сега да се обратат таму, а не преку прес-конференции и политички маневри. Ние ги охрабруваме сите институции да постапуваат строго според законите и моралните начела, без милост кон никого што има директна или индиректна одговорност. Истовремено, очекуваме дека никој нема да создава интриги и манипулации со истрагата со цел Владата да биде нападната, бидејќи сме уверени дека ова мора да биде заедничка битка против нечесните – без оглед на партиска припадност, функцијата или етничката основа. Вистинските критики ги почитуваме, и апелираме до институциите да ги земат сериозно, да ги анализираат, и доколку постои основ, да постапат веднаш и доследно. Ова мора да биде пресвртница од која нема враќање – момент кога општеството ќе се издигне и ќе постави нови темели врз вистински вредности. Во спротивно, државата ќе пропадне. Но веруваме дека со одлучност, посветеност и чесен пристап – Македонија ќе победи.

Линк од видео материјал:

https://youtu.be/37_YvzJ5x0E

https://we.tl/t-0x9rJmDHX6

Прес на Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Остани поврзан