• среда, 26 март 2025

Дурмиши: Проверката на минималните технички услови за работа ќе се врши пред издавање на лиценцата за работа

Дурмиши: Проверката на минималните технички услови за работа ќе се врши пред издавање на лиценцата за работа

Скопје, 25 март 2025 (МИА) - Министерството за економија и труд во наредниот период ќе изготви измени и дополнување на Законот за угостителска дејност во насока проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа, како што беше пред 2008 година, најави денеска ресорниот министер Бесар Дурмиши. Министерството, како што рече на прес-конференција во Владата, било задолжено да започне со подготовка на измени на Законот на владината седница одржана на 18 март.

- Овие измени ќе овозможат проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа. Со тоа пријавата за исполнување на минималните технички услови за вршење угостителска дејност пред да биде доставена како пропратен документ во барањето за лиценцата ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат, рече Дурмиши.

Порача дека Министерството за економија и труд е посветено на гарантирање дека законот ќе се почитува и додаде дека секој кој згрешил пред законот треба да одговара. 

 - Граѓаните имаат право да бидат информирани на вистински начин и да побараат отчетност. Правдата што ја бараат мора да биде воспоставена, рече Дурмиши.

Прашан колку лиценци за кабаре се издадени за време на неговиот мандат, Дурмиши рече дека не го знае точниот број и додаде дека во архивата на Министерството има вкупно 24 активни издадени лиценци од кои 18 се за кабаре, а другите се за клубови. За тие кои немаат лиценци и работат посочи дека има други надлежни органи кои треба да направат инспекција и соодветно да ги казнат.

На прашањето дали смета дека е виновен неговиот претходник, рече дека не е надлежен за давање на било какво мислење и дека не е негово да кажува за тоа.

Истакна дека во новото законско решение ќе се зголеми вредноста на казните за да се спречат немили настани како во клубот „Пулс“ во  Кочани и додаде дека работна група веќе работи на тоа.

- Не знам колкави ќе бидат казните, но очигледно ќе бидат многу повисоки за да се спречи да ни се случуваат немили настани, потенцира Дурмиши. вј/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан