Почна спроведувањето на симулациската вежба за справување со болеста чума кај малите преживари
- На Факултетот за земјоделски науки и храна денеска се одржува првиот теоретско- практичен дел од симулациската вежба, а утре, во село Брњарци, општина Гази Баба, ќе се одржи теренскиот дел од вежбата.

Скопје, 25 март 2025 (МИА) - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Организацијата на Обединети нации (FAO), денес почна со реализација на активностите во рамки на симулациската вежба за болеста чума кај мали преживари, која ќе се одржи од денес до четврток. Цел на вежбата, на која учествуваат претставници од АХВ, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ветеринарната комора на РСМ, Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, експерти од Европската унија и членовите на Сојузот на здруженија на одгледувачи на овци ’’Модерен овчар”, е да се утврдат добрите и слабите страни на одговор при евентуална појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки на АХВ.
На Факултетот за земјоделски науки и храна денеска се одржува првиот теоретско-практичен дел од симулациската вежба, а утре, во село Брњарци, општина Гази Баба, ќе се одржи теренскиот дел од вежбата.
-Ја информираме јавноста и месното население од село Брњарци и околните населени места дека теренските активности кои ќе бидат преземени утре се исклучиво во рамки на предвидените за реализација на симулациската вежба. Не станува збор за реална ситуација и појава на жариште на болеста чума кај малите преживари, туку само вежба за превенција и оценка на ефикасноста на постоечкиот систем за заштита од болеста, рече директорот на АХВ Оливер Миланов на отворањето на симулациската вежба.
Болеста, истакна тој, од минатата година е присутна во регионов и Европа и таа кај нас како институција го вклучи алармот сериозно да се посветиме на нејзина превенција. Во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна лани одржавме серија работилници низ земјава со одгледувачите на ситен добиток и заедно алармиравме да се зајакнат биосигурносните мерки на фармите.
-Во рамки на оваа вежба, практично и теренски ќе бидат споделени најдобрите практики и искуства за справување со болеста која и сега, дури и на големите развиени економии создава сериозно големи удари врз добиточниот фонд и предизвикува големи економски штети, рече Миланов.
Како држава, засега успеваме да го спречиме ширењето на болеста кај нас, за што, потенцира тој, изразувам благодарност и до одгледувачите на добиток, нивните здруженија и до науката.
-Заедно успеваме засега да се одбраниме од болеста која, многу брзо и многу лесно во услови на динамична економија во европски и светски рамки, може да ја афектира и нашата земја. И досега ја потврдивме исклучителната и блиска, но професионална соработка со сите вклучени во системот за заштита од појава и спречување од ширење на болеста чума кај малите преживари како болест од А категорија која бара спроведување на исклучително високи стандарди и мерки за заштита, истакна тој.
Миланов изрази благодарност до европските експерти кои на вежбата ќе го споделат искуството и најдобрите практики за справување со болеста чума кај малите преживари но и уверување дека во иднина биосигурносните мерки на фармите ќе бидат подигнати на уште повисоко ниво.
По спроведување на вежбата ќе се направи евалуација на подготвеноста на Агенцијата за храна и ветеринарство за одговор при појава на болеста, а ќе се реализираат активности за подобра подготвеност на институциите и засегнатите страни при појава на особено опасни заразни болести како што е болеста чума кај мали преживари. мч/дма/
Фото: АХВ