14 јануари 2025
Скопје - Утре и во четврток претпладне ќе се задржи претежно облачно и студено време со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Во петок и за време на викендот ќе преовладува стабилно време со пораст на дневните температури. Утринските температури во текот на целиот период насекаде ќе бидат под нула, а наместа ќе се спуштаат и под -10 степени. По некои котлини ќе има појава на магла и пониски дневни температури.
Скопје - Вработени од неколку министерства, Државниот завод за статистика, Државниот архив и Бирото за метрологија денеска одржаа предупредувачки протест барајќи потпишување на колективни договори и исплата на 30 проценти додатоци на плата. На протест излегоа вработени од министерствата за животна средина, за дигитална трансформација, за шумарство и водостопанство, за правда, за култура и туризам, за економија и труд и за транспорт.
Протестите, како што изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, ќе продолжат секој ден од 11 до 11:30 часот, а во петок од 11 до 12 часот ќе се одржи протест пред Министерството за финансии.
Скопје - Пратеникот од СДСМ Миле Талески денеска изјави дека експресниот пат Градско - Дреново е над 92 проценти реализиран од владата на СДСМ. Тој вели дека овој проект е дел од нивната посветена работа во развојот на патната инфраструктура и подобрување на животот на граѓаните од овој крај.
-Со гордост денеска го одбележуваме пуштањето во употреба на експресниот пат Градско – Дреново, проект со огромно значење за нашите граѓани. Овој проект, вреден над 37 милиони евра, е дел од посветената работа на СДСМ во развојот на патната инфраструктура и подобрување на животот на граѓаните од овој крај, изјави Талески.
Скопје - Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение против судијка од Основниот суд во Велес, двајца сопружници – сопственици на ланец аптеки и правното лице, кои се товарат за фалсификување службена исправа и за употреба на исправа со невистинита содржина.
- За фалсификување на службената исправа како продолжено кривично дело е обвинета судијката која во текот на постапката беше и разрешена од судиската функција, додека управителката на ланецот аптеки и нејзиниот сопруг се обвинети за поттикнување при извршувањето на кривичното дело и за употреба на исправите со невистинита содржина, се наведува во денешнотосоопштение од Јавното обвинителство.
Скопје - Во соработка со МВР, служба за мобилни скенери откри случај во кој автомобил со германски регистарски таблички бил специјално конструиран, адаптиран и прилагоден со цел криење стока. Случајот е откриен на излез на граничен премин Табановце, каде со мобилен скенер е извршено скенирање на автомобилот, при што се откриени бункери во праговите, информираат од царинската управа.
Автомобилот е запленет, а до надлежниот суд ќе биде поднесена соодветна пријава до возачот на автомобилот, инаку македонски државјанин, заради прекршување на царинските регулативи.
Брисел - Земји членки на ЕУ покренаа иницијативи за преземање мерки за намалување на профитите на Русија од извозот на енергенси, со што, според нив, дополнително би се ограничиле нејзините извори за финансирање на војната во Украина.
Данска, Естонија, Летонија, Литванија, Финска и Шведска во писмо упатено до Европската комисија предлагаат дополнително намалување на максималната дозволена цена за увоз на руска нафта. Според правилата поставени од Г7, западните компании можат да набавуваат руска нафта по цена до максимално утврдената од 60 долари за барел.
Тел Авив – Екстремно десничарскиот израелски министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир денеска се закани дека ќе поднесе оставка од владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во случај на договор со исламистичкото движење Хамас за заложниците кои се држат во Појасот Газа.
Во објавата на X, Бен-Гвир го повика десничарскиот министер за финансии Безалел Смотрич да му се придружи во спротивставувањето на „страшниот договор што се поставува“.
Москва - Русија е подготвена да ги проучи мировните иницијативи на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за војната во Украина, кога следната недела ќе ја преземе функцијата, изјави денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Лавров предупреди дека Трамп за војната, за која претходно рече дека ќе биде прекината во рок од 24 часа по неговото враќање во Белата куќа, зборувал пред неговата инаугурација, но додаде дека Русија го поздравува фактот што тимот на Трамп почнува да зборува за „реалноста. на теренот“ кога станува збор за Украина.
Осло – На норвешката кралица Соња неделава ќе ѝ биде вграден пејсмејкер откако имале проблем со срцето за време на скијање, соопшти денеска кралското семејство.
Операцијата ќе се изврши в четврток во Универзитетската болница во Осло. Се очекува 87-годишната кралица да остане таму еден или два дена на закрепнување, се вели во соопштението.
Хелсинки - Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска објави дека НАТО започнува нова мисија за заштита на подморските кабли во регионот на Балтичкото Море.
-Мисијата меѓу другото ќе вклучи низа средства, меѓудругото и фрегати и поморски патролни авиони, а таа ќе го зајакне нашето присуство на Балтикот, рече Руте.
Тој додаде дека ќе биде распоредена и мала флота од поморски беспилотни летала „за да се обезбеди засилен надзор“.
Нук – Премиерот на Гренланд, Мут Б. Егед изјави дека данската автономна територија е отворена за поблиски врски со САД, пред сè во областа на рударството.
- Мораме да соработуваме со Америка. Почнавме со дијалог и бараме можности за соработка со (новоизбраниот претседател на САД, Доналд) Трамп, наведе Егед.
Тој додаде дека Гренланд „ја држи отворена вратата кога станува збор за рударството.
Доха – Палестинската милитантна група Хамас го прифати нацрт-договорот за прекин на огнот во Појасот Газа и за ослободување на десетици заложници, изјавија двајца неименувани претставници вклучени во преговорите во Доха.
Претставникот на Израел истакна дека е постигнат напредок, а се финализираат деталите.
Планот за прекин на огнот и за ослободување на заложниците треба да биде поднесен до израелската Влада на конечно одобрување.
Порт-о-Пренс – Во Хаити раселени се повеќе од еден милион луѓе поради насилствата од бандите, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ) на Обединети нации.
Според ИОМ, минатата година насилствата од бандите е зголемено за трипати.
- Во декември 2023 година регистриравме 315.000 раселени лица поради насилство. Една година подоцна, тој број се зголеми за повеќе од тројно, достигнувајќи над еден милион раселени поради насилство на бандите на Хаити, посочи портпаролот на ИОМ, Кенеди Омонди.
Kартум - Повеќе од 120 цивили загинаа вчера во гранатирањето на Омдурман, град во непосредна близина на главниот град Картум, соопшти денеска суданската мрежа на доброволци спасувачи, без да прецизира кои се сторителите.
„Нападот на областа Дар ес Салам во западниот дел на Омдурман, кој е во близина на Картум, предизвика смрт на 120 цивили според првичните податоци за жртвите“, соопшти единицата за итни случаи Омбада, која е дел од мрежата волонтери низ целата земја која ја координира помошта.
Кејптаун - Повеќе од 100 луѓе загинаа во затворен рудник за злато во Јужна Африка, јавија светските агенции, повикувајќи се на група која ги штити интересите на рударите.
Полицијата соопшти дека сè уште проверува точно колку тела се пронајдени.
Рудникот во северозападната провинција е затворен. Сепак, многу луѓе илегално копаат таму пред да бидат блокирани таму со месеци.