• петок, 21 февруари 2025
МИА Радио флеш

15 јануари 2025

Скопје - Унапредување и зајакнување на соработката со ОПЕК преку Фондот за меѓународен развој и поддршка на проекти во земјава беа во фокусот на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со заменик-претседателот на Фондот Шаима Ал-Шеиби, којашто се одржа во седиштето на ОПЕК во Виена, каде министерката учествува на Форумот на „Инвисо“, информира Министерството за финансии.

На средбата таа ги посочила напорите што ги вложува Владата во реализација на инвестиции, како во јавниот така и во приватниот сектор со цел забрзување на економската активност и постигнување повисоки стапки на економски раст. Таа се осврнала на проектите на коишто се работи, како и на проектите за кои може да се развие соработка. Пред сѐ, станува збор за инвестиции во инфраструктурни проекти, како и за проекти во областа на енергетиката, здравството и друго.

Притоа, и двете страни ги истакнале заложбите за продолжување и зајакнување на соработката во наредниот период и можноста преку ова партнерство да се обезбeдат средства за финансирање развојни проекти.

Скопје- Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков денеска потпишаа Меморандум за соработка, кој, како што е наведено, поставува основа за заеднички активности и иницијативи во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини.

Меморандумот, според Министерството, ја отсликува посветеноста на двете институции за унапредување на податоците и политиките, како и за поддршка на економскиот и енергетскиот развој во земјата.

Целта на овој Меморандум е воспоставување рамка за соработка меѓу двете институции, со цел ефикасни, релевантни и точни статистички податоци за креирање на политики и стратешко планирање.

-Со потпишувањето на овој Меморандум, поставуваме основа за долгорочна и продуктивна соработка која ќе резултира со подобрување на податоците, анализите и ефикасноста во процесите што ги движат енергетиката и економијата, истакна министерката Божиновска.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на проштална средба го прими вонредниот и ополномоштен амбасадор на Комонвелтот Австралија во нашата земја, Даниел Емери, соопшти Министерството.

На средбата, министерот Муцунски му се заблагодарил на амбасадорот Емери за, како што рекол,  неговиот значаен придонес во унапредувањето на билатералните односи меѓу двете земји за време на неговиот мандат.

Во текот на разговорот, соговорниците се осврнале на одбележувањето на јубилејот - 30 години од воспоставувањето на билатерални односи помеѓу двете земји, како и на важната улога што ја има македонската дијаспора во Австралија. Таа, оцениле, претставува вистински мост за поврзување меѓу граѓаните на двете земји и значаен фактор во билатералната соработка.

Особен акцент бил ставен на можностите за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

Скопје - Заменик-министерката за одбрана, Елфет Исмаили на денешната седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност информира дека Министерството до Владата на САД доставило шест писма со барања преку кои се бара да се реализира набавка на воена опрема.

-Материјалот има за цел да ја информира Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието за потребата од набавување на воена опрема од Владата на САД преку прифаќање на писма на понуди. Фактички, Министерството за одбрана ја разгледа потребата за реформи во одбранбениот сектор. Со долгорочниот план за одбрана се трасира патот на реформите за одбрана и се нуди рамка за модернизација и опремување на Армијата на Република Северна Македонија за достигнување на една целосна усогласеност со членките партнери на НАТО. За оваа цел Министерството за одбрана до Владата на САД достави шест писма со барања преку кои се бара да се реализираат набавувањето на воената опрема, рече заменик-министерката.

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Павле Арсоски ги извести членовите на Комисијата дека материјалот од точката од дневниот ред - Информација за потребата од набавка на воена опрема од Владата на Соединетите Американски Држави преку прифаќање Писма за понуда е со ознака за ограничена употреба.

Скопје - Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се соочува со сериозни предизвици во своето функционирање поради немање национална стратегија за заштита и спасување, недостиг на квалификуван персонал и неадекватно управување со имотот и опремата. Ова создава значителни ризици за безбедноста на земјата, особено во услови на природни непогоди и други несреќи, каде брзата и ефективна реакција е од клучно значење, соопшти Државниот завод за ревизија (ДЗР).

ДЗР изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на ДЗС за 2023 година.

-Со извршената ревизија изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеност со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики. Со одлуки на Владата во 2005 година на ДЗС и се отстапени на користење вкупно 198 објекти (100 засолништа и 98 деловни простории - канцеларии, магацини, гаражи и друго). Во деловните книги се евидентирани 24 градежни објекти (12% од вкупниот број на доделени објекти), но за нив не беа презентирани имотни листови и документација за применетата методологија по која е извршена проценката на нивната вредност. Во 2019 година ДЗС до Бирото за судски вештачења има доставено барање за извршување процена на 32 градежни објекта. Бирото доставило Процена на  вредноста, но до денот на известување од извршената ревизија деловните објекти не се евидентирани во деловните книги на ДЗС, наведува ДЗР.

Скопје - Обдукцијата на телото на жената пронајдено во четвртокот во водите на Вардар покажа дека станува збор за исчезнатата Лидија Трајковска (43) од скопското село Јурумлери, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Трајковска беше пријавена за исчезната на 8 ноември, лани.

Од МВР, на 9 јануари, годинава, соопштија дека во 11.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека во водите на реката Вардар во с.Таор, општина Зелениково, покрај стариот пат кон с.Пакошево, општина Зелениково, било пронајдено тело на починато женско лице, кое било заглавено во гранки.

Берлин - Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа генерално се смета за добра работа во светот, но не и во западните земји, сојузниците на САД, покажува истражувањето на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР).

Од Индија до Кина, преку Турција и Бразил, повеќето луѓе веруваат дека враќањето на Трамп, кој ја презема функцијата в понеделник, ќе биде позитивно за светскиот мир, за нивните земји и за мнозинството американски граѓани. Овој тренд е особено изразен во Индија, каде така мислат 82 отсто од испитаниците.

Дискурсот на Трамп насочен кон мир во однос на Украина и Блискиот Исток одекна низ целиот свет, според авторите на студијата, спроведена заедно со британскиот универзитет во Оксфорд.

Ова чувство не го делат некои од најблиските сојузници на Вашингтон - Велика Британија, ЕУ, Јужна Кореја, се вели во студијата на ЕЦФР.

Во Европската унија, врз основа на просечниот резултат од анкетираните 11 земји на ЕУ, само 22 отсто од граѓаните веруваат дека враќањето на Трамп ќе биде добра работа за нивната земја, а 29 отсто од испитаниците сметаат дека тоа ќе биде добро за светскиот мир.

Приштина-  Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља објави дека од утрово се затворени паралелни општини на Србија, поштите и даночните канцеларии во десет различни општини - Липљан, Обилиќ, Приштина, Косово Поле, Вучитрн, Ново Брдо, Каменица, Витина, Ораховац и Србица.

„Заедничката акција ќе стави крај на ерата на српските паралелни и криминални општини и институции во Република Косово“, нагласи Свечља.

На видеото што го објави Свечља се гледа и косовскиот министер за локална самоуправа Елберт Красниќи, кој рече дека „од денеска конечно се затворени 28 паралелни криминални српски општини на Косово и нивните пет окруизи“.

Варшава - Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека Русија планиралa „терористички акции“ во воздух против Полска и други земји.

„Последните информации може да ја потврдат оправданоста на стравувањата дека Русија планирала терористички акти во воздух, не само против Полска“, рече Туск на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Варшава.

Туск исто така рече дека Украина може да смета на полската поддршка и помош и дека темелите на пријателството и соработката меѓу двете земји се „очигледни, безусловни и нема да се променат“.

Ова е трета посета на Зеленски на Варшава по целосната инвазија на Русија на Украина. Претходните две негови посети беа во април 2023 година и во јули 2024 година.

Брисел - Европската комисија денеска распиша конкурс на кој европските градови посветени на одржливост на животната средина може да аплицираат за наградите „Европска зелена престолнина“ и „Европски зелен лист“ за 2027 година.  

Конкурсот трае до 15 март 2025 година, по што панел од независни експерти за урбана одржливост ќе ги разгледа и оцени перформансите на градови апликанти според седум еколошки индикатори - квалитетот на воздухот; квалитетот на вода; биолошкиот диверзитет, големината на зелените површини и одржливото користење на земјиштето; управувањето со отпадот и циркуларната економија; бучавата; ублажувањето на климатските промени; и адаптацијата на климатските промени.  

Врз основа на препораките на експертите и проверките на фактичката состојба, Комисијата во текот на јуни или јули ќе ги избере градовите финалисти, а победниците ќе бидат соопштени во октомври годинава. 

Давос - Годишниот состанок на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос ќе се одржи од 20 до 24 јануари под слоганот „Соработка за интелигентно доба“, а форумот ги објави програмата и главните тематски целини.

Како што е објавено на веб-страницата на СЕФ, меѓу политичките лидери кои учествуваат се новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој ќе учествува преку видео врска, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Олаф Шолц.

 „Годишниот состанок во 2025 година ги свикува глобалните лидери за да се справат со клучните глобални и регионални предизвици. Ова вклучува одговор на геополитичките шокови, стимулирање на растот за подобрување на животниот стандард и управување со праведна и инклузивна енергетска транзиција“, се наведува на веб-страницата на Светскиот економски форум.

Амстердам - Во Холандија 12 лица се заразиле со хепатитис А откако вирусот дошол во контакт со боровинки. Според холандскиот портал Nu.nl, тоа се случило бидејќи берачот на боровинки не ги измил рацете по користењето на тоалетот.

Загадените боровинки се продавале замрзнати во супермаркетите „Алберт Хајн“, спакувани во ќеси од еден килограм, пренесуваат холандските медиуми.

Боровинките пристигнале од Полска, а рокот на траење на пакувањата е до 14 април 2026 година.

Еелко Франц, претставник на Холандскиот национален институт за јавно здравје и животна средина, рече дека во моментов може да се заразат стотици луѓе, додека малопродажниот синџир ги повика клиентите да ги вратат боровинките во продавницата.

Франц истакна дека двајца пациенти се хоспитализирани и се во тешка состојба. Според него, возраста на заболените се движи од 25 до 77 години.

Токио - Јапонската влада денеска соопшти дека ќе донира помош од два милиони долари на Калифорнија за да помогне во опоравувањето од пожарите во кои во последните денови животот го загубија десетици луѓе и се предизвикани катастрофални штети.

Помошта ќе биде доставена преку американскиот Црвен крст со седиште во САД како мерка за помош на жртвите од катастрофата, соопшти јапонското Министерство за надворешни работи.

Финансиската помош се очекува да биде искористена за поставување места за евакуација и обезбедување храна и психолошка поддршка на погодените од пожарите во Калифорнија, изјави претставник на министерството.

Абу Даби - Италија, Албанија и Обединетите Арапски Емирати денеска потпишаа договор вреден најмалку една милијарда евра за изградба на подморска интерконекција за обновлива енергија преку Јадранското Море.

„Ние цврсто веруваме во овој проект кој ги вклучува нашите три влади, како и нашиот приватен сектор и мрежни оператори“, рече италијанската премиерка Џорџа Мелони, најавувајќи го договорот на Светскиот самит за енергетска иднина во Абу Даби.

Мадрид - Рекордни 94 милиони странски туристи се собраа во Шпанија во 2024 година, бидејќи секторот ја движи нагорната економија на земјата, рече денеска министерот за туризам, Жорди Хереу на прес-конференција во Мадрид.

Тој додаде дека лани прогнозата за меѓународните туристи е околу 94 милиони, 10 отсто повеќе од 2023 година.

Туризмот претставува околу 13 отсто од економијата во втората најпосетувана земја во светот, која одржува стапки на раст многу над претежно слабата еврозона.

Остани поврзан