МИА Општински пул
- 14 јануари 2025
14 јануари 2025
Неготино - Двајца прилепчани биле лишени од слобода поради сомнение за кражба, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
-Вчера во 4:40 часот и во 6:30 часот, полициски службеници од ОВР - Неготино ги лишиле од слобода Н.А. и Б.Б., на возраст од 33 и 54 години. Тие се сомничат дека во периодот од 11 до 13 јануари, одзеле повеќе предмети од хала и товарни возила во халата, сопственост на правно и физичко лице, појаснуваат од СВР - Велес.
Дел од предметите биле пронајдени и вратени на сопствениците. Н.А. и Б.Б. биле задржани во полициска станица. Известен бил јавен обвинител. По целосно документирање на настанот, како што додаваат од СВР - Велес, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од СВР - Велес информираат и дека денеска во 2:30 часот во ОВР - Кавадарци, В.Т., на возраст од 20 години од село Марена, кавадаречко, пријавил дека во селото Сопот бил физички нападнат од Б.М.. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Куманово - Набавка на транспортно возило за потребите на Итна помош Куманово и вработување на општи лекари се приоритет за тековната година за Здравствениот дом, соопштија денеска надлежните. Итна помош Куманово располага со три возила, од кои само две се функционални.
-Поднесено е барање до надлежното Министерство, за набавка на возило. Едно од возилата постојано е на сервис, поправка, а територијата која ја покриваме е прилично голема и е густо населена, изјави директорот на Здравствен дом, Седат Зулбеари.
Во однос на дополнување на кадарот, јавната здравствена установа поднела барање за специјализација на еден лекар од областа на детска и превентивна стоматологија. Во момент во институцијата има специјалисти лекари, двајца по биохемија, за вакцинација еден специјалист педијатар и уште еден на специјализација на педијатрија, еден за медицина на труд и еден специјалист. Специјалист има и за детска и превентивна стоматологија.
-Моментално најголемите потреби на нашата институција се однесуваат на општи лекари кои можат да ги покријат секојдневните здравствени услуги за пациентите. Исто така поради пензионирање имаме потреба и од сестри како и возачи, изјави Зулбеари.
Скопје - На денот на Свети Василиј Велики – симболот на дарежливоста и хуманоста, денеска Општина Ѓорче Петров доделi хуманитарни пакети на социјално загрозените лица и семејства.
Акцијата, како што информираа од Општината, е реализирана во соработка со општествено одговорна компанија, со цел да се пружи поддршка на оние на кои им е најпотребна во овие празнични денови. Пакетите вклучувале основни прехранбени и хигиенски производи, додека за најмалите биле подготвени посебни пакетчиња.
Свети Василиј Велики целиот свој живот го посветил на помагање на најслабите, а неговото дело нè инспирира и денес. Со оваа акција сакаме да потсетиме дека секое семејство заслужува достоинствени празници и полна трпеза, рекол градоначалникот Александар Стојкоски. сст/бак/
Куманово - Општина Куманово денеска ги повика заинтересираните да се пријават за остварување на право на народна кујна за оваа година. За програмата, како што информираат од општината, можат да се пријават граѓани корисници на гарантирана минимална помош, евидентирани во Центарот за социјални работи Куманово, лица корисници на право на социјална сигурност на стари лица и лица со интелектуална попреченост, лица со телесна попреченост, потполно слепи и потполно глуви лица.
Правото на користење на народна кујна е дел од општината програма за социјална заштита и за корисниците предвидува право на еден дневен оброк. Оброците се подготвуваат во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, кој е давател на услуга, а програмата е поддржана од буџетот на општината.
-Едно лице може да искористи еден оброк на дневно ниво. Корисниците ќе го подигаат оброкот со важечка лична карта. Еден барател може да поднесе едно барање во кое може да ги наведе и останатите членови на своето семејство и сите членови ќе добијат оброци, информираат од општината.
Штип - Во Националната Установа Универзитетска Библиотека (НУУБ) „Гоце Делчев“-Штип од денеска започна седмата по ред зимска школа за учениците. Вилма Јованова вработена во НУУБ „Гоце Делчев“-Штип изјави дека за учество во зимската школа се пријавени 40 дечиња од основните училишта во Штип. Целта е учениците преку забава да се едуцираат и рационално да го искористат своето слободно време.
-Ќе започнеме со воведување на информации околу самата зимска школа, да се запознаат едни со други и да си кажат некои интересни работи за себе, има и квиз во кој е многу интересен за децата и кој го одговараат. Тоа се знаења за Македонија и за светот, вели Јованова.
Целта на зимската школа е децата за време на распустот времето да го минуваат квалитетно, да другаруваат, но и да научат многу нови работи. Годинава зимската школа ќе биде со активности само во бибиотеката „Гоце Делчев“, а за завршен настан е планирано караоке. -Бидејќи самата школа овозможува забавни, но и едукативни содржини им помага на учениците кои се на распуст и навистина имаат многу слободно време, се пред телевизор или пред компјуте, ќе вклучеме и телефон, но во едукативна смисла. Сакаме да ги тргнеме децата од околината која ги опкружува технологијата дома и да ги воведеме во свет на книгата и забавата. Најголемата придобивка и важност ни е да се дружеме, да научат тимска работа како да работат во групи, да развиваат емпатија едни кон други и да бидат пријатели, изјави Јованова.
Струмица - Од синоќа православните верници се поклонуваат пред моштите на Свети Василиј Велики. Во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица, во чест на големиот празник Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, традиционално се изложуваат на поклонение дел од моштите на овој светец.
Викарниот Епископ Стобиски Јаков синоќа отслужи празнична вечерна служба во чест и спомен на Свети Василиј Велики во храмот на „Светите Кирил и Методиј“ во Струмица, а потоа на сите присутни им подели лепчиња со сребрена паричка со ликот на светецот.
Инаку, за православната црква Свети Василиј Велики е еден од нејзините столбови или како што бил наречен „око на православната црква и уста на Светиот Дух“.
Според преданијата, моштите се донесени во Струмица во 1830 година од Кападохија од војник од овие краишта кој служел во војската на Турската империја.
Битола - НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола од денеска и секој ден до крајот на јануари организира „Зимска приказна: Час за читање“, наменета за најмладите љубители на книги.
Во просториите на библиотеката секој ден од 11 до 13 часот има интерактивно читање на зимски приказни, информираа од НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола.
-Децата ќе имаат можност да слушнат волшебни зимски приказни читани од наши библиотекари и гости. По читањето, ќе организираме цртање, бојадисување, и правење мали фигури инспирирани од приказните. Преку овие активности, децата ќе се забавуваат, ќе ја развиваат својата имагинација и ќе научат нови нешта, соопштија домаќините на културниот настан.
Од НУУБ „Св. Климент Охридски“ посочија дека активноста е наменета за деца на возраст од 5 до 12 години, а паралелно и динамично се врши изнајмување на книги за возрасните на кои на раполагање им се најчитаните книги за овој период од годината. Според статистиката, доминира интерес за делата на македонските автори, потврдија од битолската библиотека.
Струга - Струга се подготвува за големиот христијански празник Богојавление - Водици. Осветувањето на водите и спуштањето на светиот крст во водите на Црн Дрим, в недела ќе почне во 11 часот на Чаршискиот мост.
Богослужбата во соборниот храм „Свети Ѓорѓи“, од каде и ќе тргне поворката, ќе почне во во 7 часот, а поаѓањето кон Чаршискиот мост во 10 часот и 30 минути.
- Чинот на осветување на водите и спуштање на Светиот крст во водите на реката Црн Дрим ќе го изврши неговото блаженство митрополитот скопски и администратор Дебарско-кичевски и Австралиско-сиднејски и архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан во 11 часот од Чаршискиот мост, соопшти соборниот храм „Свети Ѓорѓи“ од Струга.
Волонтерите на Црвениот крст - Струга и годинава ќе бидат дел од манифестацијата, од каде препорауваат капачите внимателно да пристапат во студените води на реката Црн Дрим.
И годинава ќе го покриеме настанот со спасители на вода. Препогачуваме граѓаните да бидат внимателни, да им се даде простор на капачите, безбедно да влезат во студените води. Капачите пак со добра здравствена состојба без претходно конзумирање алкохол да пристапат кон капењето, апелира Адуриме Даути секеретар на струшкиот Црвен крст.
Дебар - По повод Православна Нова година, деца суројчари во Дебар ја продолжија вековната традиција, карактеристична за овој крај.
Среќна и бериќетна година годинава посакаа Дарко, Иван и Дамјан.
Тие ги посетија православните домови, пеејќи „сура, сура година, до година повесели“, а за убавите и искрени детски желби домаќините ги даруваа со пари и слатки.
Некогаш, кога во градот живееле голем број православни имало по повеќе групи, со по десеттина деца, последните години традицијата ја продолжуваат само неколку дечиња.
- Многу и се радувам на посетата на децата суројчари, кои кога доаѓаат на врата го развеселуваат домот. Фала му на Бога што продолжува традицијата, вели Јованка Василевска, која ја наближува осмата деценија од животот.
Објаснува дека суројцата, која главно ја прават бабите, но и мајките, направена е од страк од лозница, гранчиња од леска, дрен, даб и босилек заврзани со црвен конец.
Делчево - Во делчевското село Ѕвегор и годинава продолжи обичајот под маски „Ѕвегорска Сурова“. Според учесниците на настанот станува збор за доста стара традиција која се организира за Стара Нова Година - Василица. Кум на годинешниот настан е Никола Анастасовски, кој годинава со семејството е задолжен Ѕвегорска Сурова да помине во најдобар ред.
-Наше е да го органзиираме ручекот и вечерата за учесниците. Суровата завршува околу 17 часот, откако суроваскарите одат од куќа на куќа извикувајки го поздравот Сурова. Главна цел е да не ја откријат невестата, ако ја откријат завршува Суровата, вели Анастасовски.
Досега, како што вели, не се случило невестата да биде откриена, заради што годинава ја штитат околу 75 маскирани лица, кои учествуваат на годинешниот обичај.
-Јас ја претставувам маската белак, сите белаци се бориме да не ја откријат невестата. Годинава имаме околу 75 маски. На сите граѓани им посакуваме да е бериќетна годината, а ја користиме приликата сите после 17 часот сите да ги поканиме на завршната забава, на која ќе се избира кум за наредната година, додаде Анастасовски.
Пустец - Македонците во Албанија го прославија празникот Свети Василиј Велики, со кој се означува почетокот на Новата година според јулијанскиот календар.
Во секое македонско семејство ширум Албанија, во Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Поградец… домаќинките подготуваат пита или како што ја нарекуваат мазник со паричка. Се верува дека на оној кому ќе му се падне, во текот на годината ќе му се случуваат убави нешта.
Во Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник, синоќа се палеа василичарски огнови, се пиеше вино и топла ракија, се пееја песни.
Денеска, како и секој празник, најмасовно беше во црквата „Свети Василиј“ во Општина Пустец, каде со голема чест и духовна радост го одбележаа празникот која е патрон на овој божји храм.
Света Боженствена Литургија одржа отец Алексо Темелко, а по традиција и овој пат присуствуваше и Васил Стерјовски, претседател на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.
Прилеп - Околу 600 парчиња бурек денеска на Василица им беа поделени на прилепчани пред платото кај Градскиот саат. Во едно парче од нив е и среќната паричка за која се верува дека на тој што ќе ја најде ќе му донесе среќна и бериќетна година. На граѓаните им се делеа и топли напитоци.
Оваа манифестација која се одржува по четврти пат, е за зачувување на вековните традиции и обичаи за Стара Нова Година, Василица.
-Четврта година по ред, во духот на православната вера, општина Прилеп го реализира овој настан по повод Василица. Оваа традиција почнала уште во 4 век кога Свети Василиј Велики поделил лепчиња со златник и поради тоа се верува дека секој ќе го следи среќата. На Василица, денеска и општина Прилеп го празнува Свети Василиј. На граѓаните им се поделени околу 600 парчиња бурек. Во едно од нив е и среќната паричка. На оној што ќе ја најде, посакуваме да му донесе среќа, здравје и бериќет. Среќниот добитник очекуваме да се пријави, а од Општината ќе добие пригодни подароци, рече Ирена Стерјоска Локвенец, претседателска на Градскиот совет.
Локалната самоуправа манифестацијата ја организира со поддршка на бизнис секторот од Прилеп.
Скопје - Полициски службеници денеска лишија од слобода двајца скопјани барани со потерници, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи.
Во 5:10 часот на улицата „Алија Авдовиќ“, полициски службеници од Оперативен тим потраги и Единицата за интервентна полиција при СВР - Скопје го лишиле од слобода 48-годишниот Н.С., кој бил баран со централна потерница по наредба од Основен кривичен суд - Скопје за затворска казна од три години и два месеца за сторено кривично дело во врска со член 396 од КЗ - неовластено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи.
-Лицето ќе биде предадено на надлежната казнено-поправна установа, потенцираат од Министерството за внатрешни работи.
Крива Паланка - Градската библиотека „Кочо Рацин" што работи во рамки на Националната установа Центар за култура - Крива Паланка ги избра и ги награди најредовните читатели за 2024 година.
Традиционално, одбрани се три редовни читатели, членови на библиотеката што располага со книжен фонд од околу 45.000 единици.
-На почетокот на новата година, кога е време и на училишниот зимски распуст, учениците доаѓаат да изнајмат лектири, додека останатите читатели изнајмуваат белетристика и останата литература, ги доделивме благодарниците за тројцата најредовни читатели од претходната година. Симболични подароци и благодарници добија: Габриела Веселиновска од Општина Ранковце, Ирена Колевска и Дафина Илиевска, најмладата меѓу нив, од Крива Паланка, информира вршителот на должноста директор, Даниела Петровска.
Редовните читатели, како што рече Петровска, веќе вршат и обновување на членството, а во библиотеката кон крајот на минатата година набавени се и нови актуелни наслови за љубителите на книжевноста.
-Во завршната фаза од проектот за набавка на белетристика и лектирни изданија, подржан од Министерството за култура и туризам, во декември ги збогативме полиците на библиотеката со најнови белетристички изданија од еминентни издавачки куќи. Акцентот на набавката беше ставен на белетристика, што е најбарана од редовните читатели, но и на задолжителните лектири за основно и средно образование. Љубителите на пишаниот збор имат можност да ги читаат најновите наслови од издавачките куќи: „Сакам книги", „Бата прес милениум", „Матица македонска" и „Книгохоличари". Библиотеката не бележи драстично зголемување на читатели, но имаме редовни читатели кои со задоволство ја посетуваат и се задоволни од библиотечниот фонд од 45.000 библиотечни единици, додаде Петровска.
Велес- По повод раѓањето на Гоце Делчев - 4 февруари, Локалната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес распиша награден литературен конкурс за поетска или прозна творба на тема: „Моќта на книгата“. Конкурсот е во тек и ќе биде отворен до 29 јануари 2025 година.
На конкурсот во две категории можат да учествуваат ученици од шесто до деветто одделение од основните училишта од Општина Велес и Општина Градско и во втората категорија е наменет за средношколци од овие две општини.
Литературните творби треба да се напишани на литературен македонски јазик. Поетските творби треба да бидат до 16 стиха, а прозните од 250 до 300 реда.
Наградите ќе бидат доделени на 4 февруари 2025 година, во просториите на Библиотеката.