• среда, 15 јануари 2025

Муцунски: Доаѓањето на нова администрација на САД е значаен чин за нас, на нашата умешност е да го добиеме заслужениот фокус

Муцунски: Доаѓањето на нова администрација на САД е значаен чин за нас, на нашата умешност е да го добиеме заслужениот фокус

Скопје, 14 јануари 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вечерва изјави дека ќе биде дел од делегацијата која ќе ја предводи премиерот Христијан Мицкоски на инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон.

-Дефинитивно доаѓање на нова администрација на САД е значаен чин за нас. Мицкоски ќе ја предводи и нашата делегација таму, заедно со него ќе бидеме дел од многу формални и неформални активности како и самата инаугурација. Да ги афирмираме  нашите позиции со администрацијата во доаѓање, да продолжиме да ги негуваме тие добри и лични односи премиерот, јас и други чинители во Владата. Исто така и да го потврдиме и континуитетот којшто го очекуваме од американската надворешна политика, во однос на прашања поврзани со регионот, посветеноста кон европските интеграции, кон НАТО Алијансата, и сето она што за нас е значајно од гледна точка на европска и регионална безбедност и прашања кои како земја нас најмногу не засегаат, рече Муцунски, вечерва во гостувањето во Топ Тема на Телма телевизија.  

За последната посета во САД Муцунски појасни дека имал средби со лица кои се дел од транзицијата на претседателот и оти, вели, се внимателни некогаш во објавата на тие имиња поради доверливоста на работата и специфичноста која ја вршат, бидејќи се администрација во доаѓање. 

-Предноста на американскиот систем е што транзицијата е институционализирана, и веќе станува јасно кои лица добиваат одредени транзиции и имате со кого да контактирате. Остварив јас средба со лица кои ќе извршуваат одредени позиции во администрацијата во доаѓање, и тоа беше за нас битно. Во однос на нашиот регион и нашата држава гледам сериозен позитивен интерес од страна на администрацијата во доаѓање, потенцира Муцунски.

Тој оцени дека постои потреба од засилување на билатералните трговски односи со САД не само во делот на инвестициите, туку и во делот на увоз-извоз портфолиото на државата. Во овој дел смета дека со новата администрација, можеме да направиме позитивно поместување, земајќи ја предвид, вели, блискоста на премиерот Мицкоски со министерот за трговија, Хауард Лутник, кој беше во посета на земјава пред неколку месеци.

-Во делот на политичко - безбедносниот аспект кој ни е значаен, потребен ни е фокус и дополнителен стимул од САД за разбирање на предизвиците со кои се соочува регионот. Не потценувајќи дека и досега немало фокус, сметам дека сега релациите кои ги имаме како Влада заради поединците коишто се поставени на одредени високи позиции или кои очекуваме да бидат поставени на тие позиции во американскиот Стејт Департмент да се засили тој фокус кон нашиот регион. Ние тука имаме сериозна предност и да знаеме да ја искористиме. Ние како држава имаме историска позиција во администрацијата во доаѓање, но умешноста е да го привлечете вниманието за да се добие тој заслужен фокус што ние како држава и регион го заслужуваме. Имаме прашања кои се од сериозен економски, политички и безбедносен карактер, подвлече министерот Тимчо Муцунски.

Прашан во однос на деблокада на евроинтеграциите Муцунски вели дека пристапот е да бидеме најдобрата Влада пред граѓаните, но и во очите на нашите европски партнери во делот на испорачаните реформи.

-Нашиот пристап е да бидеме најдобрата влада пред граѓаните, но и во очите на нашите европски партнери во делот на испорачаните реформи и во усогласеноста со заедничката безбедносна политика на Унијата. Сакам Европската Унија да каже: „Оваа е владата што испорачува реформи“, но истовремено да изнајдеме рационално решение со Бугарија кое ќе гарантира дека по шест месеци нема да се вратиме на позиција каде тие повторно ќе најдат причини да ги блокираат нашите евроинтеграции, истакна Муцунски.

Во однос на актуелното расположение во Брисел во контекст на проширувањето и потребата од предвидливост на процесот, тој вели, го радува што реториката од чинителите во Брисел вклучува дијалог и изнаоѓање рационални решенија, а не само уставни измени – промена што, вели, „како Влада успеавме да ја иницираме во последните шест месеци.

Според него, суштината е во обезбедување предвидливост на патот кон членството во ЕУ, што може да се постигне преку уставни измени со одложена примена.

-Ако чинителите во Брисел имаат други идеи за предвидливост, отворени сме за дијалог, но преку консултации со експертската заедница, невладиниот сектор и јавноста, вели министерот Муцунски.

Тој подвлекува дека Владата нема да се однесува аматерски и парадерски, како што тоа било случај во минатото, туку ќе покаже професионален и стратегиски пристап.

-Треба да се бориме, но и да бидеме свесни за нашите силни страни – стратешката позиција на нашата држава и фактот дека Европската Унија не може да си дозволи уште една грешка во однос на нашата интеграција, вели Муцунски.

Во однос на решавањето на проблемот со Бугарија, Муцунски нагласи дека доколку се гледа низ призмата на лошата пракса од минатото, најдобро е тоа да се постигне со политичка влада која ќе има целосен легитимитет. 

Осврнувајќи се на измените на Законот за надворешни работи, тој подвлече дека тие предвидуваат професионализација на дипломатаија, и ги смета за историски според нивната суштина.

Во делот на именувањето на идните амбасадори, министерот посочи дека приоритет ќе биде пронаоѓањето на најдобрите можни кадри, било од ресорното Министерството, од академската или општествената заедница, кои во минатото се покажале како исклучителни професионалци што работат во интерес на државата. вг/цр/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан