• среда, 15 јануари 2025
МИА Радио флеш

14 јануари 2025 

Росоман - Пуштена е во употреба делницата Градско - Дреново, дел од експресниот пат Градско - Фариш, во должина од 15,5 километри. Вредноста на проектот е 37.500.000 евра, од кои 26.700.000 евра се обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра од Буџетот. Ширината на коловозот е 12.40 метри, има три клучки, кај Градско, Росоман и Дреново. 

- Експресниот пат, кој е дел од паневропскиот Kоридор 10, претставува повеќе од 15 километри модерна инфраструктура. Финансиран преку ЕУ грант во вредност од над 35 милиони евра, покрај националното ко-финансирање, oвој експресен пат ќе донесе опипливи придобивки и за граѓаните и за бизнисите, побрзо и побезбедно патување, како и подобра пристапност до останатите делови од овој витален коридор, што минува низ шест земји од Австрија од Грција, поврзувајќи ги сегашните и идни членки на ЕУ, поврзувајќи ја земјата со светот, порача евроамбасадорот Михалес Рокас.

Секој километар од овој пат, нагласи Рокас, придонесува кон амбицијата на земјава да ја зајакне својата внатрешна и регионална поврзаност.

Скопје - Пратеникот од СДСМ Миле Талески денеска изјави дека експресниот пат Градско - Дреново е над 92 проценти реализиран од владата на СДСМ. 

- Овој проект, вреден над 37 милиони евра, е дел од посветената работа на СДСМ во развојот на патната инфраструктура и подобрување на животот на граѓаните од овој крај, изјави Талески.

Како што напомена, владата на СДСМ ги завршила трите клучки кај Градско, Росоман и Дреново, четирите вијадукти, сите мостови, натпатници и потпатници, како и 98 проценти од поставениот асфалт.

Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска се сретна со специјалниот претставник на Норвешка за Западен Балкан, Ерик Матиасен. Двајцата соговорници ги поздравиле одличните политички односи и пријателство, нагласувајќи дека тие се допoлнително зајакнати и преку членството во НАТО.

На средбата, како што соопштија од Собранието, присуствувала и нерезидентната норвешка амбасадорка, Кристин Мелсом.

Атина – Претседателот или претседателката на државата треба да биде личност која обединува и зрачи со авторитет, a обединувачки личности кои зрачат со авторитет постојат во сите политички простори: во централно-левичарскиот, во централниот и во централно-десничарскиот, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис за грчката телевизија ЕРТ во однос на кандидатот за претседател на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис потсети дека грчкиот премиер најави дека владиниот предлог за претседател ќе го соопшти во втората половина на јануари, „што значи дека сме блиску“ и дека одлуката на Мицотакис нема да задоцни.

Грчкиот премиер утре ќе се сретне со претседателката Катерина Сакеларопулу во рамките на нивните редовни месечни средби, но овој пат во Грција се толкува поинаку, со оглед на тоа дека истекува петгодишниот мандат на шефицата на државата.

Братислава - Словачките опозициски партии ќе бараат гласање недоверба на владата на премиерот Роберт Фицо, изјави денеска лидерот на најголемата словачката опозициска партија „Прогресивна Словачка“ , Мичел Симечка, цитиран од британските медиуми.

Барањето за недоверба се поднесува откако премиерот Фицо минатиот месец отпатува во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин.

-Роберт Фицо ја заборава Словачка. Наместо да биде во својата земја и да работи на решавање на проблемите, тој патува низ светот и им се поклонува на диктаторите, рече Симечка  на прес-конференција.

Варшава - Полскиот премиер Доналд Туск вчера изјави дека ќе соработува со сојузниците на воведување правни мерки за да се запре движењето на бродовите низ Балтичкото Море во водите кои не припаѓаат на ниту една земја.

Земјите-членки на НАТО најавија дека ќе распоредат фрегати, патролни авиони и поморски беспилотни летала во регионот за да помогнат во заштитата на критичната инфраструктура и да го задржат правото да преземат акција против бродовите за кои постои сомневање дека претставуваат закана за безбедноста.

Во меѓувреме, Туск, исто така, негираше дека добил информации поврзани со информации што се појавија претходно во текот на денот во полските медиуми дека брод од руската „флота во сенка“ кружи по подводен гасовод во Балтичкото Море.

Женева - Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Волкер Турк денеска пристигна во главниот град на Сирија, Дамаск, што е негова прва посета на таа земја.

Турк ќе престојува во Сирија и Либан од денеска до 16 јануари, каде ќе се сретне со официјални претставници, претставници на граѓанското општество, дипломати и тела на ОН, соопштија Обединетите нации, без да наведат дополнителни детали.

Поранешниот сириски претседател Башар ал Асад беше соборен од власт минатиот месец со офанзива на бунтовниците, со што заврши 50-годишното владеење на неговото семејство. 

Брисел – Заробувањето на севернокорејски војници во Украина од страна на украинските сили е само уште еден факт дека Русија ја продлабочува воената соработка со Северна Кореја и е многу јасна порака дека таа е неискрена во најавите за какви било преговори и дека не е заинтересирана за мир, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер. 

- Напротив, Русите очајно бараат помош за своите нелегални активности, вклучително и од актери кои долгорочно сериозно ги нарушуваат глобалниот мир и безбедност, изјави Хипер. 

Според неа, ваквата соработка меѓу Москва и Пјонгјанг не само што резултира со страдање на украинскиот народ, туку претставува и закана на безбедноста на Европа. 

Брисел – Досега не е договорена никаква средба или телефонски разговор меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и новиот американски претседател Доналд Трамп, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо. 

Таа нагласи дека веднаш по изборите во САД лани во ноември, Фон дер Лајен и Трамп имале телефонски разговор, но дека оттогаш немало никакви контакти меѓу нив. 

- Секако, се разбира, дека комуницираме за да обезбедиме да се оствари контакт што е можно поскоро, штом новата (американска) Администрација стапи на должност, додаде Пињо. 

На дополнително прашање дали „Фон дер Лајен побарала средба со Трамп, но тој одбил“, Пињо одговори дека немало лично барање од претседателката на ЕК, но дека „идејата е да се побара контакт со новата Администрација што е можно поскоро“. 

Брисел – Европската Унија е длабоко загрижена од одлуката на САД за дополнително ограничување на извозот на напредни чипови за вештачка интелигенција и смета дека тоа ќе има потенцијални негативни ефекти, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.  

- Потсетуваме дека ние претставуваме силна економска можност за САД, а не безбедносен ризик, нагласи Рение. 

Тој најави и дека Европската комисија за ова прашање планира да разговара со новата американска Администрација, со цел да се најде решение во заеднички интерес.  

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон за можноста за распоредување на западни трупи во Украина за да се заштити каков било мировен договор што ќе стави крај на речиси тригодишната војна со Русија.

Зеленски го изјави ова пред средбата во Киев со германскиот министер за одбрана Борис Писториус, кој заедно со министрите за одбрана на Франција, Велика Британија, Италија и Полска, допатуваа во ненајавена посета на Украина.

Макрон наиде на критики од другите западни лидери и дејствуваше изолиран на европската сцена, откако пред речиси една година рече дека постои можност за „распоредување на западни трупи во Украина“.

Келн - Судот во Келн, Германија, му забрани на супермаркетот „Алди“ да го продава чоколадото „Дубаи“, наведувајќи дека популарната закуска може да се вика така само ако е произведена во Обединетите Арапски Емирати.

Според странските медиуми, Судот одлучил дека познатиот германски супермаркет веќе не може да продава „Алијан Дубаи хендмејд чоколејт“ бидејќи производот всушност е произведен во Турција. Синџирот супермаркети тврдеше дека тоа е јасно наведено на задната страна на етикетата, но Судот пресуди оти името на производот може да ги доведе во заблуда купувачите, „дека производот всушност бил произведен во Дубаи“ и увезен во Германија. „Алди“ сепак има право на жалба.

Мадрид - Шпанија планира да воведе данок од 100 отсто на недвижен имот купен од нерезиденти од земји кои не се членки на Европската унија.

Премиерот Педро Санчез рече дека мерката е неопходна поради итната состојба со домувањето во земјата.

„Западот се соочува со одлучувачки предизвик да не стане општество поделено на две класи, богати сопственици и сиромашни станари“, рече Санчез.

Жителите од земјите кои не се членки на ЕУ купиле 27.000 недвижнини во Шпанија во 2023 година, не за да живеат во нив, туку за да заработат пари од нив.

Стокхолм - Повеќе од 150 добитници на Нобеловата награда и Светската награда за храна денеска објавија отворено писмо во кое нагласуваат дека се потребни многу поголеми инвестиции во истражување, производство и дистрибуција на храна за да се спречи глобалната криза со глад во наредните децении.

Во писмото се наведува дека околу 700 милиони луѓе денес се соочуваат со „несигурност во храната и очајна сиромаштија“, но доколку не се направат „невидени напори“ за производство на повеќе храна, многу повеќе луѓе ќе бидат во таква ситуација, а сето тоа порано отколку подоцна климатски промени, војни и пораст на населението.

-Колку и да е тешко и непријатно да се замисли, човештвото се движи кон ситуација во која до средината на векот несигурноста во храната ќе биде уште поголема, а светот уште понестабилен отколку што е денес, се вели во писмото потпишано од 153 добитници на двете награди.

Вашингтон - Детето ја наследува својата интелигенција од мајката, според новите научни истражувања, пренесува српскиот портал „Задоволна“ (Zadovoljna).

Хромозомот е наследен фактор во нашите клетки којшто ги пренесува гените на родителот во неговите / нејзините потомци. Жените имаат XX-хромозоми, а мажите имаат XY-хромозоми. Според научните сознанија, нашата интелигенција доаѓа директно од многу Х-хромозомите. Со оглед на тоа што мајката има два такви хромозома, веројатноста дека интелигенцијата се наследува од мајчината страна е двојно поголема.

Хромозомите на мајката, инаку, не се единствениот фактор што им помага на децата да станат поинтелигентни. Блиското поврзување и мајчинската љубов, се вели, исто така, значително влијаат на развојот на мозокот.

Џакарта - Индонезија планира да донесе регулатива со која би била одредена минимална старосна граница за пристап до социјалните мрежи поради заштита на децата, изјави индонезиската министерка за комуникации Меутја Хафид.

Таа не прецизираше колкава ќе биде минималната старосна граница за пристап до социјалните мрежи.

Хафид рече дека разговарала за плановите со индонезискиот претседател Прабово Субианто и дека тој и дал поддршка за заштитата на децата во дигиталниот простор.

Пекинг - Не постои судир на фундаментални интереси или геополитички судири меѓу Кина и Европската унија (ЕУ), што ги прави партнери кои можат да придонесат за заеднички напредок, рече денеска кинескиот претседател Си Џинпинг за време на телефонскиот разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

„Кина и ЕУ немаат фундаментални судири на интереси или геополитички противречности, тие се партнери кои заедно постигнуваат успех“, истакна Си Џинпинг.

Истакнувајќи дека Кина останува посветена на висококвалитетен развој и отворање на високо ниво, тој посочи дека тоа ќе донесе нови можности за соработката меѓу Кина и ЕУ.

Остани поврзан