
15 јануари 2025
Скопје - Оваа 2025 година одбележуваме, за жал, еден многу неславен јубилеј, 20 години од стекнување на кандидатскиот статус. Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на денешниот работен појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија акредитирани во земјава.
-Сите сме целосно свесни за сложените геополитички предизвици со кои се соочува Европа, но и светот. Во време на извесности европската интеграција на Западниот Балкан претставува геотстратешка неопходност, која ќе придонесе за зајакнување на мирот, стабилноста и безбедноста на континентот. Ние ќе продолжиме со својата улога како конструктивен партнер, и пример во регионот, посветени на градење на добрососедски односи и регионална соработка. Ве уверувам дека нашиот фокус како Влада ќе биде уште посилно завртен кон спроведување на реформите во клучните области како владеењето на правото и правосудството, посветена и неселективна борба против коруцијата особено онаа од висок профил, унапредување на ефикасноста на институциите, реформата на јавната администрација и секако зајаканување на економските капацитети на државата, рече Муцунски.
Скопје- Министерството за економија и труд информира дека денеска завршува акцијата „Новогодишна кошница“, која почна да се спроведува од 15 декември 2024 година. „Новогодишната кошница“ беше креирана на предлог на бизнисот со поддршка на Министерството за економија и труд.
- Главната цел на „Новогодишната кошница“ која беше креирана од бизнисот, односно производителите, дистрибутерите и трговците, беше да се креира поширока листа на одделни прехранбени производи кои што се ставија со намалени цени на рафтовите. Со неа се спречи зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржа стабилно ниво на инфлацијата во декември 2024 и јануари 2025 година, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка, стои во соопштението.
На листата на производи, како што е објавено и на веб-страната „Моја кошница“ што Министерството за економија и труд ја креираше токму за оваа акција се вклучија 1178 производи од 96 производители и дистрибутери, се вклучија 51 маркети, а акцијата се применуваше во 762 продажно место.
Скопје - На Клиника за ортопедија изминатово деноноќие извршена е втора успешна трансплантација со коска од починат донор, соопшти Министерство за здравство.
Трансплантацијата е извршена на 19 годишен пациент за корекција на деформитет на стапало како резултат на церебрална парализа.
- Во минатото корекција на деформитет се правела со користење на дел од надворешната коска на потколеницата која се земала од пациентот. Притоа се појавувал дефект кој тешко се корегирал. Со користењето на коска од кадавер, оперативниот зафат трае многу пократко и не остава дефект на друго место кај пациентот, а и корекцијата е многу постабилна, се наведува во соопштението.
Екипата која ја извршила трансплантацијата ја предводел проф. д-р Зоран Божиновски со анестезиологот д-р Лилјана Ангелеска и асистенти д-р Теодора Божиновска и Кристина Јордановска, заедно со средно-медицинскиот кадар Менче Дојчиновска и Оливера Лазаревска.
Скопје - Платите на 70 отсто од вработените во министерството се под просечната плата во Република Северна Македонија, а разликата со платите на вработените на истите позиции во државните органи кои го добија додатокот на основна плата, е 30 проценти, рече денеска Бранко Костовски, претседател на Синдикална организација при Министерството за култура и туризам на УПОЗ, на протестот пред Министерството за култура.
Тој додаде дека си овој протест, го изразуваат незадоволството од, како што истакна, недостоинствено ниските месечни примања на вработените во Министерството. Притоа појасни дека Синдикалната организација при Министерството за култура и туризам пред повеќе од две години изготвила предлог текст на колективен договор, кој предвидувал објективно и коректно покачување на платите на вработените, во висина од 30 проценти, исто како и за вработените во Министерството за финансии, Министерството за одбрана, Генералниот секретаријат на Владата на РСМ, СОЗР, Управата за јавни приходи, Царинската Управа, Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј".
Скопје - Секој обид од страна на Владата или политичките партии, да докажат дека има политика во протестите или работата на Синдикатот, ќе им биде залуден, нагласи попладнево на протестот пред Министерството за култура, претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
- Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на протестите на вработените, бидејќи имаа седум години да го решат овој проблем, но, наместо решение, направија сѐ што можат, да го забранат колективното договарање, па дури беа и првата влада, што поништи колективен договор. И да ја поправам вчерашната изјава на Владата, бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со некој друг синдикат. За потсетување, Синдикатот на УПОЗ само во 2022, 2023 и 2024 година, има организирано три штрајка и најмалку 20 протести, од кои на протестот во месец декември 2023 година, над 5.000 вработени од управата и правосудството, излегоа на улица и побараа достоинствени плати за живот, истакна Деаноски.
Тој додаде дека нивните барања биле исти со години наназад.
Скопје- Монетарното затегнување од страна на централните банки одигра битна улога во контролирањето на инфлацијата, иако таа не беше стандарден монетарен феномен, туку одраз на повеќе фактори, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во својата дискусија на гувернерската панел-дискусија на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на Инвисо (конференциите на „Еуромани“), кој се одржува во Виена, Австрија, информираат од Народната банка.
Таа посочила на клучната улога на политиките и посветеноста на централните банки за враќање на ценовната стабилност, особено преку значителното стабилизирање на инфлациските очекувања.
Говорејќи на панел-дискусијата на тема „Централните банки по бурата“, на која учествувале и гувернерите на централните банки на Ерменија, на Молдавија и на Грузија, гувернерката посочила дека емпириските студии ја потврдуваат значајната улога на затегнувањето на монетарната политика во процесот на намалување на инфлацијата.
Скопје - Забрани за тешки товарни возила од превентивни причини има на следниве патни правци, крак Маврово - Дебар и Струмица – Берово. Се известуваат сите сопственици на возила на патниот правец ски-центар Маврово-Бунец преку Никифорово и Леуново да ги отстранат возилата поради непречено работа на екипите на Ј.П. Македонијапат.
Забраната за тешки товарни возила на патниот правец Тетово - Попова Шапка е укината во 11,20 часот.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на нашите дежурни екипи.
ЈП Македонијапат, велат оттаму, со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата.
Скопје - Времето до крајот на денот претежно облачно и студено наместа со повремен слаб снег. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5 степени, информираат од УХМР.
Во Скопје претежно облачно, тивко и студено со услови за провејување на слаб снег. Температурата ќе биде до 4 степени.
Според синоптичарите, времето утре ќе се задржи променливо облачно и студено време наместа со услови за провејување на слаб снег. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на слаба магла.
- Од петок ќе преовладува стабилно време со пораст на дневните температури. Утринските температури насекаде ќе бидат под нула, а наместа ќе се спуштат и под -10 степени. По котлините ќе има појава на магла и пониски дневни температури, известуваат од УХМР.
Брисел - Европската комисија денеска претстави Акциски план на ЕУ за зајакнување на кибер безбедноста на болниците и здравствените установи, со што треба да се создаде побезбеден и посигурен амбиент за пациентите и медицинските работници.
Извршната потпретседателка на Еврокомисијата за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен при презентацијата на Планот нагласи дека модерното здравство направи неверојатен напредок со дигиталната трансформација, со што се подобри здравствена заштита на граѓаните.
- За жал, здравствените системи, исто така, се предмет на инциденти и закани по кибер безбедноста. Затоа инициравме Акциски план за да се осигураме дека здравствените системи, институциите и поврзаните медицински помошни установи се отпорни на кибер напади, рече Виркунен.
Тел Авив- Најмалку 36 лица се убиени додека израелската војска продолжува да го напаѓа Појасот Газа и покрај широко распространетите надежи за договор за прекин на огнот во Катар, се наведува во денеска објавен палестински извештај.
Палестинска новинска агенција објави за десетици загинати и повредени во новите израелски операции низ различни делови на главно уништениот крајбрежен појас.
Во соопштението на израелската војска се вели дека во рок од 24 часа „погодила повеќе од 50 терористички цели низ Појасот Газа, вклучително и терористички ќелии, складишта за оружје, подземна инфраструктура, позиции против тенковски оган и воени структури на Хамас“.
Во текот на ноќта, воздухопловните сили нападнаа „командно-контролен центар“ лоциран во поранешна училишна зграда во Дарај Туфах, каде што беше присутен терорист „кој служел на централна позиција“.
Газа- Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека изминатиот ден биле извршени воздушни напади врз повеќе од 50 цели во Појасот Газа, а цел биле групи оперативци од милитантните групи Хамас и палестинскиот исламски џихад.
ИДФ соопшти дека целта на еден од нападите, кој беше извршен во текот на ноќта, бил истакнат терористички оперативец кој дејствувал од поранешна училишна зграда во градот Газа, објави Тајмс оф Израел.
Израелската војска не го објави неговиот идентитет ниту детали за неговата улога во милитантното движење.
Москва - Актуелниот американски претседател Џо Бајден, во својот проштален говор, посветен на прашањата за надворешната политика, раскажа како и кому САД му наштетиле, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Со што се пофали Бајден. Која беше главната работа што ја направи за време на неговиот мандат, што му ја презентираше на американскиот народ и на целиот свет? Кое е неговото главно достигнување за четири години? Тој зборуваше за тоа како САД им нанесоа штета на другите земји“, рече Захарова.
Таа го спореди говорот на Бајден со прес-конференцијата за резултатите на руската дипломатија во 2024 година што ја одржа министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и ги нагласи разликите во пристапите кон надворешната политика.
Менло парк - Технолошката компанија Мета, сопственик на Фејсбук, Инстаграм и ВатсАп, најави дека ќе отпушти околу пет отсто од вработените со најниски резултати во компанијата, а нејзиниот извршен директор Марк Цукерберг им кажа на вработените во интерен меморандум дека 2025 ќе биде „интензивна година“.
Според извештајот за последниот квартал, Мета вработила околу 72.000 луѓе, така што намалувањето на работните места за пет проценти ќе влијае на околу 3.600 лица.
Засегнатите вработени ќе бидат известени до 10 февруари.
„Одлучив да ја подигнам границата на управувањето со перформансите и побрзо да ги исфрлам оние со слаби перформанси“, рече Цукерберг.
Дoдома- Осум лица заразени со вирусот Марбург починаа во северозападниот регион Кагера во Танзанија, објави Светската здравствена организација (СЗО).
Здравствената агенција на Обединетите нации соопшти дека ги информирала земјите-членки, преку својата веб-страница за избувнувањето на епидемијата на вирусот Марбург во регионот Кагера во Танзанија и дека ризикот од натамошно ширење на смртоносната болест во земјата и регионот е висок.
„Нa 10 јануари, СЗО доби веродостојни извештаи од извори во земјата за сомнителни случаи на вирусот Марбург во регионот Кагера во Обединетата Република Танзанија. Шест лица се пријавени дека биле заразени, од кои пет починале. Од 11 јануари 2025 година, девет сомнителни случаи, вклучително и осум смртни случаи, се пријавени во две области - Бихарамуло и Мулеба“, се вели во соопштението на СЗО.
Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика сите земји да ги „држат рацете подалеку“ од Сирија, бидејќи Турција има капацитет и способност да ги уништи сите терористички организации во земјата, вклучително и курдската милитантна група и Исламската држава.
За време на говорот во Парламентот, Ердоган рече дека курдската милитантна група ЈПГ е најголемиот проблем во Сирија по соборувањето на поранешниот претседател Башар ал Асад.
Тој додаде дека групата „ќе го дочека својот крај“ доколку не го остави оружјето.
Рим- Злоупотребата на децата е ужасно злосторство, изјави денеска папата Франциск.
„Злоупотребата врз малолетниците, без разлика на нејзината природа, е одвратен грозоморен чин. Тоа не е само чума на општеството, тоа е злосторство. Тоа е многу тешко кршење на Божјите заповеди. Ниту едно малолетно дете не треба да трпи злоупотреба. Затоа, неопходно е повторно да се разбуди совеста, да се биде близок и да се покаже конкретна солидарност со малтретираните деца и тинејџери, а во исто време да се изгради доверба и синергија со оние кои работат на тоа за да понудат безбедна средина во која децата можат да растат во мир, рече понтифот.
Приштина – Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља денеска потврди дека сите „паралелни институции поврзани со Србија“ во земјата се затворени, јави Анадолија.
Денеска се затворени „паралелните општини на Србија“ во Липјан, Обилиќ, Приштина, Косово Поле, Вучитрн, Ново Брдо, Каменица, Витина, Ораховац, Скандерај, како и илегалната пошта и даночната канцеларија.
„Со заедничка акција на МПБ и ПК, како и МИНТ и МАПЛ, се завршува ерата на српските општини и паралелните криминални институции во Република Косово, напиша Свечља на Фејсбук.
- Како што ветивме, нема да дозволиме никаква паралелна, а особено криминална активност на Србија што би го загрозила Уставот и правниот поредок во нашата земја, додаде тој.