• сабота, 22 февруари 2025
МИА Општински пул

Кочани – Локалната самоуправа на Зрновци објави оглас за продажба на градежно земјиште во државна сопственост со кој на инвеститорите им нуди вкупно 21 градежнa парцела, во сите три населени места во општината.

Вкупната површина на земјиштето што е предмет на продажба изнесува околу два хектара, а доколку се продадат сите градежни парцели Општината очекува да оствари приход од најмалку 1,3 милиони денари. Парцелите што се нудат се за изградба на објекти за индивидуално домување, при што девет се во Зрновци, седум во Видовиште и две во Мородвис.

Градежното земјиште се продава со јавно наддавање, а со оглед што станува збор за мала и рурална општина, од Локалната самоуправа нагласија дека ќе се остварат дополнителни приходи на буџетската сметка што ќе овозможат услови за економско раздвижување на локално ниво.

-Огласот за продажба го објавуваме по пауза од неколку години, со оглед што во изминатиот период граѓаните покажаа зголемен интерес за изградба на сопствени куќи, а има и заинтересирани инвеститори за стопански објекти. Парцелите што ги нудиме се со различна површина, од близу 160 до над 5.500 квадратни метри. Исто така, различна е катноста на објектите што  можат да се градат, односно на 4 парцели во Зрновци предвидено е да се градат објекти со приземје и два ката, додека останатите се за приземје, два ката и поткровје. Локациите и условите за купување се поволни, односно изнесуваат по 61 денар од квадрат, поради што очекуваме успешна реализација на продажбата, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Битола - Јавната општинска установа Дом за стари лица ,,Сју Рајдер“ Битола чија дејност е сместување на стари, изнемоштени и хронично болни лица во рамки на својата дејност и своите просторни капацитети ќе воведе нова социјална услуга, Дневен центар за дневно згрижување на стари лица.

Според Марина Крстиќ, директорка на ЈОУ Дом за стари лица „Сју Рајдер“ обезбедувањето квалитетни и достапни услуги од социјална заштита ce едни од главните цели на сите системи за социјална заштита со широк спектар на пристапи во обезбедувањето услуги од социјална заштита за корисниците.

-Социјалната услуга Дневен центар за дневно згрижување на стари лица ќе стартува откако ќе биде обезбеден кадар и се донесат потребните одлуки и согласности од надлежните институции за работа. Првата одлука ја донесе Советот на Општина Битола и со тоа отворен е патот за следни активности. Во следниот период низ соодветна процедура и апликација очекуваме согласност за работа да добиеме и од Министерството за социјална политика, демографија и млади и на тој начин да се овозможи реализација на нашата идеја, изјави за МИА, Крстиќ.

Скопје - Општина Ѓорче Петров и Министерството за социјална политика и демографија и млади потпишаа договор за изградба на нова детска градинка во населено место Дексион. Според најновите информации на Општина Ѓорче Петров, оваа инвестиција, која изнесува 82 милиони денари, ќе обезбеди простор и услови за 120 деца од општината.

Градинката ќе биде изградена на површина од 900 м² и ќе понуди современи услови за раниот развој и подготовка на децата за училиште. Проектот е дел од одлуката на Владата да се доделат средства за капитални инфраструктурни проекти, а се спроведува со поддршка на Министерството за социјална политика и демографија и млади, известуваат од општината.

Штип - Во првото полугодие на учебната 2024-2025 година од петте основни училишта се имаат испишано 30 ученици, покажуваат анализите на Секторот за образование во Општина Штип.

Раководителката на Секторот за Локален економски развој (ЛЕР) и образование во Општина Штип, Снежана Санева денеска изјави дека мора да се потенцира дека има и 21 ученик, кои се новозапишани во основните училишта.

-Тоа значи дека немаме големо намалување на ученици во основните училишта, а што се однесува до тоа каде заминуваат учениците, за 12 имаме податок дека се заминати надвор од државата, со своите семејства, вели Санева.

Анализите на Секторот за ЛЕР и образование во Општина Штип покажуваат дека во три средни училишта има испишување, но и запишување на нови ученици.

Тетово - Од печат излезе публикацијата „Споменици и спомен обележја во Тетово и Тетовско од периодот на преродбата и Народно-Ослободителната Војна“ на Националната установа Музеј на тетовски крај. Ова книга е дело на стручна екипа, виш кустос Кристина Томовска-Ристовска и виш кустос Сашко Николоски кои ги евидентирале и фотодокументирале сите спомен обележја од Тетово и тетовско.

Во предговорот на публикацијата авторите посочуваат дека со оваа публикација сакаат да ја запознаат пошироката јавност со фондот на споменичните одбележувања во Тетово и тетовско.

Спомениците на НОБ се витален дел од културното наследство и колективната меморија на градот Тетово. Овие споменици служат како врска помеѓу минатото и сегашноста и ја отсликуваат борбата на жителите од овој крај за време на Народноослободителната војна. Градот Тетово има богат фонд на споменици и спомен обележја со кои се промовира и презентира историското минато на овој крај. Во Полошкиот регион постојат многу спомен обележја кои се од посебно значење за историјата на Македонија. Овие споменици служеле како потсетник за борбата на градот и неговиот придонес за ослободување на земјата. Но, по распадот на Југославија и воведување на либералната демократија и капитализмот во Македонија спомениците на НОБ беа оставени на заборавот на времето. Многу од нив биле запоставени и заборавени, а нивната состојба се влошуваше со текот на времето. Заради континуитетот на зачувување, одржување и презентирање на овие паметници од нашето поблиско и подалечно минато, НУ Музеј на тетовскиот крај – Тетово направи сеопфатно истражување на спомениците, велат авторите во предговорот на публикацијата.

Кавадарци -  Унгарски истражувачи го истражуваа македонскиот обичај ,,Џоломари". Целта на теренската работа беше да ги набљудуваат и истражуваат македонските традиционални зимски машки обредни поворки. Резултатите од истражувањето ќе бидат објавени во бројни публикации, вклучувајќи илустрирана англиска публикација и научни трудови во реномирани списанија. 

Професор Родна Величковска, етномузиколог - истражувач на македонскиот музички фолклор, која даде стручна поддршка на меѓународната група од Унгарија и се придружи во нивното истражување, денеска информираше за МИА, дека станува збор за истражувачи, студенти на докторски студии при Универзитетот во Дебрецин и Arts and Research Ltd, кои ја посетиле Република Северна Македонија од 10 до 15 јануари. 

На посетата и претходела подготовка за истражување. Истражувањето и соработката беа претходно подготвени преку е-курс, на кој студентите на докторски студии и истражувачи, се запознаа со литературата поврзана со историјата на џоломаството и ги формулираа нивните истражувачки прашања и цели за теренската работа.

 - Тимот составен од студенти на докторски студии и истражувачи, предводен од професорот Елек Барта и професорката Ана Марија Боља, најпрвин пристигнаа во Скопје. Професорката Ана Марија Боља е признат истражувач на македонската култура, која  ја има одбрането својата докторска дисертација за различните празнични обичаи во Македонија. Со неа се придружија и студентите на докторски студии од Универзитетот во Дебрецин и од Универзитетот „Иштван Сечењи“. На првиот ден од посетата, истражувачите се сретнаа со професорот Љупчо Ристески,  професорката Инес Црвенковска, како и со мене, при што се дискутираше за македонските традиционални маскирни обичаи, обредни поворки. Следниот ден тимот се пресели во Кавадарци, каде што одржав предавање за македонските традиционални машки обредни поворки, појасни Величковска. 

- Продолжуваме со реализација на проектите за подобрување на условите за нашите најмлади. Оваа детска градинка е уште едно исполнето ветување кон граѓаните на Општина Ѓорче Петров, а нашата посветеност на раниот развој на децата ќе продолжи и во иднина, истакна градоначалникот Александар Стојкоски.

Од општината известуваат дека паралелно се реализираат и други проекти во оваа област. Во тек е изградбата на детска градинка во населено место Стопански двор, а започнати се подготовки за нови градинки во Александрија и Ново Село.

Скопје - ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје информира дека од јануари до декември 2024 година отстраниле вкупно 22 194 кубни метри отпад од голем број диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

-Дивите депонии се создаваат како резултат на несовесното и непрописно одлагање отпад на јавни или сообраќајни површини со што директно се загадува животната околина и се загрозува јавното здравје. Најмногу диви депонии во текот на 2024 година се расчистени во општините
Чаир, Ѓорче Петров и Аеродром, каде е констатирана и најчеста појава на таканаречени „црни точки“ – локации каде во рамки на подолг временски период е забележано континуирано непрописно одлагање отпад, се вели во соопштението.

Струмица - Иницијативите на Општина Струмица и функционирањето на Локалниот совет за превенција се објавени во публикациите на Светската мрежа на силни градови (City Spotlight), соопштија од локалната самоуправа.

Ова доаѓа по Петтиот глобален самит на Мрежата на силни градови којшто се одржа од 3 до 5 декември лани во Кејп Таун, Јужна Африка.

Како што информираа од Општината, во публикациите се наведува дека Струмица е посветена на поттикнување на кохезијата во заедницата за да се спречи маргинализацијата на малцинствата и другите ранливи групи.

-Централно место во овој напор е концептот „Струмица-грижлив град“, кој дава приоритет на потребите на граѓаните во социјален ризик и го промовира социјалниот развој преку низа услуги. На пример, општината започна проекти преку своите Програми за социјална заштита, чија цел е да го подобри животот на ранливите групи, фокусирајќи се на социјалната, детската и здравствената помош. Водечка иницијатива е Проектот за социјално домување за ранливите заедници, кој обезбедува домување за над 100 турски и ромски семејства. Овој проект, кофинансиран од општината и националната влада, вклучува развој на социјална населба, вклучувајќи подобрувања на инфраструктурата и изградба на нови станови, преку консултации и партиципативно одлучување со засегнатите заедници, стои во публикацијата, каде покрај овој пример се наведуваат и многу други од работењето на Општината во областа на превенцијата.

Штип - Општина Штип почна да изготвува нови решенија за данок на имот за 2025 година, а овој данок домаќинствата и фирмите треба да го платат на сметката на општината. Драган Каров од Одделението за даноци во Општина Штип денеска изјави дека дистрибуцијата на новите решенија на данок на имот ќе почне за 15 дена или во февруари.

-Во претходната година сме доставиле 17.930 решенија, а годинава Одделението ќе испорача околу 18.300 решенија за данок на имот. Лани очекуваниот износ за прибирање на средства од данок на имот бил 54 милиони денари, а сега општината планира да собере по основ на данок на имот на физички и правни лица 60 милиони денари, вели Каров.

Тој ги повика граѓаните до 31 јануари, какошто е и законскиот рок да извршат ажурирање на своите податоци, на промените на недвижниот имот, доколку имале во текот на 2024 година. Посочува дека ова е со цел доставените решенија за данок на имот да бидат точни. Со цел решенијата да се доставуваат и во електронска форма, Каров апелираше до граѓаните и фирмите на шалтерите во едношалтерскиот систем да достават и мејл адреса.

Куманово - Претставниците на Командата на Бригадата за Југоисточна Европа (South-Eastern Europe Brigade-СЕЕБРИГ) со седиште во Куманово, денеска донираше опрема за домот за стари лица „Зафир Сајто“ од Куманово. Опремата дефибрилатор е наменета за корисниците на домот, стари и немоќни лица.

-Ние можеби не можеме да направиме се за секого, меѓутоа можеме да направиме нешто за некого и токму поради тоа сме денес тука како претставници на СЕЕБРИГ да направиме нешто за возрасните луѓе коишто престојуваат во домот за стари лица „Зафир Сајто“. Донацијата е можеби мала, но како што кажала и самата мајка Тереза доколку не можете да направите голема работа направете некоја мала работа меѓутоа со многу љубов. И токму тука се шесте држави претставници на СЕЕБРИГ корисниците на домот за стари лица, искрено посакуваме никогаш да не треба да се искористи овој апарат меѓутоа доколку навистина биде неопходно го имате на располагање, изјави командантот на Бригадата, бригаден генерал Билбил Битри.

Куманово - Општина Старо Нагоричане лани издала дванаесет одобренија за градење, што е значително повисоки од останатите општини во североисточниот регион, соопшти денеска Државниот завод за статистика. Осум од одобренијата се за физички лица, а четири за деловни субјекти.

- Од 2020 значително е зголемен интересот за изградба на викендички во општината. Од 2023-та за 200 проценти се зголемени цените на парцелите кои се нудат за викеднички, особено покрај главните патишта, покрај реката во селата Стрезовце, Војник. Ако во минатото било по две евра сега се по десет, па и повеќе евра за метра квадратен, изјави заменик градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.

Заинтересираните за купување велат дека сакат мир и тишина која ја нуди природата во општината во североисточниот дел од државата. Купувачите велат дека има солидна патна инфраструктура, цените се на задоволително ниво, а добар услов е и што селата од Старо Нагоричане се во близина на Куманово. Во општината има 39 населени места, а особено позната е по археолошките наоѓалишта, културно-историските објекти, цркви, манастири, природни реткости и раритети.

Куманово - Општина Куманово денеска ги повика различните категории граѓани да поднесат барање за субвенционирање на трошоци за комуналии, сметки за вода и смет за тековната година.

Како што наведуваат од општината и годинава можат да аплицираат, стечајни работници кои не стекнале право на материјално обезбедување согласно Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, самохрани родители, згрижувачки семејства, деца без родители и родителска грижа, приматели на право на социјална сигурност за стари лица, односно лица со навршени 65 години возраст, лица со интелектуална попреченост, приматели на право на посебен додаток согласно Законот за детска заштита во којашто категорија на лица спаѓаат деца со специфични потреби кои имаат пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот.

Покрај лични документи, потребни се и други документи, сметки од јавните претпријатија „Водовод“ и „Чистота и Зеленило“, документација која го потврдува статусот на ранливите категории граѓани.

Неготино - Општина Неготино повикува волонтери за Европски младински олимписки фестивал, информираа денеска од Службата за односи со јавноста при  неготинската локална самоуправа. 

- Ни претставува особена чест да го поздравиме Македонскиот олимписки комитет, што,  како организатор на овогодинешното издание на ЕМОФ Скопје 2025 година,  ќе ја обедини младинската спортска елита од цела Европа. Фестивалот на едно место ќе обедини повеќе од 4000 учесници од 48 европски држави и регионот, голем број на домашни и странски гости како и повеќе од 900 волонтери, соопштија од Службата за информирање при Општината. 

Притоа посочија дека овој мулти - спортски олимписки настан е одлична можност земјава  да биде домаќин на младите спортисти од цела Европа и да го претстави својот младински спортски потенцијал, пред широката публика која го следи овој фестивал. 

Оттаму истакнаа дека со цел успешна реализација на фестивалските активности, потребна е и поддршката од најважниот сектор за секој настан - волонтерите. 

Куманово - ЈП „Чистота и зеленило“ и КПУ Затвор – Куманово потпишаа Меморандум за соработка, со цел организирање општокорисна работа за осудени лица, соопштија денеска од претпријатието.

Соработката има за цел да го поддржи ресоцијализацискиот процес на осудените лица преку нивно активно вклучување во активности кои придонесуваат за чистење и одржување на јавните простори во општината.

- Очекуваме наскоро да бидат ангажирани осудените лица и да помогнат во одржувањето на хигиената на повеќе локации на подрачјето на општината. Претходните искуства покажуваат дека бенефитот е одличен и за самите осудени лица, им помага во нивниот процес на ресоцијализција, но и за претпријатието, изјави директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски.

Соработката, нагласуваат од двете институции е во согласност со законските регулативи и се реализира со цел подобрување на условите за живот на заедницата, како и поттикнување одговорност и ангажираност кај осудените лица.

Остани поврзан