• понеделник, 24 март 2025
МИА Радио флеш

20 март 2025

Скопје – Загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска ќе бидат погребани. Во трагедијата што се случи во неделата рано наутро загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Погребните церемонии ќе бидат во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во село Облешево, додека погребите на други места од каде што има починати ќе бидат во различни временски периоди.  

Штип ќе се прости од петмината загинати во пожарот во дискотеката во Кочани. Граѓаните ќе можат да се простат со Дамјан Таневски и Филип Ивановски во Соборниот храм „Свети Никола“, со Филип Стевановски и Александар Коларов во црквата „Успение на Превета Богородица“ во штипско Ново Село, а со Александар Ефремов во црквата „Света Троица“ кај градската капела во Штип.

Граѓаните на  Пробиштип ќе се простат со тројцата свои сограѓани кои загинаа во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тоше Тодоровски полициски службеник со почести, ќе биде изложен во капела во 11 часот,  додека погребот е  во 13 часот на Градските гробишта. Телото на починатиот Матеј Марковски ќе биде изложен во капелата во 13 часот, а ќе биде  погребан во 15 часот на градски гробишта во  Пробиштип. Додеката телото на Никола Насевски ќе биде изложено во домот во село Добрево, а  погребот ќе се изврши во 17 часот. 

Членовите на бендот ДНК кои починаа во пожарот ќе бидат погребани денеска во Скопје и Струмица. Пејачот на бендот Андреј Ѓорѓиески, ќе биде погребан на градските гробишта Бутел, а членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска на гробиштата во Лисиче. Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев ќе биде на градските гробишта во Струмица.

Скопје - Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов апелира до граѓаните кои денеска во Кочани ќе оддадат почит на настраданите во пожарот, да не ја попречуваат погребната церемонија.  

Денес, како што нагласува, треба да ги оставиме најблиските, за последен пат, во тишина и плач, да си ги видат своите настрадани чеда.  

-Невозможно е, нехумано и непотребно, сите во исто време да пријдат околу телата на починатите. На родителите им треба утеха од најблиските кои претходно ќе влезат со нив. Но, тагата и болката на родителите, браќата и сестрите, роднините и другарите на настраданите е најголема, вели Ангелов.

Затоа, како што истакнува, денес да ги оставиме унесреќените родители, за последен пат, во тишина и плач, да си ги видат своите настрадани чеда. Да им оддадат почит, да постојат до нив пред да бидат положени во гроб.

Скопје - Сите новинари и медиуми  при известувањето за погребите на жртвите од пожарот во Кочани да се придржуваат кон етички принципи за  почитување на личната болка и достоинството, со избегнување сензационализам, објавување проверени информации и зачувување на баланс и непристрасност. 

Повикот го упатуваат Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), имајќи ја предвид чувствителноста на трагедијата и универзалните етички стандарди за професионално известување.

Владата, во координација со Министерството за внатрешни работи и во консултација со ЗНМ и со ССНМ изготвија протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите од трагичниот настан што се случи на 16 март во Кочани.

Скопје - Истрагата за несреќата во дискотеката во Кочани каде во пожар 59 лица го загубија животот, а околу 200 луѓе се здобија со тешки телесни повреди се проширува и досега се опфатени вкупно 26 лица.  Седум службени лица во СВР Штип и ПСОН Кочани се осомничени за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“ поврзано со издавање согласности за функционирање на дискотеката.

Со истражната постапка што МВР ја спроведува во врска со несреќата во Кочани досега се опфатени вкупно 26 лица, но, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вели тоа не е конечна бројка, односно дека како ќе тече истрагата ќе биде покрената истражна постапка против секое лице за кое ќе биде утврдено дека со постапување односно непостапување придонело да биде сторено кривично дело.

Скопје - Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, заедно со претставници од Министерството за здравство, го посетија Универзитетскиот клинички центар во Ниш, каде ги посетија повредените од пожарот во Кочани, сместени во таа установа.

Како што соопшти МЗ, тие оствариле средби со директорот на Клиничкиот центар, проф. д-р Перишиќ, и медицинскиот тим при што биле запознаени со состојбата на тројцата пациенти хоспитализирани во оваа установа.

Скопје - Полицијата синоќа привела двајца 18-годишници од Скопје кои запалиле огномет на роденденска прослава организирана во угостителски објект во Градскиот парк, со што не ја почитувале одлуката на Владата за седумдневна жалост поради трагедијата во Кочани.

-На 19 март 2025 околу 21.25 часот во СВР Скопје е пријавено дека во градскиот парк во Скопје има огномет и не се почитува одлуката на Владата за седумдневна жалост. Веднаш е постапено од страна на полициските службеници на СВР Скопје и утврдено е дека во угостителски објект во градскиот парк била организирана роденденска прослава, при што од страна на М.Ф. (18) и М.Ф. (18), двајцата од Скопје бил запален огнометот, информираат од МВР.

Скопје - Во знак на почит и сочувство по повод трагедијата во Кочани, Друштвото на ликовни уметници на Македонија ги одложува сите активности предвидени за овој период од годината.

-ДЛУМ изразува сочувство по повод големата трагедија каде животот го загубија многу млади животи. Во знак на почит ДЛУМ ги одложува сите активности и изложбата „Експериментален цртеж“предвидена за овој период од годината. Посакуваме сите заедно со заеднички сили да истраеме во болката на семејствата, се вели во денешната информација од ДЛУМ. 

Белград - Кај еден пациент повреден во пожарот во Кочани кој е на лекување во Воено-медицинската академија во Белград има подобрување на здравствената состојба и тој од Интензивна нега е префрлен на Клиниката за пластична хирургија, јави дописникот на МИА од Белград. 

Десет лица повредени во пожарот во дискотека во Кочани се хоспитализирани на ВМА од кои шест се на Интензивна нега. Нивната состојба е тешка и многу сериозна.

Анкара – Илјадници студенти синоќа се собраа во кампусот на Универзитетот во Истанбул поради притворањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу и покрај четиридневна забрана за јавни собири и протести до 23 март, со цел да се „одржи јавниот ред и да се спречат потенцијални провокации“.

Протестите уследија по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу и други високи членови на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП).

На Имамоглу му е одреден притвор во истрага за корупција. Обвиненијата против Имамоглу вклучуваат сомнение за членство во криминална организација, изнуда, поткуп, измама, местење тендери и помагање на забранетата терористичка група Курдска работничка партија (ПКК).

Брисел – Конкурентноста на ЕУ, последните настани поврзани со Украина и следните чекори во напорите за зајакнување на европската одбрана, ќе бидат главни теми на мартовскиот редовен Самит на Унијата, што започнува денеска во Брисел. 

Покрај ова, шефовите на држави или влади на членките на ЕУ ќе разговараат и за следната Повеќегодишна финансиска рамка (МФФ) на блокот за по 2027 година, за најновиот развој на настаните на Блискиот Исток и прашања поврзани со миграцијата. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во поканата до лидерите на земјите членки на ЕУ за учество на Самитот, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта порача дека континуираната поддршка за Украина, потребата да се инвестира во европската одбрана и конкурентноста на блокот се тесно поврзани прашања.  

Ерусалим - Израелската војска соопшти дека рано утринава пресретнала ракета истрелана од Јемен.

Сирени за воздушен напад се огласија во Тел Авив, Ерусалим и неколку други области на Израел.

„Ракета, истрелана од Јемен, беше пресретната од воздухопловните сили пред да навлезе во израелскиот воздушен простор. Во согласност со протоколот, активирани се сирените“, се вели во соопштението на израелската армија.

Портпаролот на Хутите во телевизиско обраќање изјави дека јеменските бунтовници истрелале балистичка ракета на аеродромот „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив.

Газа - Најмалку 10 луѓе загинаа ноќеска во Појасот Газа, во израелско бомбардирање на палестинска територија, објави Цивилната одбрана.

„Најмалку 10 цивили се убиени, а десетици се повредени во израелските воздушни напади рано утрово, кога се гаѓани шест куќи источно од Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа“, изјави портпаролот на Цивилната одбрана Махмуд Басал.

Израел вчера најави дека ќе ги интензивира воените операции како „конечно предупредување“ за жителите на палестинските територии доколку Хамас не ги ослободи израелските заложници.

Дамаск – Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска ќе ја посети Сирија, вторпат по соборувањето на поранешниот претседател Башар ал Асад.

Бербок се очекува утрово да пристигне во Дамаск на разговори со сириската преодна влада и претставници на граѓанското општество. Конкретни детали од посетата се чуваат во тајност поради безбедносни причини.

Посетата на германската министерка за надворешни работи е само две недели по жестоките судири во северозападна Сирија во кои загинаа стотици луѓе.

Лондон – Велика Британија денеска ќе биде домаќин на состанок на високи воени офицери од „коалицијата на подготвените“ за да се разработат плановите за предложената мировна мисија во Украина.

Состанокот, на кој ќе учествуваат претставници од над 20 држави, ќе се одржи зад затворени врати.

Високи воени офицери од земјите кои ја сочинуваат „коалицијата на подготвените“, предводена од Велика Британија и Франција, состанокот ќе го одржат во Заедничкиот штаб на Велика Британија во Нортвуд. Тие ќе разговараат како мировната мисија во Украина ќе функционира во пракса.

Техеран – Најмалку 21 човек загинаа, а 6.419 се повредени за време на прославата на иранскиот фестивал на огнот „Чахаршанбе Сури“. Меѓу повредените, 18 лица се во тешка состојба, а најмногу инциденти се регистрирани во провинциите Техеран, Источен и Западен Азербејџан.

Фестивалот почна синоќа со палење на огнови, пиротехнички средства и рачно изработени експлозивни направи.

Фестивалот на огнот се одржува пред персиската Нова година (Новруз) што го означува доаѓањето на пролетта.

Киев - Русија ноќеска го изврши својот „најголем напад во последниве години“ врз Кропивницки, град во областа Кировохрад, објави регионалниот гувернер Андриј Рајкових.

Според полициските информации, најмалку 10 лица се повредени, меѓу кои и четири деца. Неколку жртви се хоспитализирани. Еден од повредените, кој е во критична состојба, се здобил со изгореници на 90 отсто од телото.

Рајкових изјави дека над 20 руски беспилотни летала биле испукани врз градот во текот на ноќта, погодувајќи куќи и станбени згради. Во нападот е оштетена и железничката инфраструктура, а службите за итна помош во моментов работат на местото на настанот.

Москва - Руските сили синоќа соборија 132 украински беспилотни летала над руска територија, при што беа повредени најмалку две лица во нападите, соопшти руското Министерство за одбрана.

Во Саратовската област, на околу 700 километри југоисточно од Москва, пресретнати се 54 беспилотни летала, а во соседната област Воронеж пресретнати се 40 беспилотни авиони, се наведува во соопштението.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска планира да потпише извршна наредба со која се наложува затворање на американското Министерство за образование, изјави претставник на Белата куќа.

Овој чекор претставува исполнување на неговото предизборно ветување за елиминирање на оваа институција, која долго време беше мета на конзервативците.

Трамп често го нарекуваше Министерството за образование расипничко и под влијание на либералната идеологија. Сепак, конечното укинување е веројатно невозможно без акција од Конгресот, бидејќи министерството е основано во 1979 година со акт на Конгресот.

Киншаса – Претседателот на Демократска Република Конго, Феликс Чисекеди во интервју за „Фокс њуз“ истакна дека неговата земја е подготвена да биде партнер со САД во договор „минерали за безбедност“.

Тој наведе дека таквото партнерство ќе му овозможи на ДР Конго да ископува и преработува важни минерали во корист на американските компании, како и да ја зајакне својата одбрана и безбедност.

ДР Конго поседува големо рудно богатство, вклучително кобалт, литиум и ураниум. Но, земјата повеќе години се бори со бунтовниците од движењето 23 март (М23).

Остани поврзан