• петок, 28 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

 24 март 2025

Скопје - Северна Македонија ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра, од претфинасирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ,  од кои 24,4 за буџетска поддршка и веќе се уплатени на Министерството за финансии. 

- Пристигнаа средствата од претфинасирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ за земјава во вредност од 52, 4 милиони евра, односно седум проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка која за нашата земја изнесува 750 милиони евра. Оваа исплата е врз основа на барањето за предфинансирање за кое во ноември лани известивме дека како национален координатор за реформската агенда го потпишав и го доствавивме до ЕК. Со ова, Северна Македонија стана првата земја во регионот која ги доби овие средства откако претходно ги заврши правните процедури, а тоа значи дека Договорот за заем и Договорот за грант се веќе стапени во сила, информира денеска на прес-конференција министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Скопје - Локалните самоуправи треба да утврдат дали сите училишта на нивна територија имаат изработено Проценка на загрозеност од природни непогоди и други несреќи, План за заштита и спасување во кризни ситуации потврден од Дирекција за заштита и спасување и Правилник за заштита од пожари и експлозии, кој исто така треба да биде одобрен од Дирекцијата за заштита и спасување, соопшти Министерството за образование и наука.

МОН на 20 март се обратило до општините, кои се основачи и согласно процесот на децентрализација надлежни за работата на основните и средните училишта, за проверка на исполнетоста и почитувањето на безбедносните стандарди во училишните објекти.

Скопје -  Полската национална агенција за академска размена - NAWA известува дека во академската 2025/26 година реализацијата на билатерална соработка во областа на високото образование и науката од страна на Полска ќе биде спроведена во рамки на „Програмата за размена на студенти и научници како дел од билатералната соработка – понуда за дојдовни студенти и научници“. 

Како што објави МОН на својата веб-страница, според полската позиција во рамките на Берлинскиот процес, Полската национална агенција за академска размена ќе додели стипендии за македонски истражувачи и студенти за академската 2025/26 година, во вкупно времетраење од 20 месеци годишно за научно-истражувачка пракса и за едносеместрални студии, на универзитети и институции кои се во надлежност на министерот за наука и високо образование на Република Полска.

Скопје - Односите меѓу партнерите во коалицијата се стабилни. Јас сум фокусиран на работата во Министерството за здравство и ќе продолжам да работам и на 1, 2 и на 5 април, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари, одговорајќи на новинарско прашање, во врска со објавите на дел од медиумите дека тој ќе раководи со ресорот здравство до април.

-Јас утрово се разбудив со 50 пораки, со прашање дали давам оставка. Фокусиран сум на работата во Министерството за здравство. Односите меѓу партнерите во коалицијата се добри, стабилни. Јас продолжувам да ја вршам функцијата министер за здравство и на 1, 2 и на 5 април, рече Таравари.

Скопје - Во Министерството за социјална политика демографија и млади се потпиша Меморандум за соработка помеѓу Министерство и СИЗИГИЈА Скопје - Фондација за создавање екосистеми, иновации и трансфер на знаење за личен и деловен развој.

Со Меморандумот потпишан од министерот Фатмир Лимани и г-ѓа Сузана Трајковска Кочанковска од СИЗИГИЈА, Министерството изразува поддршка во активностите на фондацијата преку проектот „Црн лебед“ -  кој има за цел поддршка на  лица во ризик преку обезбедување на обуки за нивно вклучување во социјални претпријатија и креирање на  инклузивни работни места контекст на социо-економски претпријатија.

Скопје - Две лица починале, а еден малолетник е повреден во инцидент што утринава се случи во скопското село Волково. Повредениот малолетник е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. 

Министерството за внатрешни работи потврди дека случајот е пријавен во 9 часот и дека Р.Ц и М.Н. од здобиените повреди починале на самото место. Како можен сторител се посочува М.Н. 

Скопје - Во Националната опера и балет (НОБ) вечер ќе се изведе една од најпопуларните и најгледани балетски претстави за деца, „Петар Пан“. Претставата е од хуманитарен карактер, a собранитe средства од претставата ќе бидат донирани во фондот за настраданите и повредените во трагичниот настан во Кочани.

Кореографијата е на Џејмс Амар од Франција, а сценографијата и костимите се на Зоран Костовски и Марија Пупучевска. Во претставата настапуваат солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, кои ќе ја пренесат оваа возбудлива приказна на сцената.

Белград - Синдикатот во судството во Србија в среда ќе биде во целодневен штрајк со образложение дека се уште не се исполнети нивните барања за подобрување на финансиската состојба на вработените во правосудството,  јави МИА од Белград.

Синдикатот во соопштението посочува дека во меѓувреме на вработените во правосудството им се упатувани закани за задржување на дел од платата за времето поминато во штрајк, а „Министерството за правда не покажало ни најмала волја да разговара за изнаоѓање компромисно решение во однос на барањата“.

Атина – Во планински непрооден дел во јужниот дел на грчкиот остров Евија во текот на ноќта избувна пожар, а утрово е делумно ставен под контрола, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од Противпожарната служба на Грција, интервенираат 45 пожарникари со два пешадиски тима и 16 возила, а помагаат и волонтери и цистерни од општините.

Во текот на вчерашниот ден пожар избувна и во северозападниот дел на островот Лефкада, каде што превентивно беше евакуирано едно населено место, а пожарот околу полноќ беше ставен под контрола.

Брисел - Советот на ЕУ денеска ја одобри новата Предлог-регулатива за статистички податоци на пазарот на трудот за потребите на бизнисите (ЛМБ), која има за цел обезбедување поажурни и споредливи статистики меѓу земјите членки на Унијата. 

Дополнително, со новите правила, како што јави дописникот на МИА, се очекува да се обезбедува подобра покриеност на економијата, како и да се спроведува собирање податоци за родовиот јаз во платите. 

Како што се наведува во соопштението на Советот, европските институции и агенции имаат потреба од пристап до навремени, веродостојни и споредливи ЛМБ статистички податоци со цел ефикасно да дизајнираат, имплементираат, оценуваат и координираат широк опсег на политики на ЕУ, на пример во области како што се координацијата на економските, социјалните и политиките за вработување и еднаквите плати за мажите и жените.  

Брисел - Во организација на белгискиот независен синдикат на јавниот транспорт МЕТИСП-Протект од денеска почнува еднонеделен штрајк на вработените во Националната железница на Белгија (СНЦБ/НМБС), јави дописникот на МИА од Брисел. 

Штрајкот се организира поради незадоволство од предложените пензиски реформи на белгиската Влада, кои меѓу другото предвидуваат и зголемување на старосната граница за пензионирање. 

Како што соопшти МЕТИСП-Протект, во штрајкот нема да се вклучат сите негови членови одеднаш, туку прво со работа ќе прекинат машиновозачите, а потоа во текот на неделата ќе им се приклучат и кондуктерите. 

Тел Авив – Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху дека директорот на Агенцијата за внатрешна безбедност (Шин Бет), чија смена ја блокира Врховниот суд, без негова согласност водел истрага против десничарскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир.

- Тврдењето дека премиерот го овластил директорот на Шин Бет, Ронен Бар да собира докази против министерот Итамар Бен Гвир е уште една лага која е разоткриена. Објавениот документ, кој содржи експлицитна директива од директорот на Шин Бет за собирање докази против политичарите, е сличен на мрачните режими, ги поткопува темелите на демократијата и има за цел да ја собори десничарската влада, се наведува во соопштението од кабинетот на премиерот.

Киев - Од избувнувањето на војната со Руската Федерација во Украина, загинаа 604 деца. Повикувајќи се на податоци на Државното обвинителство на Украина, украинските медиуми објавија дека 2.421 дете во Украина биле повредени во вооружени конфликти.

- Повеќе од 2.421 дете се повредени во Украина за време на војната со Русија, се вели во извештајот.

Најголем број жртви и повредени се забележани во Доњецката област - 633 деца, Харков - 470, Херсон - 202, Днепропетровск - 203, Киев - 136, Запорожје - 170 и Миколаив - 118, а петгодишно девојче беше убиено во руски напад со дрон на 23 март оваа година.

Киев – Пратеникот на Доналд Трамп, кој ги води преговорите за прекин на огнот, треба да биде сменет поради неговата изјава дека Украина е „лажна држава“, изјави претседателот на Комитетот за надворешна политика на украинскиот Парламент, Олександр Мережко.

Мережко го обвини Виткоф дека ја повторува пропагандата на Путин.

- Дали тој е пратеник на претседателот Трамп или … пратеник на Путин?, истакна Мережко, додавајќи оти Виткоф „треба да биде сменет како претставник на Трамп бидејќи ги дискредитира САД и американската надворешна политика“.

Вашингтон – Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изрази сомневање за начинот на кој Данска се справува со Гренланд за време на вчерашното интервју за Фокс њуз.

- Данска, која го контролира Гренланд, не ја врши својата работа и не е добар сојузник, рече тој.

Гренланд стана жешка тема во меѓународната политика откако американскиот претседател Доналд Трамп покажа интерес да го припои кон САД. Огромниот и ретко населен остров во арктичкиот регион е богат со ресурси.

Џеј Ди Венс исто така го потврди територијалниот интерес на САД за Гренланд.

Нук  - Гренландскиот премиер Муте Б. Егеде остро ја осуди најавената посета на американска делегација на земјата во која е и сопругата на потпретседателот на САД, Уша Венс. Тоа го нарече „многу агресивен потег“.

Уша Венс, сопруга на американскиот потпретседател Џ. Венс доаѓа на Гренланд оваа недела за да присуствува на националната трка на кучиња и „да ја прослави културата и заедницата на Гренланд“, се вели во соопштението на Белата куќа. На Гренланд треба да отпатува и советникот за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, потврди извор запознаен со планот на патувањето.

Кејп Таун – Амбасадорот на Јужна Африка Ебрахим Расул, кој беше протеран од САД и прогласен за персона нон грата од администрацијата на Трамп, вчера беше пречекан од стотици поддржувачи кои пееја песни во негова чест.

Поддржувачите ги опколија Ебрахим Расул и неговата сопруга Росиеда на терминалот за пристигнување на меѓународниот аеродром во Кејп Таун.

- Прогласувањето за персона нон грата има за цел да ве понижи. Не беше наш избор да се вратиме дома, но без жалење се враќаме дома, им рече Расул на приврзаниците додека им се обраќаше преку мегафон.

 

Остани поврзан