• недела, 27 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

27 март 2025 

Скопје - Република Северна Македонија денеска одбележува пет години од зачленувањето во НАТО откако на денешен ден во 2020 година стана 30-та членка на Алијансата. Со тоа, земјата реализираше една од нејзините стратешки цели која е зацртана и во Резолуцијата што Собранието ја усвои во 1993 година. 

По повод петгодишнината денеска во Клубот на пратеници во Скопје ќе се одржи средба на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со амбасадорите на земјите-членки и партнери на Алијансата. Според агендата, на почетокот на настанот ќе се обрати министерот Муцунски по што ќе следи затворена дискусија.

Скопје - Во свет преполн со дезинформации, сцената ги повикува публиките да се соочат со тешки прашања наместо да се повлекуваат во идеолошка удобност. Ова бара да ги надминеме традиционалните сценски простори и да се вклучиме во заедниците - во училишта, јавни простори и дигитални форуми каде што најжестоко се борат спротивставените наративи. Не е доволно да се проповеда од сцената: мора да ја сретнеме публиката каде што е таа, нудејќи приказни што ги предизвикуваат нивните претпоставки и провоцираат разговор, вели претседателот на Меѓународната организација на театарски критичари Џефри Ерик Џенкис во пораката по повод Светскиот ден на театарот - 27 Март.

Охрид – Со пристигнување на патници од Истанбул денеска на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ ќе биде означен официјалниот старт на нововоспоставената авионска линија од Истанбул до Охрид.   

Станува збор за првиот лет на директната линија на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ што од денеска ќе лета од Истанбул до охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“.

Според претходните најави, летовите на линијата Истанбул - Охрид ќе се реализираат четири пати седмично и тоа во понеделник, четврток, петок и недела. Турската авикомпанија за оваа линија ќе користи авиони „Ербас А321“, „Боинг 737-800“ и „Боинг 737-900“ од својата флота.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го посетат основното училиште „Партенија Зографски“ во Скопје.

Во ова училиште, како што информираат од ресорното Министерство, започнати се активности за поставување на фотоволтаичен систем, како дел од проектот за подобрување на енергетската ефикасност и поставување фовотолтаици на сите училишни објекти во рамки на општината.

Кочани – Интервенцијата на кочанските пожарникари во гаснењето на пожарот и спасувањето на младите лица во дискотеката „Пулс“, беше пожртвувана и храбра. Десетина дена по трагедијата и кај нив сѐ уште е присутен шокот од последиците што ги предизвика огнената стихија, иако во досегашното работење се соочувале со голем број слични предизвици.

Тројца пожарникари се здобија со изгореници и проблеми со дишните патишта, при што двајца се со полесни повреди, а поради вдишување отровен чад и телесни повреди командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов заврши на Клиниката за токсикологија во Скопје. Според последните информации, тој закрепнува и се чувствува добро, па се очекува идната недела да биде пуштен на домашно лекување.

Скопје - Единствената македонска компанија од одбранбената индустрија АТС ГРУП и МКЕ најголемата државна компанија од Република Турција од одбранбената индустрија, денеска во Скопје ќе потпишат меморандум за соработка. 

Целта на меморандумот, како што соопштија од АТС ГРУП, е да се воспостави рамка за соработка, стратешки активности и производство на производи од одбранбената индустрија.

Загреб – Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ од Подгорица ја поздрави изјавата на министерот за одбрана Иван Анушиќ дека Хрватска „нема да избрзува“ во „коалицијата на подготвените“ за Украина, но нагласи и дека самиот предлог е фикција и никогаш нема да се оствари.

Неформалното име „коалиција на подготвените“ се однесува на група европски земји, заедно со Австралија, Канада и Нов Зеланд, кои се залагаат за испраќање мировни сили во источна Украина како безбедносна гаранција по постигнувањето мир меѓу Киев и Москва.

Сараево - Судот на Босна и Херцеговина распиша меѓународна потерница за претседателот на Република Српска, Милорад Додик и за претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ, јавија утрово сараевските медиуми.

Налогот за апсење е внесен во системот на Интерпол, а моментално се чека потврда од Генералниот секретаријат на Европол во Лион.

Канцеларијата на Интерпол во Сараево ја внесе меѓународна потерница во системот, откако Судот на БиХ ја издаде.

Анкара – Турската полиција употреби солзавец, гумени куршуми и водени топови против демонстрантите на Универзитетот во Анкара, јавија светските агенции.

Рано утрово студентите се собраа да прочитаат соопштение пред влезот на Техничкиот универзитет, јавија турските опозициски медиуми и локални извори. На нив реагирале безбедносните сили, кои употребиле солзавец, водени топови и гумени куршуми. Следувал судир, при што студентите се сокриле зад барикада од корпи за отпадоци, но полицијата на крајот ги привела.

Пратеникот на Републиканската народна партија (ЦХП) Мелих Мерич е виден сосема мокар од употреба на воден топ и погоден со солзавец.

Берлин - Сојузот ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) вчера најавија продолжување на коалициските преговори за формирање на идната влада на Германија.

- Нè обединува заедничка цел, а тоа е создавање на основа за стабилна и ефективна влада, се вели во заедничкото соопштение на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и СПД.

По првиот круг од коалициските преговори, генералните секретари на партиите ЦДУ/ЦСУ и СПД истакнаа дека желбата на коалициските партнери е да се создаде „коалиција за надминување на големите задачи“ како што се стабилноста, економското закрепнување и социјалната кохезија.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска организира уште еден самит на „Коалицијата на подготвени “ за мир и безбедност за Украина, по низата состаноци одржани во Париз и Лондон во последните недели со цел да се воспостават безбедносни гаранции за Киев како дел од можниот иден мировен договор со Русија, што се обидуваат да го постигнат САД, предводени од Доналд Трамп.

Самитот, како што рече Макрон минатата недела, треба да овозможи „финализирање“ на работата на договорот за воена помош за Украина „на краток рок“, според „постојаниот и одржлив модел на украинската армија за спречување на руските инвазии“ во иднина и за „безбедносните гаранции што можат да ги донесат европските армии“, вклучително и копнено распоредување на украинска територија.

Париз – Клучно е САД да не го извлечат рускиот претседател Владимир Путин од политичка и економска изолација, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во разговор за „Eurovision News“.

Потегот на Зеленски доаѓа откако Русија и Украина се согласија на делумен прекин на огнот со посредство на САД за нападите врз енергетската инфраструктура и непријателствата во Црното Море. Во замена, САД се согласија да го прошират рускиот пристап до глобалните пазари.

-Многу е важно Америка да не му помогне на Путин да излезе од оваа глобална изолација. Верувам дека тоа е опасно. Ова е еден од најопасните моменти, рече Зеленски.

Харков – Руските сили доцна синоќа извршиле масовен напад со дронови врз Харков, вториот по големина град во Украина, при што биле повредени девет лица и предизвикана значителна материјална штета.

Службите за итни случаи на социјалните мрежи соопштија дека нападите предизвикале четири пожари во центарот на градот и објавија слики од пожарникари кои се борат со пламените јазици покрај купишта урнатини. Се наведува дека нападите предизвикале сериозни оштетувања на зградите.

Москва – Некои луѓе на Запад не ја разбираат Русија, но овој факт не го попречува развојот на земјата, изјави рускиот претседател Владимир Путин, пренесоа руските медиуми.

Рускиот претседател оваа изјава ја даде вчера за време на состанокот на надзорниот одбор на организацијата „Движење на првите“, руска организација за деца и млади.

-Има луѓе на таканаречениот Запад кои не ја разбираат Русија. Но, тоа не не спречува да живееме и да се развиваме. Тоа само треба да не мотивира да го зголемиме бројот на луѓе кои не разбираат и сакаат да живеат со нас во мир и пријателство, рече Путин.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека „не може да има безбедност“ доколку Америка не го контролира Гренланд.

Тој додаде дека САД „мора да ги убедат“ жителите на Гренланд да станат американски државјани, пренесоа американските медиуми.

Запрашан дали мисли дека тие сакаат да станат американски државјани, Трамп рече дека „не знае, но Вашингтон мора да ги убеди и да го направат тоа“.

Вашингтон - Мнозинство Американци сметаат дека федералната влада треба да продолжи со финансирање на јавните радиодифузери „Ен-Пи-Ар“ (NPR) и „Пи-Би-Ес“ (PBS), се дознава од најновата анкета на истражувачкиот центар „Пју“.

Според анкетата, 24 проценти од испитаниците сметаат дека владата на САД не треба да продолжи со финансирање на NPR и PBS кое доаѓа од даночните обврзници, додека поголем дел, односно 43 проценти, сметаат дека федералното финансирање за тие медиуми треба да продолжи на истото ниво.

Анкетата покажа и дека 32 отсто од демократските гласачи редовно добиваат вести од NPR, во споредба со девет проценти од Републиканците. Триесет и еден отсто од Демократите редовно добиваат вести од PBS, во споредба со 11 проценти од Републиканците.

Вашингтон – Американскиот претседател, Доналд Трамп, синоќа ја потпиша извршната наредба со која се воведуваат царини од 25 отсто за увоз на автомобили и лесни камиони произведени во странство, јавија светските агенции.

Трамп тврди дека го враќа богатството во САД, велејќи дека странските земји го ограбиле во размери без преседан.

-Тие зедоа толку многу од нашата земја, и пријателите и непријателите. И искрено, пријателите честопати беа многу полоши од непријателите. А тоа е многу скромно, им рече тој на новинарите во Овалната соба.

Газа - Портпаролот на Хамас Абдел-Латиф Ал-Каноа е убиен во израелски воздушен напад во северниот дел на Газа, пренесе медиумска мрежа поврзана со Хамас.

Ал Каноа е убиен кога неговиот шатор бил погоден во Џабалија, а во нападот се повредени уште неколку лица, наведуваат медицински извори, пренесени од британските медиуми.

Претходно неделава, во израелските напади загинаа и Исмаил Бархуми, член на политичкото биро на Хамас, како и Салах ал-Бардавела, висок лидер на групата.

Сеул – Јужнокорејското воено раководство денеска соопшти дека се чини дека Пјонгјанг испратил уште 3.000 војници да ја поддржат Русија во нејзината војна против Украина, јави новинската агенција Јонхап.

- Од околу 11.000 севернокорејски војници испратени во Русија, имало 4.000 жртви, а се чини дека околу 3.000 или повеќе биле дополнително испратени во јануари и февруари, ја цитира агенцијата изјавата на Здружениот генералштаб во Сеул.

Сеул - Шумските пожари што беснеат низ Јужна Кореја денеска се двојно поголеми во однос на претходниот ден, а бројот на загинати се зголеми на 26. Повеќе од 33.000 хектари земја веќе изгореа во најголемиот пожар што избувна во централниот дел на округот Усеонг, што го прави најголемиот поединечен пожар во историјата на Јужна Кореја.

Противпожарни хеликоптери го гаснат пожарот во планинските предели на југоистокот од земјава, каде пожарите беснеат речиси една недела.

Пјонгјанг – Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун надгледуваше тестирање на дронови-камикази со вградена вештачка интелигенција (ВИ) и рече дека контролата на дроновите и способностите за вештачка интелигенција мора да бидат врвни приоритети во развојот на модерното оружје во земјата.

Севернокорејската новинска агенција КЦНА соопшти дека Ким исто така извршил инспекција на нови напредни извидувачки дронови способни да детектираат различни тактички цели и непријателски активности на копно и на море.

Остани поврзан