МИА Општински пул
- МИА Општински пул

24 април 2025
Битола - Општина Битола до Министерството за локална самоуправа достави 59 апликативни формулари за 36 различни објекти, за кои општината во изминатиот период изготви проектна документација за аплицирање на новиот јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти во локалните самоуправи.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираат дека со апликациите ќе се обезбеди финансиска помош за реализација на приоритетни проекти кои се од големо значење за граѓаните и локалниот развој.
-Проектите опфаќаат реконструкција на улици во градот и населените места во општината. Во дел од нив, покрај коловозот, реконструкцијата опфаќа промена на канализациската и водоводната мрежа. Проектните апликации вклучуваат и изградба на три спортски сали во основните училишта „Стив Наумов“, „Тодор Ангелевски“ и во ПОУ „Даме Груев“ во село Долно Оризари, како и 10 спортски игралишта во училиштата, со соодветно осветлување. Дел од апликациите се и повеќе други проекти, со што вкупната вредност на аплицираните проекти е над 800 милиони денари, соопштија од локалната самоуправа.
Гевгелија - Од објавувањето на повикот за 2025 година досега се поднесени 84 барања од граѓани на Гевгелија за добивање субвениции за купување велосипед, соопштија денеска од локалната самоуправа.
Според објавата на општинската страница, останале уште 16 слободни места за поднесување барање за субвенција.
Право на аплицирање имаат граѓаните на Општина Гевгелија, кои купиле велосипед во периодот од 1 април годинава сè до потрошувањето на средствата во висина од 500.000 денари од Општинскиот буџет за 2025 година предвидени за оваа намена, освен вработените во општинската администрација и членовите на нивните семејства, како и лицата кои минатите години добиле субвенции за велосипед.
Аплицирањето за субвенции за набавка на велосипеди се врши во зградата на Општина Гевгелија, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.
Барањата од Јавниот повик ќе бидат разгледани по редослед според датумот и времето на пристигнување, односно според принципот „прв дојден, прв услужен“.
Охрид – Сообраќајот и транспортот во иднина ќе се заснова врз поголема искористеност на т.н. „чиста енергија“ односно пред се на струја и водород. Решенијата во транспортот мора да се бараат и во подобрена инфраструктура, доколку интенција е да се постигнат одрживи решенија, како на локално така и на национално ниво. Тоа беше посочено на дводневната Меѓународна конференција „Green Urban Transport Solutions“ што од денеска се одржува во Охрид.
На научниот собир што заеднички го организираат Општина Охрид, Техничкиот факултет во Битола, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница и CIVINET Slo-Cro-SEE, ќе бидат презентирани европските искуства и добрите практики во областа на одржливиот и еколошки чист транспорт, со цел да се достигнат светските стандарди и да се фати чекор со глобалните текови.
- Тоа бара поголем отвореност и на државните и на локалните институции кон академската средина. Поголема вклученост на факултетите во сите процеси, преку експертиза, мислење, студии, за да биде достигнато саканото ниво на развиеност. Она што е најпотребно е државата да размисли на подобрувње на патната инфрастркура, а во рамките на градовите да се решат горливите прашања за да може да се фати приклучок, рече професорот Методија Атанасовски, продекан за наука на Техничкиот факултет во Битола.
Транспортот заедно со енергетиката е еден од главните столбови на секоја економија, така што секоја политика одлука треба да биде во насока на поголеми вложувања во облата, како во замена на сообраќајните средства за превоз, така и во делот на интегрални решенија за транспортот во градовите и меѓу нив.
Што се однесува на загадувањето на воздухот што се повеќе се јавува како проблем во градовите во земјата, беше посочено дека не е само транспортот фактор што влијае врз загадувањето, но и дека е еден од факторите што секако влијаат врз квалитетот на воздухот во урбаните средини и врз животната средина во целина.
Развојните проекти во односната сфера во државите во регионот се реализираат согласно препораките на ЕУ, со согласност на сите шест држави од Западениот Балкан како потписнички на Договорот за климатска неутралност и зелената агенда на Унијата.
- Препораките за државите од Западнниот Балкан се истите оние какви што се за државите-членки на Унијата – достигнување климатска неутралност. Германија како членка на ЕУ мошне високо ја цени подготвеноста на шесте економии од регионот да работат на уредување на проблематиката согласно решенијата во рамки на Унијата. Тоа значи дека работиме на исти цели во развојот, за што секако ќе следи и соодветна поддршка од наша страна, рече Иван Шад, прв секретар на ГТЗ во Тирана.
Експертот од ЕУ уште истакна дека транспортот секако во голема мера влијае врз загадувањето на воздухот во целиот регион, со потенцијал за усвојување подобри решенија во областа на урбаната мобилност.
- Намалувањето на емисијата на гасови што предизвикуваат загадување треба да се бара преку фокусирање кон почеста секојдневна употреба на велосипеди за транспорт, потоа е-транспорт. Што се однесува на транспортна поврзаност меѓу градовите и државите, тука треба да се работи на подобра патна инфраструктура, но и преку проекти за железничко поврзување меѓу државите, рече Шад.
На собирот беше истакнато и дека предизвиците во транспортот мора да се надминуваат преку експертизи, студии, со донесување издржани решенија базирани врз добри практики и знаења.
Надим Беговиќ во име на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница што работи на интегрирање на пазарот на транспорт во Западен Балкан со оној на ЕУ, од своја страна истакна дека целта е обединет транспорт на континентот, со идентични стандарди.- Главен предизвик во достигнувањето на обединет пазар на транспорт е одржлива мобилност, со крајна цел намалување на емисиите на јаглероден диоксид и остварување на „зелената агенда“. Градовите во регионот се меѓу најзагадените во Европа, оттаму е мошне важно да се работи на изнајдување решенија за намалување на емисиите на штетни гасови во јавниот транспорт, рече тој.Проблемот со загадувањето во градовите предизвикан од неразвиениот јавен превоз во градовите ќе биде едно од главните прашања на кои ќе се разговара на Конференцијата во Охрид.
Куманово - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во Куманово присуствуваше на примопредавањето на амбулантско возило од општествено-одговорна компанија за општата болница.
Таравари информира дека кумановската болница од почетокот на годинава досега со своите возила транспортирала околу 300 пациенти од Куманово за Скопје. Кумановската болница со донираното возило сега има пет амбулантски возила со кои воедно се транспортираат и пациенти од болницата до домовите.
-Се надевам дека ќе има повеќе општествено -одговорни компании кои се подготвени да помагаат во јавно- здравствените установи. Продолжуваме со инвестиции од директорот дознавам дека веќе се подготвуваат инвестиции на неврологија, психијатрија пералната, кујната коишто ќе ги направи општата болница со сопствени средства, изјави Таравари.
Директорот на болницата, Сашо Стошевски рече дека возилото е добредојдено и со останатите четири функционални возила ќе се обезбеди побрз и поефикасен транспорт на пациентите.
-Да се заблагодариме на компанијата „Балкан Груп“ , нашата кумановска компанија. Во планот за 2025 имаме планирано набавка на уште едно возило, но доколку добиеме од Министерството за здравство ќе ги пренасочиме средствата за други потреби на пациентите, рече Стошевски.
Тој ги повикаа општествено- одговорните компании да донираат.
-Да разбереме дека сите ние еден ден ќе бидеме пациенти во оваа болница и поддршката секогаш е потребна, рече Стошевски.
Директорот на „Балкан Груп“, Давид Ивановски рече дека со тимот работеле одлучиле да донираат возило, посочувајќи дека и тој е роден во болницата, а и неговата мајка 37 години работи во здравствената установа. Тој ги повика останатите компании согласно можностите да го следат примерот на неговата фирма и да донираат за болницата.
Министерот Таравари, одговарајќи на новинарски прашања, посочи дека кумановската е една од најзначајните болници, бидејќи покрива територија со 200.000 жители и нуди здравствени услуги за пациентите од североистокот и Министерството ќе одвои средства за набавка на возила и други потреби, санации на болницата. Тој дополни дека не е почната процедурата за набавка на магнетна резонанца, но дека кумановската болница заслужува да има таков апарат, бидејќи е една од најголемите.
Гевгелија - На датумот на раѓањето на македонскиот композитор Драгослав Ортаков (1928-2007), 22 април, беше промовирана неговата последна книга „Повест за Рушка“. За книгата, процесот на нејзиното објавување, нејзината приказна и атмосфера зборуваше промоторот Христо Петрески.
Разговорот за приказната, нејзините автобиографски елементи, значењето на поимот „Рушка“, но и по однос на други прашања го продлабочи професорот на Факултетот за музичка уметност Бојан Ортаков, кој се присети и на голем број анегдоти поврзани со животот и делото на својот татко, особено на неговата нераскинлива врска со родната Гевгелија.
На настанот, како печат, се издвои и неговиот „Тропар Богородичен“, а публиката имаше прилика да слушне и интервју во кое Драгослав Ортаков одговара на повеќе прашања.
Настанот е дел од „Гевгелија – Град на културата 2025“, а беше отворен со настап на градскиот хор „Гортинија“ под водство на Илија Атанасов, по што се обрати и директорот на библиотеката Стефан Марковски.
Гостивар – Компанијата „Бехтел и Енка“ денес предаде донација со храна и хигиенски препарати на Центарот за женски права „ЕТИКА“ Гостивар, организација која раководи со Центарот за згрижување на жени кои биле жртви на семејно насилство.
Раководителката на Центарот Себајете Зенку искажа благодарност за помошта бидејќи, како што напомена таа, многу значи во создавање на попријатен престој во Центарот на лицата кои поминале низ многу непријатен период од животот.
- Центар за женски права „Етика“, којшто го води првото засолниште во полошкиот регион, доби хуманитарна помош од „Бехтел-Енка“ и таа многу е корисна. Се работи за храна со долготраен рок на употреба и хигиенски средства наменети за жртвите кои се сместени во Шелтер-центарот во Гостивар и ние сме благодарни, рече Зенку.
Во моментов во „сигурната куќа“ прибежиште нашле три лица, а капацитетот е осум лица. Според Зенку, бројката се менува, со оглед дека ова е единствена установа во полошкиот регион која згрижува жени жртви на семејно насилство.
Претставникот на „Бехтел и Енка“ Џош Бејкер искажа задоволство од можноста за соработка и прифаќањето на донација чија цел е да се подобрат условите во Центарот.
- Како општествено одговорна компанија која не само што гради патишта, туку делуваме позитивно на заедницата и граѓаните. Среќни сме што им даваме поддршка на центарот и „Етика“ и на сите жени на кои им е потребна. Сакаме да им бидеме добри соседи и да имаме посилна соработка во иднина со целата заедница, рече Џош Бејкер од Бехтел и Енка.
Шелтер центарот за жртви на семејно насилство функционира една година и во него помош и поддршка помош добиваат малтретирани и физички нападнати жени.
Струга - Камион „застава" без регистерски ознаки, кој превезувал огревно дрво излетал од патот и удрил во паркиран автомобил, при обид да избега од полицијата, три лица избегале од местото, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, ноќеска еден час по полноќ, полициски службеници од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај при ОВР Струга, на локален пат во атарот на струшкото село Мислешево, затекнале товарно моторно возило „застава“ без регистарски ознаки, кое превезувало огревно дрво.
- Откако ги забележал, возачот ја зголемил брзината и тргнал со возилото кон полициските службеници, кои се обиделе да го сопрат по што, изгубил контрола, излетал од патот и удрил во паркиран автомобил „форд сиера“ со струшки регистарски ознаки. Возачот и уште две лица од возилото го напуштиле местото, по што возилото и огревното дрво се предадени на Шумската полиција, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
ОВР Струга презема мерки за целосно расветлување на настанот по што, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) и Македонско научно друштв (МНД)-Битола со заеднички историски час проекција на документарен филм „МНД – 65 години наука, уметност и култура“, го одбележаа денот на основањето и поврзаноста меѓу двете институции.
Македонско научно друштво во Битола е формирано на 25 април 1960 година од група битолски интелектуалци посветени на културата, науката и образованието, а на истиот ден, 25 април 1979 година формиран е вториот македонски универзитет кој денеска го носи името на Свети Климент Охридски.
-Нашите две институции ги обединува во еден симболичен континуитет на знаење, наука и култура, чии корени се длабоко вградени во овој простор. Оваа зграда, денес срцето на УКЛО, во 1960 година била дел од Околискиот државен архив во Битола, место каде што започнала приказната на МНД. Дваесет години подоцна, на истиот датум, 25 април, во 1979 година, овој простор станал сведок на основањето на вториот македонски универзитет. Оваа коинциденција не е случајна, таа е доказ за духот на заедништво и желба за развој на науката во Битола, градот кој секогаш бил расадник на знаење, просветителство и прогрес, истакна претседателката на МНД-Битола, Андоновска-Трајковска.
Годинава УКЛО, денот на основањето го одбележува под мотото „Корени и крилја“ симболизирајќи ја врската со традицијата и стремежот кон иновации, а во програмските активности освен МНД-Битола, директно се вклучени и првите луѓе на Алијансата на европски универзитети КОЛОРС.
-Никулците на МНД-Битола се дел од коренот на УКЛО кој е многу длабок. Формално правно 25 април 1979 година е ден на основањето на Универзитетот во Битола кој од 2004 година го носи името на својот патрон Свети Климент Охридски со што се дава јасна симболика дека своите корени ги влечи од средновековниот св. Климентов универзитет. Годинашната прослава е поразлична и со фактот дека на нашиот „Отворен ден на УКЛО“ присутвуваат новата претседателка на Алијансата КОЛОРС, универзитетската професорка Хаике Тратутман и директорката КОЛОРС Анете Клинкерт, истакна ректорот Игор Неделковски.
На заедничкиот историски час беше емитуван документарниот филм „МНД – 65 години наука, уметност и култура“ чија содржина ја подготви универзитетската професорка Силвана Нешковска, воедно потпретседателка на МНД-Битола.
-Филмот е посветен на историските околности на основањето на Друштвото, организациската структура и научната дејност, а завршува со визијата на МНД-Битола. Во секој дел нарацијата е поткрепена со лични сведоштва, интервјуа и сеќавања на членови на Друштвото, а визуелниот ефект е дополнет со слики од архивата на МНД-Битола, посочи Нешковска.
Свеченостите на УКЛО и МНД-Битола посветени на денот на основањето 25 април, продолжуваат со свечена акдемија и отворен ден за средношколците.
Битола - Ана Анастасова студентка на Педагошкиот факултет во Битола е годинешен победник на натпреварот во ораторство УКЛО Тривиум, што традиционално го организира Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.
Годинешниот УКЛО Тривиум се одржа во рамки на свеченостите посветени на 25 април, Денот на основањето на вториот македонски Универзитет и претставува значаен академскo студентски настан за изразување идеи, ставови и визии преку моќта на говорот и јавното настапување. Меѓу трите најдобри оратори на УКЛО освен Анастасова се и Теодора Христовска од Економски факултет-Прилеп, која го освои второто место, како и Дарко Трпковски од Правен факултет-Кичево, кој го освои третото место.
-УКЛО Тривиум е потврда за развој на критичката мисла, градење демократска култура и почитување на академската слобода, рече меѓудругото претседателот на Универзитетското студентско собрание, Димитар Атанасовски, на натпреварот за ораторство во Битола.
Свеченостите на УКЛО-Битола по повод 25 април, денот на основањето на универзитетот продолжуваат утре кога пред средношколците од градот ќе бидат промовирани студиските програми на УКЛО и привилегиите од членувањето во Алијанса КОЛОРС за што ќе зборуваат новоизбраната претседателка на Алијанса КОЛОРС Хаике Траутман и Анете Клинкерт, директорка на КОЛОРС.
Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес заедно со раководните лица од компанијата "Сетек", Централна Кооперативна Банка и со претставници на фондацијата „Мартин Здравковски“, учествуваше во акција за пошумување на два парка во населбата 11 Октомври – Бараки. Беа засадени 80 високостеблести дрвја, дел како донација од "Сетек" и Централна Кооперативна Банка, а дел во соработка со фондацијата „Мартин Здравковски“, во спомен на прерано починатото дете од овој дел на општината, кое го носи тоа име и чии родители беа присутни на настанот.
Дрвцата се поставени во новиот парк, како и во Паркот на шахот, двата во населбата 11 Октомври Бараки, со што овој дел од општината добива сосема нов лик, со повеќе можности за одмор и рекреација.– Денешниот настан е уште еден сегмент од поширокиот план на Општина Кисела Вода, која во овие три и пол години веќе ги зголеми зелените површини за 80.000 м². Како локална самоуправа вложуваме постојан труд за создавање поздраво, поубаво и поквалитетно секојдневие за сите наши сограѓани. Секое засадено дрвце е чекор поблиску до таа цел. Особено сум благодарен што фондацијата „Мартин Здравковски“ се вклучи во оваа иницијатива и на овој начин создадовме траен спомен на едно детско име, кој истовремено ќе придонесе за поздрава животна средина. Голема благодарност и до "Сетек" и "Централна Кооперативна Банка", кои преку својата донација уште еднаш покажаа што значи вистинска општествена одговорност. Ова е пример како заедно можеме да ја направиме Кисела Вода уште позелена и поубава – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.