• недела, 18 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

 24 април 2025 

Скопје – Во периодот кој што следи убеден сум дека успешно ќе испреговараме и ќе заокружиме инвестициски план помеѓу пет и шест милијарди евра кои што ќе се случат во Македонија, за изградба на локални, регионални и експресни патишта, клинички центри, како и пруги и ски центри, изјави претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

Во гостување на поткастот „Каде се парите“, премиерот посочува дека најпрво треба да биде разговарано со Стопанските комори за тоа дали земјава има капацитет сето тоа да го реализира, по што, вели, за најмногу два месеци прецизно ќе биде објавено во јавноста.

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговорајќи на пратеничко прашање посочи дека нема да дозволи штета да има во Битола и цела Пелагонија со градењето на организирана депонија во Општина Новаци. Ова следуваше по прашањето на Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ која побара одговор дали се разгледува можноста за релокација на депонијата поради загадувањето во Битола.

- Ова е проект на СДСМ за кој гласале и од мојата партија кога бевме опозиција. Сега Битола носи под политички притисок одлука да не се гради организирана депонија во Новаци. Но, што ако Новаци рече не може. Зарем јас како професор и инженер смеам да дозволам проект на штета на Битола, град кој го сакам повеќе и од мојот роден град. Да не тераме политика на ова прашање, одговори Мицкоски.

Скопје - Деловниот простор кој го купила политичката партија Левица се споменува и во исказите во судскиот процес за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во делот за обвинетиот Љупчо Палевски –Палче, кој се среќавал со членови на неговата партија Десна, откри денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски од говорницата во македонското Собрание, кој одговараше на прашање на пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО ДПМНЕ за партијата Левица, за тоа дека свесно го изигрувала законот и недостасувале анкетни листови.

Кочани – Обвинувања кон Владата и Министерството за администрација за несериозност и одолговлекување со донесувањето на законот за правична застапеност упати пратеникот Блерим Беџети од пратеничката група Европски фронт во рамки на пратеничките прашања на денешната седница на Собранието. Констатираше дека и по шест месеци ветувања за законот којшто произлегува од амандамнот 5 во Уставот, тој сѐ уште не е донесен.

-Излегуваат заменици премиери од оваа Влада и велат дека имаат работни групи, но ниту еднаш не кажаа кој работи во тие групи. Има еден пристап на мајтап со јавноста за носењето на Законот, бидејќи беше во предизборната програма на оваа влада, а за да се тргне балансерот. Немаме никаква информација и како пратеници, и како Собрание, но и како јавност до каде е ситуацијата со овој закон, дали е формирана работна група, кога ќе биде донесен и така натаму. Треба да се почитува духот на Охридскиот договор и да се каже, бидејќи Владата има владина програма, во кој месец ќе биде, бидејќи и Изет Меџити и Арбен Фетаи се изморија кажувајќи ќе биде овие две недели, не овој четврток, другиот четврток, ова веќе стана хумор, рече Беџети.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ги примил копиите на акредитивните писма од новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Индија за Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Арун Кумар Саху.

Од Министерството соопштија дека на средбата биле истакнати традиционално добрите односи меѓу двете земји, како и заедничката заложба за нивно понатамошно продлабочување на билатерален и мултилатерален план.

Скопје - Состојбите во економијата, политиките што ги презема Владата и посветеноста во остварување на тие политики со цел остварување на планираниот економски раст и стабилизирање на инфлацијата се дел од пораките што министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ќе ги пренесе на средбите во Вашингтон, кадешто учествува на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, соопшти Министерството за финансии.

-Во Вашингтон ќе разговараме со меѓународните финансики институции и инвеститорите за состојбите во економијата. Важно е да одржуваме редовни состаноци, затоа што на почетокот на 2026 година очекуваме издавање еврообврзница од најмалку 700 милиони евра, затоа што доспева за враќање претходно издадена еврообврзница на износ од 700 милиони евра. И ваквата постојана комуникација со меѓународните институции е важна да покажеме дека работиме посветено што влијае на висината на каматата, истакнала министерката  Димитриеска-Кочоска.

Скопје - Министерството за внатрешни работи во координација со надлежен јавен обвинител при ОЈО за ГОКК вчера спроведе полициска акција, при што се извршени претреси на повеќе локации на подрачје на Скопје, Велес, Тетово и Гостивар и од слобода се лишени 23 лица, а едно лице не е достапно на органите на прогон.

При извршените претреси, соопштија денеска од МВР, пронајдени и одземени се 110.000 евра, 65.000 денари и 100 долари, повеќе мобилни телефонски апарати, нотеси со податоци на должници, како и разна медицинска документација и повеќе факсимил печати.

Скопје - Министерството за култура и туризам денеска соопшти дека исплатата на платите за вработените во институциите од областа на културата во координација со Министерството за финансии е во тек и ќе заврши денеска. Оттаму потенцираат дека дел од институциите веќе ја добија својата плата, а најавија и дека ќе упатат покана за официјална средба со претставниците на Синдикатот.

-Министерството за култура и туризам е целосно посветено на решавање на проблемите во врска со исплатата на платите за културниот сектор. Исплатата на платите за вработените во институциите од областа на културата во координација со Министерството за финансии е во тек и ќе заврши денеска. Истовремено, го потврдуваме ставот дека социјалниот дијалог со Синдикатот мора да продолжи, велат од Министерството.

Скопје – Во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ моментално се хоспитализирани четворица пациенти од пожарот во Кочани, од кои само една пациентка е сѐ уште присутна во болницата, додека тројца се пуштени на викенд, информираше денеска директорот на Клиниката Небојша Настов.

Истакна дека нивната состојба е максимално подобрена и веќе на почетокот од следната недела се очекува тројцата пациенти да бидат испишани од болницата.

– Во Клиниката во моментов формално се хоспитализирани четири пациенти, од кои само една пациентка е сѐ уште присутна во болницата, додека тројца се пуштени на викенд, што значи дека нивната состојба е максимално подобрена. Се планира испуст дефинитивно за тие тројца пациенти, некаде почетокот на следната недела, посочи Настов.

Сараево - Донесов одлука за суспендирање на сите исплати на буџетски средства за финансирање на партиите СНСД и Обединета Српска, изјави денеска високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Тој додаде дека сите буџетски средства за финансирање на овие партии на сите нивоа на власт во БиХ ќе бидат суспендирани и пренасочени на посебна сметка во Централната банка на БиХ.

„Оваа одлука ги поддржува напорите на институциите на БиХ да се спротивстават на сегашните флагрантни напади на владејачката коалиција на Република Српска, предводена од СНСД и Обединета Српска, врз основните принципи на Уставот и правниот поредок на Република Српска“, додаде Шмит.

Сараево - Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик денеска во Источно Сараево праша - како е можно со одлуката на високиот претставник Кристијан Шмит да се блокираат средствата од буџетот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и Обединета Српска.

„Дали тоа е демократија? На која основа го прават ова? изјави Додик.

Како што пренесе бањалучкиот весник „Независне новине“, тој наведе дека поради санкциите што претходно му ги воведе САД, платата ја прима по пошта, дека е претседател на РС и дека не зема плата од партијата.

Прага - Чешкиот премиер Петр Фијала, по рускиот напад на Киев, го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека не сака мир и го предупреди Западот дека единствениот пат за мир во Европа е преку силна воена помош за Украина.

„Додека Украина го прифати американскиот предлог за прекин на огнот на почетокот на април, Русија денеска повторно ги нападна украинските градови, цивили и деца. Путин никогаш не сакаше мир, единствениот начин за мир во Европа е преку силна воена поддршка на Украина“, напиша чешкиот премиер на мрежата Икс.

Шефот на чешката дипломатија Јан Липавски денеска апелираше до меѓународната заедница дополнително да ја зголеми помошта за Украина.

Анкара - Околу 25.000 луѓе кои живеат во турскиот град Лиџе во провинцијата Дијарбекир ненамерно се „напушиле“ како резултат на планираното палење на над 20 тони конфискуван канабис, објавија турските медиуми.

На 18 април турските власти спроведоа операција за согорување на над 20 тони запленет канабис во близина на градот Лиџе, што резултираше со густ облак од чад што се издигна над градот, предизвикувајќи вртоглавица, халуцинации и симптоми на интоксикација кај жителите. 

Брисел - Европската комисија беше сосема јасна, не само кон земјите членки на ЕУ, туку и кон нејзините партнери, вклучувајќи ги и кандидатите за членство како Србија, во врска со евентуалното учество на настаните во Москва поврзани со одбележување на годишнината од завршувањето на Втората светска војна на 9 мај, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо. 

- Односите со Русија не може да се развиваат како се да е нормално во услови на сегашниот режим на Путин и во сегашните околности на неиспровоцираната и неоправданата воена агресија врз Украина, изјави Пињо во одговор на новинарско прашање што ќе преземе ЕУ доколку српскиот претседател Александар Вучиќ присуствува на воената парада на 9 мај во Москва. 

Брисел - Во интерес на Косово е да се формираат институциите за да може да се имплементираат реформите поврзано со приближувањето кон ЕУ и со напредокот на европскиот пат, изјави портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие. 

- Можам да кажам дека тоа навистина е важно и за други прашања, како што Планот за раст, па затоа е потребно да се конституира косовскиот Парламент за да може да продолжи да работи на тој пат, изјави Мерсие во одговор за коментар на новиот неуспешен обид за конституирање на Собранието на Косово. 

Брисел - Членовите на комитетите за индустрија, истражување и енергетика и за безбедност и одбрана на Европскиот парламент денеска со 70 гласа „за“, 46 „против“ и 8 „воздржани“ го поддржаа предлогот на Еврокомисијата за создавање Програма за европска одбранбена индустрија (ЕДИП), вредна 1,5 милијарди евра, која опфаќа мерки за забрзување на интеграцијата на одбранбените индустрии во ЕУ и за поголема финансиска поддршка за опремување на воените капацитети, како и Инструмент за поддршка на Украина. 

Европратениците го проширија предлогот со барање ЕДИП да се фокусира и на подобрување на снабдувањето со оружје, муниција и друга опрема релевантна за актуелната кризата, на зајакнување и зголемување на одбранбените производствени капацитети, на намалување на времето за одбранбено производство и испорака, како и на зголемување на складишните капацитети за потребите на одбраната. 

Moсква - Поранешен руски командант кој го критикуваше военото раководство на Москва во Украина е осуден на пет години затвор откако воениот суд го прогласи за виновен за измама од големи размери, пренесоа руските новински агенции.

Иван Попов, поранешен генерал-мајор на руската 58-ма копнена армија, дел од јужниот сектор на армијата, беше прогласен за виновен за кражба на метални производи наменети за изградба на тврдини долж украинскиот фронт вредни повеќе од 130 милиони рубљи (1,37 милиони евра).

Попов претходно се борел во Чеченија, а подоцна командувал со руските единици во јужна Украина.

Неговиот адвокат изјави дека ќе поднесе жалба на пресудата.

Вашингтон – Претседателот на САД, Доналд Трамп на мрежата „Трут соушл“ (Truth Social) го повика рускиот претседател да запре со нападите врз Киев.

- Не сум задоволен со руските напади врз Киев. Непотребни се и се во многу лош момент. Владимир, ЗАПРИ! Неделно гинат по 5.000 војници. Да го завршиме мировниот договор!, напиша Трамп на својата социјална мрежа.

Русија утрово го нападна Киев со голем број дронови и ракети. Според украинските власти Русија истрелала 215 дронови и проектили, при што загинаа девет лица, од кои шест деца, а 70 се повредени.

Пекинг - Кина повика на крај на сите „еднострани“ американски царини, бидејќи се појавија индикации дека администрацијата на Трамп би можела да ја деескалира трговската војна со Пекинг.

Кина тврди дека не одржала трговски разговори со Вашингтон и покрај коментарите на американската влада кои сугерираат дека имало ангажмани.

Американскиот претседател Доналд Трамп постојано изјавува дека САД ќе склучат договор со Кина, а вчера изјави дека има „директен контакт“ меѓу двете земји.

Трамп, кој ги нарекува неговите тарифи „реципрочни“, вели дека тие имаат за цел да го поправат неправедниот трговски дисбаланс со САД.

Пекинг - Кина денеска го лансираше вселенското летало „Шенжу-20“ со три лица до својата вселенска станица „Тијангонг“, во шестмесечна мисија.

Вселенскиот брод полета со ракета-носач „Лонг марч 2-Ф“, од центарот за лансирање на сателити „Џиукван“ во северозападна Кина. Според тамошните медиуми, лансирањето било успешно. Кинеските астронаути Чен Донг (командант), Чен Жонгжу и Ванг Жи се дел од мисијата. Во следниов престој во Земјината Орбита, „Шенжу-20“ ќе треба да прифаќа задачи од товарниот вселенски брод „Тијанжу-9“ и вселенското летало „Шенжу-21“ со посада.

Ова е 15-та мисија со екипаж и вкупно 20-та во рамките на програмата „Шенжу“, којашто започна пред повеќе од 30 години. Тимот на „Шенжу-20“ треба да се врати на Земјата кон крајот на октомври оваа година.

Остани поврзан