МИА Општински пул
- 26 март 2025

26 март 2025
Прилеп - На последната седница на советот на Општината, Прилеп издвои донација од еден милион денари за помош за настраданите од катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Средствата се префрлаат на жиро-сметката преку Црвениот крст за донации. Ова е одлуката на прилескиот Совет на последната седница.
Демир Хисар - Советот на Општина Демир Хисар на вонредна седница донесе одлука за доделување финансиска помош на семејствата на настраданите граѓани во пожарот во ноќниот клуб „ПУЛС“-Општина Кочани.
Членовите на Советот и градоначалникот на Демир Хисар Никола Најдовски одлучија да доделат 240.000 денари, средства од локалниот буџет, а ученици од средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ собираа донации за настраданите и повредени врсници од Кочани.
Куманово - Граѓаните кои сакаат да се снабдат со огревно дрво можат да се пријават во кумановската подружница на ЈП „Национални Шуми“ Куманово најдоцна до 31 март годинава, повикаа денеска надлежните од претпријатието: Заинтересираните треба да се пријават и да склучат договор за купопродажба во просториите на подружницата во Куманово на шестмесечни рати.
- Право на склучување на договори за продажба на огревно дрво имаат физички лица на шест рати, со тоа што испораката на огревно дрво ќе се изврши по исплата на последната рата. Покрај физички лица, право на купување на рати имаат и здруженија на пензионери, инвалиди на трудот, синдикати така што, сите заинтересирани можат да дојдат во просториите на подружницата, да се информираат подетално околу склучување на договорите. Да напомнам дека за социјално ранливите категории на граѓани како што се социјалните случаи, деца без родители, самохрани родители и сите други категории имаат и десет проценти попуст, доколку уплатат во готово. Секако и тие може да купат и на рати со тоа што за нив има на осум и повеќе рати, изјави раководител-директор на подружницата, Катица Станковска Ристовска.
Куманово - Вработените во Центарот за социјални работа Куманово, денеска пред установата излегоа на мирен собир за да ѝ дадат поддршка на повредената социјална работничка од Прилеп, посакувајќи ѝ побрзо закрепнување.
Вработените, членови на синдикатот УПОЗ апелираа до надлежните институции да обезбедат побезбедни услови за работа. Како што кажаа вработените од Куманово, инцидентот што се случи во прилепскиот центар за социјални работи е потсетник за опасностите и предизвиците со кои се соочуваат при секојдневното извршување на работните обврски.
Делчево - Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на епилепсијата - 26 Март, во организација на Општинската организација на Црвен крст во Делчево се одржаа две едукативни работилници во деветтолетките „Ванчо Прке“ и „Св. Климент Охридски“. Целта, како што истакна претседателката на Црвен крст Делчево, Билјана Георгиевска е младите да се стекнат со соодветни вештини за укажување прва помош при епилептични напади.
-Им укажавме на младите, односно им покажавме што е епилепсија, на кој начин треба да реагираат, на кој начин треба да укажат прва помош и што треба да прават и што не треба да прават во таков случај, истакна Георгиевска.
Струга - Советот на Општина Струга на денешната вонредна седница донесе одлука за одобрување на финансиска помош во износ од 1.000.000 денари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Седницата почна со едноминутно молчење и оддавање почит на жртвите во несреќата.
- Се солидаризираме со граѓаните погодени од трагедијата во Кочани. Нема соодветен збор за сочувство, истакна претседателката на Советот Арбереша Влаши.
Кавадарци - Кавадарци се спрема за нов образовен профил, техничар за дигитално земјоделство. Ефремчо Николов, професор по стручни предмети во Земјоделско - шумарското училиште, потврди за МИА дека сериозно работат на подготовките за воведување на оваа струка во ова училиште со долга традиција, со оглед на важноста на дигитализацијата во современиот свет, во сите области, па и во земјоделството.
- Се работи за образовен профил на чие воведување интензивно работиме, а ќе се базира на изучување на најновите, трендовски и перспективни и иновативни земјоделски технологии во земјоделскиот сектор и нивната имплементација во тој сектор, подвлече Николов.
Охрид - Комбинирани инспекциски служби составени од претставници на полицијата, финансиската полиција, на Дирекцијата за заштита и спасување и на пазарната инспекција изминатите денови спровеле контроли на ноќните клубови, дискотеките и кабареата во Охрид.
Контрола била извршена на сите угостителски објекти што изминатите две години поседувале лиценца за работа како кабареа или диско-клуб.
Дебар - Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) реагира на одлуката на македонските власти, со која на Македонците од Мала Преспа, со албански лични документи, не им се дозволува влез во Македонија, преку граничниот премин Стење – Горица, кај Ресен, информираа од партијата.
- Од вчера, граничната полиција не дозволува влез на Македонци од Мала Преспа, кои секојдневно патуваат во Македонија, за сезонска работа во Ресен и Преспа, а навечер се враќаат во своите домови во Мала Преспа. Овие лица, кои поседуваат албански лични карти, се соочуваат со забрана за влез поради податоци во системот дека престојувале повеќе од три месеци во Македонија, иако нивниот влез и излез се случува на дневно ниво, додаваат од МАЕИ.
Неготино - Социјални работници и денеска, како и вчера, побараа итни мерки за нивна заштита во Неготино. Барањата ги насочија кон Министерството за социјална политика, демографија и млади. Рекоа дека се загрижени од зголемените случаи на насилство врз вработените во центрите за социјална работа и тоа посебно по најновиот случај со напад на нивна колешка во Прилеп.
На собирот во Неготино беше кажано дека итно се потребни системски промени за заштита на социјалните работници. Беше посочено дека се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата работа за заштита на најранливите категории граѓани.
Струмица - Од денеска во училиштата во Струмица почнаа вежбите за евакуација, кои беа најавени вчера од струмичките пожарникари и Општината.
Денеска вежба за евакуација во случај на пожар се организираше во ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во село Дабиле, каде, покрај показната вежба од страна на пожарникарите, учениците беа запознаени и со основните мерки коишто треба да ги преземат за да се заштитат во случај на пожар.
Делчево - Делчевскиот градоначалник Горан Трајковски донираше 60 000 денари за семејствата на настраданите во несреќата која на 16 март 2025 година се случи во Кочани. Целта, како што рече, е во овие тешки моменти барем малку да им се олесни тагата на семејствата.
-Како градоначалник на Општина Делчево изразувам длабоко сочувство и солидарност со граѓаните погодени од трагичниот настан во Кочани. Како чин на поддршка и помош за настраданите семејства, одлучив лично од сопствени средства, да донирам 60 000 денари, со надеж дека оваа мала поддршка ќе им помогне барем малку во овие најтешки моменти, истакна Трајковски.
Тетово - Група на поранешни и сегашни вработени во приватната болница ОНЕ хоспитал во Тетово одржаа прес-конференција со цел јавноста да ја запознаат со неисплатени плати и придонеси. Според нив, оваа состојба е пријавена и во надлежните институции но не ги добиле неисплатените плати и придонеси.
- Целта на ова обраќање да се информира јавноста дека со промена на сопственост и менаџментот на болницата пред скоро 2 години дојде до несакано однесување, непочитување кон медицинскиот персонал во оваа болница кои и онака недостасува во нашата земја. Однесувањето беше прво со доцнење на месечни плати и надоместоци се до комплетно неисплата, при што вработените останаа без основни средства за живот, без пензиско и без здравствено осигурување, што си носеше за секое семејство различни непријатни последици. Бараме да ни се врати одработеното и тоа што е наше согласно со секој договор на вработениот. Оваа голгота трае повеќе од една година, изјави Билјана Божиновска, доктор радиолог.
Гевгелија - Идејните решенија за лого и постер од Катерина Пренда се избрани за заштитни знаци на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Ова го соопштија од Одборот за реализација на проектот и како што неведуваат оттаму станува збор за модерни и хармонични визуелни композиции што ја одразуваат богатата историја, културното наследство и визијата на Гевгелија како „Град на културата во 2025 година“.
Скопје - Деновиве беше извршено комплетно асфалтирање на улица „120“ во населба Јака, во вкупна должина од 350 метри и тротоар од 1,5 метри и широчина на коловоз од 6 метри.
Увид во текот на асфалтирањето изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој истакна дека Општина Илинден е во една сериозна градежна офанзива каде се работи на повеќе проекти. Изградбата на улица „120“ е од големо значење за жителите од овој дел на општината. Локалната самоуправа континуирано работи на подобрување на патната инфраструктура во сите населени места со цел подобрување и обезбедување поквалитетни услови за живеење на сите жители.
Гостивар - Младата гостиварска пејачка Тамара Грујеска (14) вечер ќе настапи на фестивал Сан Ремо Јуниор 2025 во Италија. Настапот на Тамара на 16-то издание на San Remo Junior – Светското финале ќе биде во легендарниот театар Аристон во Санремо од 21 часот. Изведувачите ќе ги придружува оркестарот на Сан Ремо составен од 32 музичари.
- По настапот на Junior Evrosong во Ница Франција повторно стапнувам на голема светска сцена. Ќе ја пеам во живо со евровизиската победничка песна Rise Like A Phoenix. Многу сум возбудена и покрај сè она што се случи во нашата земја и се надевам дека ќе ја добијам поддршката. Вечерашниот настап го посветувам на настраданите и нивните семејства во немилиот настан во Кочани. Ќе пеам за сите нив и во нивна чест, изјави Тамара за МИА.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, во утринската емисија „Ја сакам Македонија“ на телевизија Сител, изрази сочувство на семејствата на починатите лица во Кочани и посака брзо опоравување на повредените. Во оваа прилика истакна дека системот го правиме сите ние и сите заедно сме учесници во неговото функционирање. Сепак потенцираше дека државата има закони кои можеби не се идеални и треба да се подобруваат, но мора да се почитуваат.
„Инспекциски надзори се прават постојано на објектите во Општина Центар и од тоа што се гледа на терен е дека не доволно се почитуваат и следат законите, почнувајќи од несовесно паркирање до несовесна грижа во станбените единици. Токму затоа следните денови ќе бидат повикани управителите на станбените единици и претседатели на куќни совети со кои ќе разговараме за подигнување на безбедноста во станбените единици на што повисоко ниво“, рече Герасимовски.