МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

16 април 2025
Скопје - Во Уставот има еден проблем, антидискриминаторската клаузула, да, таа е предмет на оценка на Уставниот суд или подлежи на т.н. уставна тужба, но ние имаме многу малку слободи и права, тоа е слободата на совест, слободата на мисла и интересна работа, слободата на политичко организирање и дејствување за кои е можно да се покрене ваква тужба. Во најголемиот дел од државите сите слободи и права исто така може да бидат предмет на ваква тужба, но и со толку малку слободи и права што подлежат на оценка на уставноста и законитоста по повод уставна тужба, нашиот Уставен суд, не говорам за овој, туку за претходните состави, речиси не постапувал, рече денеска претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.
Таа забележува раздвижување во работата на сегашниот состав на Уставниот суд и очекува, како што изјави, активен Уставен суд.
Скопје - Одлуката за ограничување на бруто профитната маржа на основните прехранбени производи и дел од средствата за хигиена и одлуката за утврдување на највисоки цени на осум групи на прехранбени производи завршуваат на крајот на овој месец. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека ќе се следи ситуацијата и доколку има потреба, ќе бидат донесени други мерки.
- Ние ќе ја следиме ситуацијата, ако случајно се зголемува инфлацијата, ќе постапиме соодветно и ќе донесеме други мерки, рече Дурмиши на денешната прес-конференција.
Скопје - Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца во делот на угостителството, кај 17 се утврдени неправилности. Од нив, на девет им се одземени лиценците, а кај осум се утврдени неправилности за исполнување на минималните технички услови кои треба да ги отстранат во одреден рок.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска на прес-конференција посочи дека овој рок им е даден затоа што инспекторите од Пазарниот инспекторат утврдиле дека се работи за технички услови кои може да бидат отстранети, а доколку тоа не го сторат тоа, лиценците ќе им бидат одземени.
- Контролите од ДПИ покажале дека може да се отстранат неправилностите и даден им е рок за отстранување, рече Дурмиши.
Скопје - Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) нема констатирано недостатоци согласно надлежностите и се предлага постапка за стручен надзор до министерот за здравство, кој формираше стручна комисија за да ги испита сите детали за починатиот пациент на Државна кардиохирургија, Т.А. од Скопје. Пациентот бил примен и со одлука на лекарите било одлучено конзервативно да се лекува, а не да се оперира, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари во одговор на новинарско прашање на прес-конференција.
Вели дека за жал не знае што се случило и зошто настапила смрт кај пациентот и зошто семејството не дозволило да се изврши обдукција.
-Да беше направена обдукција ќе се знаеше, бидејќи е констатирано дека имал и други здравствени проблеми, не е само аневризма на аортата, рече Таравари.
Скопје - Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во рамки на иницијативата „Каде што срцето е дома“, денеска ја посети Општина Центар и одржа работна средба со градоначалникот Горан Герасимовски и членовите на општинскиот Совет. За време на средбата разговараа за активните проекти во општината, плановите за понатамошен развој на централното градско јадро, а акцент беше ставен и на тековните предизвици, како што се недостигот од паркинг места и проблемите со јавната хигиена, за кои беа разменети идеи и предлози за нивни системски решенија, информираат од Министерството за локална самоуправа.
На средбата се дискутирало и за планираните измени на Законот за локална самоуправа, коишто, како што заклучиле сите присутни, ќе се овозможи зголемување на отчетноста на градоначалниците, транспарентноста на општините, а ќе се обезбеди и поголема ефикасност на локалните власти, овозможувајќи им брзо и ефикасно решавање на голем дел од проблемите на терен со кои сега се соочуваат.
Скопје - Две сложени интервенции биле извршени на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје, информираа надлежните на денешната прес-конференција.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, Огнен Костовски рече дека на 12 и 13 март биле извршeни кадавeрични трансплантации на црн дроб, два бубрега. Нешто подоцна, фондовски поддржана, извршена била прва баријатрична процедура на пациент. Два дена траела вкупната хоспитализација.
-Ова е петта кадаверична трансплантација на црн дроб со најуспешен тек, подвлече Костовски.
Скопје - Во Македонија во моментов има над 200 пациенти кои чекаат трансплантација на орган. Оваа листа е динамична и постојано се менува, истакна проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.
- Со оваа последна, успешна кадаверична трансплантација каде што за многу краток рок беа пуштени дома сите пациенти - и двата пациента кои примија бубрег и пациентот кој доби црн дроб, складирани се во коскената банка коски и лигаменти, ткива, додаваме уште една бројка во статистиката на трансплантацијата. Но, целта на денешната прес-конференција е не само да информираме дека статистиката на трансплантација во Македонија се зголемува, туку да истакнеме за значењето на органдонорството и значењето на трансплантацијата. Зад секоја статистика стојат животи, стојат приказни за надеж, стојат приказни за болка, за жал понекогаш и приказни за лична загуба, истакна Кузмановска.
Скопје - Високи претставници на Коалицијата Вреди денеска во седиштето во Скопје одржуваат состанок по одлуката на АА предводена од Арбен Таравари да настапи самостојно на локалните избори.
На состанокот освен лидерите на БЕСА, Билал Касами, Изет Меџити на Демократското движење, и на Алтернатива, Зекири Ибраими, присуствуваат министри и пратениците од овие три партии, но и градоначалници и други функционери.
Претседателот на Демократското движење и вицепремиер Меџити на новинарското прашање дали на состанокот ќе се разговара за исклучување на Таравари, рече дека се е на маса.
Берлин - Берлинскиот лекар за палијативна медицина е обвинет за намерно убиство на петнаесет пациенти, објави денеска берлинското државно правобранителство.
-Претпоставуваме дека осомничениот убил најмалку 15 пациенти во периодот од 2021 до 2024 година, соопшти берлинското државно правобранителство.
Инспекторите не исклучуваат дека бројот на жртви може дополнително да се зголеми во текот на истрагата. Осомничениот лекар е во истражен притвор од август минатата година, првично обвинет за убиство на четворица пациенти.
Во текот на истрагата и прегледот на досиејата на пациентите, инспекторите дојдоа до нови заклучоци. По ексхумацијата и обдукцијата на натамошни починати пациенти, достигната е сегашната бројка од 15 смртни случаи.
Брисел - Европската комисија може да даде мислење за усогласеност на содржината на некој документ со законодавството на ЕУ, вклучително и за Договорот за соработка во областа на туризмот и изградбата на недвижности што Црна Гора го потпиша со Обединетите Арапски Емирати, изјави денеска портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.
Ваквата изјава на Мерсие претставуваше одговор на новинарско прашање дали еврокомесарката за проширување Марта Кос примила писмо од црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, со кое се бара Европската комисија да го преиспита Договорот што Црна Гора го склучи со Обединетите Арапски Емирати, како и дали ЕК планира проценка на Спогодбата уште пред таа да биде ратификувана од црногорското Собрание.
Брисел – Во сегашниот контекст Русија го користи одбележувањето на крајот на Втората светска војна за да ја оправда својата агресија врз Украина, така што е важно да не се дава легитимитет на тоа со учество на вакви настани, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер во врска со најавите за присуство на словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ на парадата по повод Денот на победата над фашизмот на 9 мај во Москва.
- Всушност имаме и одлука на Советот за ова, со која земјите членки, вклучително и Словачка, во 2022 година се согласија до одбијат такви покани, додаде Хипер.
Тел Авив - Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави денеска дека Израел во моментов нема намера да дозволи продолжување на протокот на хуманитарна помош кон Појасот Газа.
„Политиката на Израел е јасна и никаква хуманитарна помош нема да влезе во Газа“, рече Кац, објави „Тајмс оф Израел“.
Тој посочи дека спречувањето на помошта да влезе во Газа е „една од главните алатки“ за притисок врз Хамас, „покрај другите чекори што Израел ги презема“.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека лично ќе присуствува на утрешната средба со јапонските претставници во Вашингтон, на која теми на разговор ќе бидат трговијата, царините и трошоците за американската воена поддршка за Јапонија.
„Јапонија денеска доаѓа на преговори за царини, трошоци за воена поддршка и фер трговија. Ќе присуствувам на состанокот заедно со секретарите за финансии и трговија. Се надевам дека ќе успееме да постигнеме договор кој е добар и за Јапонија и за САД“, напиша Трамп на платформата Трут сошл.
Трамп, кој претходно го критикуваше безбедносниот договор со Токио, рече дека сегашниот договор е „многу интересен“, но дека е едностран.