МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
10 јануари 2025
Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на 20 јануари во Вашингтон ќе присуствува на инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп. Како што информираат од Владата за МИА, Мицкоски на 20 јануари ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите Трамп медиа и Рампл.
Најавено е дека за време на престојот во Вашингтон, македонскиот премиер ќе се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и министер за трговија, Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација и со извршниот директор на Рамбл, Крис Павловски. Од Владата посочуваат дека можни се и повеќе други средби.
Скопје - Скопје по неколку дена поминати меѓу 10-те најзагадени градови во светот, утрово бележи пад на листата. Според табелата на платформата за мерење на аерозагадувањето „Ај кју аир“, во 9 :15 часот главниот град се наоѓа на 57. место во светот.
Вредноста на нивото на штетни ПМ честички изнесува 63 единици во Скопје и е во категоријата означена со жолто поле како умерено ниво на загаденост.
Најзагадени градови на глобално ниво се Делхи во Индија, Каиро во Египет и Мумбаи исто во Индија. Во Европа, денеска Букурешт има најзагаден воздух и е на 16. место со вредност од 134 единици, далеку пред Милано во Италија кое е на 39. место (81) и Киев на 41 место.
Скопје - Имаме две добри вести, првата е дека конечно ќе се воспостави директна линија од Скопје до Амстердам, што е огромна можност за туризмот, со оглед дека Македонија е популарна дестинација за Холаѓаните. И најновата вест е дека авиокомпанијата Изиџет формално поднесе документи во министерството за Скопје-Париз до аеродромот „Орли”, кој што е најблиску до центарот на Париз, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој потенцираше дека во наредниот период се очекува да бидат потврдени уште 3-4 дестинации до кои ќе се лета од македонските аеродроми.
Скопје - Центарот за управување со кризи информира и за прогнозата на УХМР за наредните денови, според која претстои студен бран со врнежи од снег.
- Согласно временските метеоролошки прилики, со соодветни подготовки согласно дестинацијата ако се планираат патувањата, пожелно е да се следат информациите од медиумите за временската состојба и состојбата на патиштата, дадени од надлежните институции и служби, апелира ЦУК.
Скопје - Од 17 до 26 јануари ќе се одржи зимското издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион. Станува збор за заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали - Сараево филм фестивал, Фестивал на авторски филм Белград, Љубљански меѓународен филмски фестивал, Загреб филм фестивал, Филмски фестивал Херцег Нови и ИФФК „Браќа Манаки“. Публиката од земјите чии фестивали се членки на Мрежата, ќе може бесплатно да погледне пет регионални наградувани филмови.
Дел од програмата ќе бидат „Екскурзија“ на режисерката Уна Гуњак, „М“ на Вардан Тозија, „Набљудување“ на Јанез Бургер, „Работничката класа оди во пеколот“ на Младен Ѓорѓевиќ и „Само кога се смеам“ на Вања Јураниќ.
Атина – Во периодот од 30 декември до 5 јануари, во Грција е регистриран пораст на заболени од грип и респираторни инфекции, како и на позитивни случаи на Ковид-19, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на Ковид-19, стапката на позитивност кај сите тестирани примероци е зголемена во однос на претходната седмица, 538 лица биле хоспитализирани, а бројот на смртни случаи е 22.
Пораст има и на заболени од грип и во првата седмица од годинава биле регистрирани седум нови тешки случаи со хоспитализација на интензивна нега и еден нов смртен случај од лабораториски потврден грип.
Атина – Во базата на грчкото воено воздухопловство во близина на Атина вчера пристигнал уште еден воен авион Рафал, со што се комплетираше набавката од 24 француски „ловци“, што Грција ги нарача во изминатите години, јави дописничката на МИА од Атина.
Во септември 2020 година грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис соопшти дека земјата ќе набави 18 воени авиони Рафал,една година подоцна, тогашните министри за одбрана на Грција и Франција го потпишаа соодветниот договор, а беше оставена отворена можноста за набавка на дополнителни шест, за што беше потпишан уште еден договор во 2022 година.
Воените авиони постепено пристигнуваа во земјата, а за првите шест Рафал во јануари 2022 година се одржа и свечена манифестација во присуство на Мицотакис, кој тогаш порача дека „новите Рафал се подготвени да полетаат за подобро, помирно утре за целиот регион“.
Атина – Здравствената состојба на архиепископот на Албанија Анастасиос, кој од минатиот петок е хоспитализиран, денеска драстично се влошила и префрлен е на Одделот за интензивна нега, каде што е приклучен на апарати, според соопштението од атинската болница, јави дописничката на МИА од Атина.
На 30 декември, 95-годишниот поглавар на Албанската православна црква, бил превентивно примен во болница во Тирана со сезонски вирус, меѓутоа ситуацијата се влошила, па на 3 декември во вечерните часови со авион на грчкото воено воздухопловство беше префрлен во болница во Атина, каде што го следи медицински тим
Никозија – Силното пријателство и соработка меѓу Израел и Кипар и меѓу нашите два народи се витални столбови на стабилноста, безбедноста и надежта во нашиот регион, напиша претседателот на Израел Исак Херцог на платформата Икс по вчерашната вонредна средба со неговиот кипарски колега Никос Христодулидис во Никозија, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпарлот на кипарската Влада Константинос Летибиотис информираше дека двајцата претседатели разговарале за регионалните и меѓународните случувања, а „дискусијата се фокусираше на развојот на ситуацијата во Сирија и можните последици за Источниот Медитеран, паралелно подвлекувајќи ја стабилизирачката важност на Кипар како мост меѓу регионот и Европската унија“.
Израелскиот претседател преку Икс му се заблагодари на Христодулидис за „цврстото пријателство и топлата и продуктивна дискусија“.
Берлин - Најмалку 3,3 милиони луѓе во Германија работеле на црно минатата година, објави Германскиот економски институт. Според истражувањето на Институтот, 7,5 отсто од анкетираните мажи и 3,5 отсто од жените работеле без да платат данок во последните дванаесет месеци. Помладите луѓе почесто се свртуваат кон нелегална работа отколку постарите.
-Истражувањето на компаниите покажа дека непријавената работа ги чини компаниите во просек пет отсто од нивниот промет. Тоа одговара на обрт од околу 300 милијарди евра годишно што го губат компаниите, наведуваат од Институтот.
Незаконското работење, важна компонента на сивата економија, се дефинира со избегнување на даночни и социјални обврски, како и со барањата на трговското право. Тоа е исто така проблем релевантен за економската политика, пазарот на трудот и фискалната политика во Германија.
Брисел - САД се еден од нашите најблиски партнери и ние сме посветени на зајакнување на трансатлантската врска, се наведува во идентична објава на Икс на претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
- За нас во ЕУ од суштинско значење е да ги заштитиме и зајакнеме нашите основни демократски вредности, да ја направиме нашата економија поконкурентна и одржлива, да ја прошириме нашата глобална мрежа на партнерства и да инвестираме повеќе во нашата безбедност, се истакнува во објавата.
Кошта и Фон дер Лајен нагласуваат дека ЕУ секогаш ќе ги штити своите граѓани и интегритетот на европските демократии и слободи.
Брисел – Европската комесарка за проширување Марта Кос најави дека во следните месеци на агендата ќе има многу важни одлуки за проширување на Европска Унија.
- Многу важни одлуки за проширувањето на ЕУ ќе бидат на нашата агенда во наредните месеци, а полското претседателство со Советот на ЕУ има големи амбиции. Ајде да работиме заедно за да изградиме посилна и пообединета Унија за да ги зачуваме мирот, слободата и безбедноста на нашиот континент, напиша Кос на платформата Икс.
Таа додаде дека ќе разговара со полскиот министер за ЕУ Адам Шлапко и министерот за надворешни работи Радослав Сикорски како брзо и ефикасно да се унапреди процесот.
Лондон - Ќе има „штета во реалниот свет“ ако Мета ја прошири својата одлука да ја укине проверката на фактите на Фејсбук и на Инстаграм надвор од САД, објави Меѓународната мрежа за проверка на факти.
„Ако Мета одлучи да ја прекине програмата ширум светот, речиси е сигурно дека ќе резултира со штета во реалниот свет на многу места“, соопшти мрежата од повеќе од 130 организации.
Предупредувањето е дека некои од повеќе од 100 земји со слични програми се „многу ранливи на дезинформации“ што поттикнуваат насилство.
Вашингтон – Потпретседателката на САД, Камал Харис ја откажа планираната посета на Германија и други земји поради пожарите во регионот на Лос Анџелес. Соопшти Белата куќа.
Харис на 17 јануари требаше да ја посети американската военовоздухопловна база Спангдалем во Германија, а потоа и американските воени бази во Сингапур и во Бахреин. Тоа ќе беа нејзини последни патувања како потпретседателка на САД.
- Поради пожарите во областа на Лос Анџелес, Харис одлучи да остане во САД за да учествува во напорите на владата за давање помош на погодените области, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера го откажа планираното патување во Италија поради пожарите.
Москва - Кремљ денеска соопшти дека претседателот на Русија, Владимир Путин е отворен за разговори со Доналд Трамп без предуслови, откако новоизбраниот американски претседател изјави дека се организира средба помеѓу двајцата.
- Претседателот постојано ја истакна својата отвореност за контакти со меѓународните лидери, вклучително и американскиот претседател, вклучително и Доналд Трамп“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека Кремљ ја поздравува „подготвеноста на Трамп да ги решава проблемите преку дијалог“.
Лос Анџелес - Повеќе од 10.000 објекти се уништени во пожарите во областа на Лос Анџелес во изминатите три денови, соопштија властите.
Според проценките на компании, штетата би можела да достигне и до 150 милијарди долари, јави Би-Би-Си.
Жителите, кои беа евакуирани од подрачјата зафатени од пожарите, се вратија на местата кои изгореа во пожарот, а на многу од нив домовите им изгореа до темел.
Компанијата AccyWEather речиси тројно ја зголеми својата прелиминарна проценка за вкупната штета од шумските пожари во Калифорнија за само 24 часа.
Според најновата проценка, штетата би можела да биде и до 150 милијарди долари, додека првичната проценка на штетата била 57 милијарди долари.
Пожарите ги зафатија области каде се некои од најскапите недвижнини во САД. Противпожарната служба соопшти дека повеќе од 5.300 имоти биле уништени во пожарот во Пацифик Палисадес, елитно предградие на Лос Анџелес, додека меѓу 4.000 и 5.000 објекти биле оштетени или уништени во пожарот во Итон.
Лос Анџелес - Наставниците нѐ учат многу повеќе од математика, читање и пишување... Нивното искуство, се вели, често носи вредни лекции и за животот, воспитувањето и меѓучовечките односи.
Учителка во пензија која својот работен век го минала со деца од основноучилишна возраст, открива која, според неа, е најголемата грешка што ја прават родителите... Имено, прашана - кој е нејзиниот најважен впечаток околу родителството, таа едноставно одговори:
- Не уживаат во тоа.
Според нејзиното објаснение, родителите честопати сакаат нивните деца да бидат - „совршени“, т.е. целосно „приспособени“ и „соодветни“ на очекувањата на возрасниот.
Токио - Најмалку осум лица се повредени по денешниот напад со чекан на универзитет во Токио, објавија локалните медиуми.
Околу 16 часот по локално време, повеќекратни повреди биле пријавени во кампусот Тама на Универзитетот Хосеи во Мачида, Токио, соопшти полицијата и други извори.
Се верува дека најмалку осум лица се повредени, но сите се свесни, се вели во извештајот.
Осомничениот кој управувал со чеканот е уапсен на местото на настанот, а полицискиот оддел во Токио во моментов ги истражува деталите за инцидентот.