МИА Радио флеш
- 12 февруари 2025

Скопје - Амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје на средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја информирал за планираните активности на Мисијата во 2025 година, посочувајќи ги, како приоритетни областите: владеење на правото, основните човекови права и социјалната кохезија, доброто управување, младинските политики и родовата еднаквост.
Претседателката, како што соопшти нејзиниот Кабинет, го информирала амбасадорот за новоформираните тела: Советот за безбедност, Советот за млади, Комисијата за помилување и Комисијата за доделување одликувања и признанија. Објаснила дека при номинацијата, најпрво се водела од компетентноста, стручноста и интегритетот, без да ги запостави правичната и соодветна застапеност, како и половата и родовата димензија.
Скопје - Министерството за внатрешни работи и Царината од синоќа спроведуваат акција на граничниот премин Богородица. Според дел од медиумите, се работи за откриена дрога во камион со македонски регистарски таблички.
Според првичните информации, камионот во кој имало рециклирана отпадна хартија влегол од Косово и требало да оди за Грција, а крајната дестинација била Турција.
Од Министерството за внатрешни работи и од Царинската управа засега не откриваат детали, но најавуваат повеќе информации во текот на денот.
Скопје - Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина Изет Меџити во врска со одлуката на Владата да почне постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вели дека таа е резултат на континуираните правни прекршувања на Коцевски.
- Прво, оваа постапка е во согласност со духот на меѓународниот фактор и стратешките партнери, со цел да се интервенира таму каде што има прекршувања. Второ, довербата на граѓаните во судскиот систем е на најниско ниво од 90-тите години и речиси повеќе не постои. Трето, јавниот обвинител Коцевски продолжи со континуирани правни прекршувања, создавајќи ситуација што ја направи неизбежна одлуката за негово разрешување, истакна Меџити за телевизија Алсат.
Скопје - Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска оствари видео конференциска врска со Олекси Кулеба, заменик претседател на Кабинетот на министри на Украина, соопшти Министерство за транспорт.
Двајцата потпретседатели во име на владите на двете земји го потпишале Протоколот за измена на Спогодбата меѓу Македонија и Украина за меѓународниот патен превоз на патници и стока.
-Со измените на Спогодбата се предвидува, двете земји да воведат либерализација за билатералниот и транзитниот превоз во меѓународниот патен превоз на стоки, односно истиот да се одвива без дозволи, се наведува во соопштението.
Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски остварил билатерална средба со Мохамед Хамад Ал Куваити, раководител на сајбер безбедноста за Владата на Обединетите Арапски Емирати и претседател на Советот за сајбер безбедност на ОАЕ.
Министерството информира дека соговорниците разговарале за заштита во областа на сајбер безбедноста, меѓународната соработка во справувањето со хибридни напади и сајбер закани.
-Ал Куваити е познат по тоа што ја доведе ОАЕ во првите пет најзаштитени земји од сајбер напади. Д-р Ал Куваити води и бројни иницијативи кои донесоа Гинисови рекорди за подигање на свеста за сајбер безбедноста и организирање на најголеми сајбер безбедносни вежби, со што значително ја зголеми отпорноста на нацијата во сајбер просторот, се наведува во соопштението.
Атина - Поранешниот собраниски спикер и кандидат од владејачката Нова демократија, претпладнево со 160 гласа „за“ од пратениците беше избран за претседател на Грција за време на четвртото гласање во Парламентот за шеф на државата, на кое потребно беше еден од четворицата кандидати да добие најмалку 151 глас, јави дописничката на МИА од Атина.
За Тасулас гласаа целата пратеничката група на Нова демократија, вкупно 156 пратеници, двајцата поранешни членови на владејачката партија, сега независни, како и уште двајца независни пратеници.
Соопштувањето на резултатите од претседателот на Парламентот Никитас Какламанис и изборот на Константинос Тасулас беше проследено со аплауз од пратениците на Нова демократија.
Атина – Земјотрес со јачина од 5 степени беше регистриран кусо по 3 часот по локално време во близина на Санторини, а серијата земјотреси во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос продолжи и во текот на ноќта, јави дописничката на МИА од Атина.
Согласно официјалните податоци од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, освен најсилниот земјотрес беа регистрирани и пет со јачина од над 4 степени.
Од почетокот на месецов земјотресите се секојдневие на Санторини, а доста често во помали временски периоди има по неколку силни земјотреси, а досега беа регистрирани вкупно четири од 5 или над 5 степени.
Тирана - Украинскиот премиер Денис Шмигал и неговиот албански колега Еди Рама разговарале за одбранбената соработка и зголемениот притисок на санкциите врз Русија, вклучително и напорите за спротивставување на руската „флота во сенка“.
Терминот „флота во сенка“ обично се користи за да се однесува на танкери што се користат за заобиколување санкции и/или други ограничувања на трговијата со нафта и нафтени деривати.
-Шмигал ја изразил својата благодарност до Албанија за обуката на украински воен персонал. Шмигал особено истакна дека Украина очекува да продолжи и прошири оваа програма во согласност со договорот за долгорочна соработка и поддршка потпишан во јануари, објавија албанските медиуми.
Тирана - По апсењето на градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, овластена градоначалничка, од вчера доцна попладне, е Ануела Ристани.
Веста ја објави општина Тирана, но и самата Ристани, по втората средба што во текот на вчерашниот ден, со петте заменици градоначалници и претседателот на советот на општина Тирана, ги оствари премиерот Еди Рама, во просториите на општината.
Ристани (43) родена е во Тирана средно образование завршила во Албанија и САД, а дипломирала бизнис на американскиот универзитет во Бугарија.
Белград - Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ денеска изјави дека до крајот на неделата ќе биде претставен предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за високото образование. Таа додаде дека со ова целосно ќе се исполни четвртото барање на студентите, кое се однесува на зголемување на средствата за државните факултети за 20 отсто.
Таа на ТВ Хепи рече дека законот во овој момент не треба да се менува бидејќи средствата се доделени, туку дека со нивно прецизирање на пленумот, студентите јасно ставиле до знаење дека би сакале да видат измени на законот за тоа да биде правна работа, а не само во 2025 година.
Загреб - Платформата „Ало, инспекторе“, која со недели организира бојкот на продавниците, сега повикува на нов бојкот во Хрватска. Откако во вторникот објавија дека ги контактирале средношколците револтирани од скапите производи во пекарите, плаформата на Фејсбук објави што понатаму бојкотираат.
„Да ја поддржиме иницијативата на средношколците! Да го бојкотираме купувањето во пекари и продавници: леб, бурек, пецива, крофни и други пекарски производи. Ајде да го прекинеме купувањето на еден ден“.
Берлин - Едно лице загина, а 25 се повредени, од кои шест потешко, во судар на брз воз и камион во предградието на германскиот град Хамбург, соопшти полицијата.
Во моментот на судирот во возот (ICE) имало 291 лице. Полицијата соопшти дека неповредените патници биле евакуирани и однесени со автобус до блиската станица. Еден сопатник (55) починал на местото на настанот.
Не е утврдено што довело до несреќата. Возачот на камионот е приведен на распит.
Стразбур - Во време на раст на неизвесноста и глобалната конкуренција не можеме да продолжиме да се однесуваме како се да е вообичаено, туку ни е потребна храбра акција за зајакнување на безбедноста, просперитетот и демократијата и да одговориме на прашањата што се најважни за Европејците, порача еврокомесарот за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност, Марош Шефчович при презентацијата на Програмата за работа на Европската комисија за 2025 година пред Европарламентот во Стразбур.
- Тоа не можеме да го постигнеме, ако не ја задржиме нашата економска предност. Затоа, за цел имаме да ја зајакнеме конкурентноста на европските бизниси и да ја зајакнеме нашата економска отпорност. Потребен ни е и здружен пристап, па затоа заедно со Програмата за работа, усвоивме визија за амбициозна агенда за нејзино спроведување и поедноставување, нагласи Шефчович.
Брисел - Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос, во заедничка изјава за неодамнешните избори во Косово, нагласуваат дека од Приштина се очекува да ги спроведе своите обврски што произлегуваат од Договорот за патот кон нормализирање на односите, како и од сите претходни договори од дијалогот „без дополнително одлагање или предуслови“.
„Нема алтернатива за дијалогот предводен од ЕУ“, нагласија Калас и Кос, додавајќи дека напредокот во нормализирањето на односите со Белград е единствениот начин Приштина да напредува на нејзиниот европски пат.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека “само силни чекори и притисок врз Москва можат да ја сопрат Русија“ и повика на единство и поддршка од сите партнери на Украина „во соочувањето со руската агресија“.
„Овој руски терор против Украина нема да престане сам по себе. Путин не се подготвува за мир - тој продолжува да убива Украинци и да уништува градови. Само силни чекори и притисок врз Русија можат да го запрат овој терор. Во моментов ни треба единство и поддршка од сите наши партнери во борбата за праведен крај на оваа војна“, објави Зеленски на Телеграм.
Лондон - На Минхенската безбедносна конференција што ќе започне в петок, според Тајмс, шефот на британската дипломатија ќе нагласи дека е дојдено време Европа да го преземе товарот на САД во НАТО, при што Британија ќе ја преземе водечката улога.
Тајмс пишува дека „лидерот на лабуристите ќе објави дека европските земји треба уште повеќе да се фокусираат на напорната работа во НАТО додека претседателот Трамп го префрла фокусот на САД кон Кина и одбраната на САД“.
Вашингтон - Американското Федерално биро за истраги (ФБИ) пронајде илјадници нови документи поврзани со атентатот на поранешниот претседател Џон Кенеди откако американскиот претседател Доналд Трамп повика на објавување доверливи разузнавачки документи поврзани со настанот од 1963 година.
ФБИ соопшти дека била спроведена нова истрага за документите откако Трамп во јануари потпиша извршна наредба за нивно објавување.
Тоа пребарување резултираше со околу 2.400 нови, претходно неидентификувани и дигитализирани документи кои сега се поврзани со досието за атентатот.
Њу Делхи - Повеќе од десет милиони побожни Хиндуси кои бараат прошка за своите гревови се капеа во светите води во северна Индија, соопштија властите, додека се подготвуваат за милиони други кои ќе се соберат на фестивалот Кумб Мела.
Властите го зголемија бројот на полицајци и ставија медицински хеликоптери на располагање во градот Прајаграј во државата Утар Прадеш на еден од најсветите денови на хинду фестивалот, кој се смета за најголем собир на луѓе во светот.