МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

17 февруари 2025
Скопје - Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска се сретна со Алфред Камер, директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, на маргините на конференцијата на високо ниво „Справување со геоекономската фрагментација“, во организација на Холандската централна банка, соопшти Народна банка (НБ).
- Независноста на централната банка е јавно добро што мора да се зачува. Централните банки можат успешно да ги исполнат своите цели само ако се независни, вклучително и преку одржување силна финансиска самостојност заради ефективно спроведување на политиките. Народната банка на Северна Македонија успешно се справи со големиот број неодамнешни предизвици благодарение на нејзината независност и кредибилитет, коишто мора да се зачуваат, истакна Камер на средбата со Ангеловска-Бежоска.
Скопје - Е-трговијата во Северна Македонија и Западен Балкан бележи континуиран раст, поттикнат особено од пандемијата, но нивото на развој останува значително под просекот на ЕУ. Потенцијалот на овие мали и фрагментирани пазари лежи во преку-граничната е-трговија, која засега е недоволно искористена. Со популација од 17,1 милиони жители и вкупен БДП (PPP) од 376,6 милијарди меѓународни долари (Светска банка, 2022), регионот има можност да создаде значителен заеднички пазар.
Според Statista, приходите од е-трговијата во Западен Балкан во 2029 година се проценуваат на 3,98 милијарди евра, но сепак, прекуграничната е-трговија во Западен Балкан значително заостанува зад ЕУ.
-Србија има највисока проектирана стапка на раст (CAGR) од 10,6 отто, додека Црна Гора најниска со 6,2 проценти. Приходот по корисник (ARPU) е највисок во Црна Гора (1.421 евра), а најнизок во Србија (465 евра). И покрај растот, регионот не ја намалува разликата со ЕУ, при што само Србија има повисок CAGR од европскиот просек, се наведува во соопштението од Асоцијацијата за е-трговија.
Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со градоначалниците на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и на Центар Горан Герасимовски спроведоа заедничка превентивна акција низ централното градско подрачје на Скопје и во Кисела Вода.
Оваа заедничка иницијатива, како што соопшти МВР, е со цел да се утврди состојбата на лице место со присуство на малолетници во ноќните часови и низ разговор со нив да се испрати порака колку е важна превенцијата во спречување на малолетничката деликвенција во сите нејзини појавни облици.
-Од страна на МВР ќе ја разгледаме и можноста во рамки на системот ,,Безбеден град”, кој што опфаќа камери на сообраќајници да се надогради со видео надзор на парковите и други места каде се забележува нарушување на јавниот ред и мир, потенцираше министерот Тошковски.
Скопје - Полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции, вчера околу 16.30 часот на патниот правец од Богданци кон село Фурка, дојранско извршиле контрола на товарно возило „ивеко“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Б.Г.(59) од Струмица.
Како што соопшти денеска МВР, при контролата во возилото биле пронајдени и одземени вкупно 672 парчиња брендирана роба за која не поседувал соодветна документација.
Скопје - Во ТВ-преносот на годинашното „Супербоул“ финале во американско рагби - најскапото и најпрестижно спортско шоу во светот, беа прикажани и низа реклами режирани од македонскиот режисер Ангел Апостолски.
За првпат во историјата, ПЕТА - глобалната мрежа за заштита на животните, се појави со реклами за време на ова шоу, каде што рекламен блок од 30 секунди чини 8 милиони долари. За режијата на овие специјално изработени рекламни спотови, ПЕТА го ангажираше Апостолски. Скопјанецот, филмски режисер со диплома од Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија. Живее, работи и патува меѓу Софија и Амстердам - е еден од ретките европски режисери кои имаат изработено реклами за „Супербоулот“.
Атина – Нема да им се потчинам на теориите на заговор, ниту на популистички слогани и на инструментализацијата на колективната драма. Несреќата што предизвика национална жалост не треба да се сведе на евтин слоган и алатка за партиските планови, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за „Катимерини“, говорејќи за железничката несреќа кај Темпи пред речиси две години и истакна дека и граѓаните, но и државата бараат правда, јави дописничката на МИА од Атина.
Посочи дека е потребно да се открие вистината, да се идентификуваат и казнат одговорните, а државата да ги пронајде пропустите за да може да се подобри.
Тирана - Според официјалните податоци на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, од неговото формирање до крајот на 2024 година имало околу 900 обвиненија за кривични дела од областа на корупцијата против министри, пратеници и други државни функционери.
-Од 2019 година, кога започна со работа, ова тело се смета за главна алатка во борбата против корупцијата, што ги поттикна дури и оние кои го напаѓаа и анатемисуваат да одат и да поднесат тужби. Според статистиката на обвинителството точната бројка на обвиненија е 892 главно за злоупотреба на службената положба, повреда на еднаквоста на учесниците во тендери, пасивна и активна корупција на лица кои вршат јавни функции; прикривање на имот, пасивна корупција на судии, обвинители, објавија медиумите.
Подгорица – Претседателот и премиерот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и Милојко Спајиќ планираат да поднесат иницијатива до францускиот претседател Емануел Макрон, земјата следната година да биде домаќин на Самитот на Европската политичка заедница.
Следната година Црна Гора одбележува 20 години од независноста, а на Самитот е предвидено да учествуваат 50 европски шефови на држави и влади.
Загреб - Министерството за демографија и доселување на Хрватска објави јавен повик во вредност од 200.000 евра, на кој непрофитни организации и поединци можат да се пријават за финансиска поддршка за проекти од интерес за повратници и доселеници од хрватската дијаспора.
Пријавите може да се поднесуваат во наредниот месец, односно до 17 март.
Анкара - Млада Турчинка ги истетовира очите на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на своето чело - за да покаже колку го сака.
Овој потег стана хит на Инстаграм и интернет-просторот. На челото на младата жена, под сликата со неговите очи, со сина боја е испишано и името на првиот човек на Турција: Реџеп Тајип Ердоган.
Брисел - Еврокомесарот за трговија и економска сигурност Марош Шефчович денеска патува за Вашингтон на разговори со претставници на новата Американска администрација околу трговските односи меѓу ЕУ и САД.
Според најавите Шефчович во Вашингтон ќе се сретне со американскиот секретарот за трговија Хауард Латник, со трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир и со шефот на Националниот економски совет, Кевин Хасет.
Во пресрет за заминувањето, Шефчович во саботата на 61. Минхенската безбедносна конференција изјави дека ЕУ е подготвена да разговара за се што е потребно, со цел да ги избегне царините за увоз на европски стоки во САД.
Брисел - Во услови кога се соочуваме со турбулентни времиња, со војна на нашиот континент, затегнати односи со сојузниците, климатски промени и зголемени притисоци врз конкурентноста, работните места и просперитетот, јас сум поубеден од кога било досега дека ни треба уште посилна Европска Унија во иднина, порача еврокомесарот за енергија и домување Ден Јоргенсен.
- Сето ова бара решителна акција од силна Европска Унија. Ниту една европска земја, голема или мала, не може сама да се справи со овие предизвици. Треба да се надоврземе на нашите силни страни: нашите социјални модели кои обезбедуваат квалитет на живот и може да се применат на неколку места, нашата амбициозна агенда за одржливост, најголемиот внатрешен пазар во светот и нашата севкупна способност да станеме посилни преку соработка, наведе данскиот еврокомесар во објава на Икс.
Берлин - Откако британскиот премиер, Кир Стармер денеска изјави дека Велика Британија е „подготвена“ да испрати мировни трупи во Украина, пратеникот од демохристијанската партија во германскиот Бундестаг, Јирген Харт изјави дека Германија најверојатно ќе биде дел од таков план.
-Не сакаме да навлеземе во таа војна. Во меѓународното право постои јасна основа за мировна мисија во Украина која ќе обезбеди прекин на огнот и мирот да опстанат. Не можам да замислам Германија да не е дел од тој концепт, изјави Харт за Би-Би-Си.
Париз – Во градот Ван, Бретања на 24 февруари почнува судењето против поранешниот хирург Жоел Ле Скуарнек (74), обвинет за силување или сексуален напад на речиси 300 поранешни пациенти во период од повеќе од 25 години. Најголемиот број жртви на хирургот биле деца.
Судењето ќе биде јавно освен сведочењата на жртвите, кои во време на нападите биле малолетни, ќе бидат зад затворени врати.
Просечната возраст на жртвите на Ле Скуарнек е 11 години, но поранешниот хирург е обвинет и за силување на едногодишно дете и за сексуален напад врз 70-годишен човек.
Москва - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, и помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, утре ќе се сретнат со американски претставници во Ријад.
Оваа информација ја потврди портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, кој изјави дека Лавров и Ушаков денеска ќе отпатуваат за Ријад по инструкции на Владимир Путин.
– Се очекува во вторник во Ријад да одржат состанок со американските колеги, кој пред сè ќе биде посветен на обновување на целиот спектар на руско-американските односи, рече Песков.
Ерусалим - Активисти и роднини на израелските заложници кои веќе 500 дена во Појасот Газа каде ги држи милитантната палестинска група Хамас, излегоа денеска на улиците и ги блокираа патиштата во поголемите израелски градови.
Според „Тајмс оф Израел“, роднините на израелските заложници, со поддршка на активисти, на овој начин го одбележуваат 500-тиот ден од заробеништвото на нивните најблиски.
Собраните пред зградата на Кнесетот во Ерусалим пред почетокот на протестниот марш му се заблагодарија на американскиот претседател Доналд Трамп и се согласија дека продолжувањето на војната е еднакво на „смртна казна“ (за заложниците).
Стокхолм – Шведска не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина како дел од какви било повоени мировни сили, јави денеска Шведското радио.
- Сега прво мораме да преговараме за праведен и одржлив мир, кој го почитува меѓународното право, кој ја почитува Украина и кој прво и основно гарантира дека Русија не може само да се повлече, да изгради нова сила и да ја нападне Украина или друга земја за само неколку години, изјави шведската министерка за надворешни работи Марија Малмер Стенергард во интервју за Шведското радио.
Таа додаде дека „откако ќе се воспостави мир, треба да се осигураме дека може да се одржи и тогаш нашата Влада не исклучува ништо“.
Каиро - Десет лица загинаа, а осум се повредени денеска кога се урна зграда во главниот град на Египет, јавија државните медиуми.
На местото на настанот во работничката населба Кердаса во Гиза биле испратени возила на брза помош. Таму тимовите за цивилна заштита трагаат по исчезнатите под урнатините, пишува весникот „Ал-Ахбар ал-Јум“.
Очевидци за весникот изјавија дека колапсот бил предизвикан од „експлозија на плинска боца“ и дека истрагата на полицијата е во тек.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп побара од Врховниот суд на САД да му дозволи да го отпушти шефот на независната агенција за етика која ги штити федералните вработени укажувачи.
Тој поднел итна жалба до највисокиот суд во земјата за да одлучи дали може да го отпушти Хемптон Делингер, шеф на Канцеларијата на специјалниот советник на САД.
Трамп, исто така, отпушти повеќе од десетина генерални инспектори во различни федерални агенции и отпушти илјадници вработени во американската влада.
Лондон - Филмовите „Конклава“ и „Бруталист“ се големите победници на наградите на Британската академија за филмски и телевизиски уметности - „БАФТА“, синоќа. И двата филма понесоа по четири признанија.
Драмата за избор на нов папа - „Конклава“, којашто водеше во номинациите - со вкупно 12 можности за награда, ги освои одличијата за најдобар филм, најдобар британски филм, адаптирано сценарио и монтажа.
Историската драма „Бруталист“ - приказната за унгарски архитект кој се обидува да изгради живот во САД по Втората светска војна, исто така, беше во трката за најдобар филм. Режисерот Брејди Корбет и Адриен Броди добија „БАФТА“ статуетка за најдобар режисер и глумец, соодветно. Филмот ги доби и наградите за најдобра авторска музика и кинематографија.
Лос Анџелес - Додека Администрацијата на Доналд Трамп забранува одредени книги за деца, и американската глумица и писателка Џулијан Мур најде свое дело на таа забранета листа. Имено, таа откри дека нејзината книга „Пегавата јаготка“ (Freckleface Strawberry) од 2007 година била забранета од Министерството за одбрана на САД во неодамнешната „чистка“ којашто опфаќа книги поврзани со расата, полот и сексуалноста, по извршната наредба на американскиот претседател Трамп.
„За мене е голем шок тоа што дознав дека мојата прва книга, 'Пегавата јаготка' е забранета од Администрацијата на Трамп во училиштата управувани од Министерството за одбрана. 'Пегавата јаготка' е полуавтобиографска приказна за седумгодишно девојче кое не ги сака своите пеги, но на крајот ќе научи да живее со нив кога ќе сфати дека е поинаква 'исто како и сите други',“ напиша глумицата на Инстаграм.