• петок, 08 ноември 2024
МИА Радио флеш

3 октомври 2024 

Скопје - До почетокот на следната летна сезона се очекува да биде ставен во функција поголемиот дел од автопатот Охрид - Кичево, делот од Врбјани и Арбиново до Охрид, со мал прекин кај селотот Ботун, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

На прес-конференција по повод 100 дена од новата Влада, Николоски информира дека кредитот за реализација на овој проект е ефективен и средствата се одобрени.

Според него, изведувачите последен пат имале видено пари минатиот ноември и тоа е една од причините што изградбата на автопатот е заглавена.

 Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска на прес-конференција соопшти дека до Нова година ќе бидат ставени во функција експресните патишта Прилеп - Градско и Ранковце - Крива Паланка.

Скопје - Формирана е комисија која треба да утврди дали имало пропусти во случајот со починатата родилка во Куманово, а првичните информации ќе може да се очекуваат утре, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

- Комисијата работи, нас ни требаат осум дена. Утре имаме прес - конференција 100 дена Влада, сигурно ќе имаме и првични информации. Чекаме и резултати од обдукцијата и ќе видиме. Не би сакал да шпекулирам, да почекаме уште неколку дена и ќе видиме дали имало лекарска грешка или не, истакна Таравари на новинарско прашање.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат, на 1 октомври изврши вонреден инспекциски надзор во Кумановската општа болница за случајот со починатата родилка. 

Скопје - Одделот за криминалистичка полиција - Сектор за економски криминал и корупција во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднел кривична пријава против градоначалник на една скопска општина, пет лица вработени во Секторот за урбанизам во истата општина и правно лице од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Имено, по поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од страна на пријавеното правно лице, пријавените пет вработени во општината излегле на местото, бил изготвен записник за увид на место, во кој спротивно на Законот за градење и Законот за утрдување на правен статус на бесправно изградени објекти, констатирале дека наводно објектите за спорт и рекреација - тениски игралишта ги исполнуваат условите за нивна легализација, иако таков вид на објекти се времени објекти и не можат да бидат предмет на легализација, по што изготвиле и заедно со пријавениот градоначалник потпишале урбанистичка согласност, а по плаќањето на одредениот данок на имот, изготвиле и потпишале решение за утврдување на правен статус на бесправен објект, се појаснува во денешното соопштение од МВР.

Скопје- Во Уставниот суд денеска се одржа јавна расправа по однос на барањето на лидерот на „Левица“, Димитар Апасиев, за дискриминација по основ политичка припадност од поранешниот спикер, Талат Џафери. Апасиев тврди дека Џафери постапил мериторно со одбивањето на барањето за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум, додека, Џафери возвраќа дека одбивањето е само поради пропуштен рок за одговор за дополнување на барањето од Апасиев.

На денешната расправа на која покрај Апасиев и Џафери, беше присутна и експертска јавност и медиуми, се дискутираше околу нивните аргументи и спорните делови од случајот.

Апасиев образложи кои одредби од Собранието се применуваат и кои биле применети, со што посочи дека се применети погрешни членови од Деловникот на Собранието.

Скопје  - Да го пробаме хуморот, да видиме како ќе излезе, изјави лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети откако денеска премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите коментирајќи го барањето на ДУИ за ветинг на сите функционери рече дека очекувал ваквиот тип на хумор и сатира да завршат со заминувањето на ДУИ во опозиција.  

Ахмети рече дека законот за ветинг е предложен пред четири години и повика ветингот да се случи со учество на претставници од Брисел и Вашингтон. 

Да видиме како ќе пројде хуморот. Јас не правам холивудски филмови и не сум холивудски сценарист. Нека повели, сите ќе ги правиме, изјави Ахмети при посетата на Државниот универзитет во Тетово. Освен ветинг, Ахмети бара да се истражува и приватизацијата во 90-те години.

Никозија– Со апсолутна сериозност ќе присуствуваме на вечерата со генералниот секретар на Обединетите нации и лидерот на кипарските Турци и ќе направиме сè што е можно за да постојат позитивни резултати, изјави претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис во однос на трилатерална неформална средба што на 15 октомври ќе се одржи во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина.

Неформалниот состанок, што се споменуваше во изминатиот период, го потврдија и од кипарската Влада и од кабинетот на претседателот на самопрогласената Турска Република Северен Кипар.

Христодулидис денеска посочи дека главната цел на дискусијата е „да се види дали има перспектива за одново започнување на разговорите“, односно продолжување онаму каде што беа прекинати во Кран Монтана во 2017 година.

Атина – Во моментов не постои видлива опасност за зголемување на мигрантските бранови, но очигледно сме во состојба на целосна готовност, бидејќи земјата треба да биде подготвена за сите сценарија, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина. 

На вчерашниот вонреден состанок на владиниот совет за национална безбедност што го одржа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на кој беше проценета безбедносната ситуација и случувањата на Блискиот Исток, една од темите беше и мигрантското прашање, а весникот „Катимерини“ пишува дека биле разгледани евентуалните мерки што првично би можеле да се воведат, како што е зголемување на капацитетите во некои од 33 центрите за прием на бегалци во земјата.

Киев - Новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте денеска е во посета на Украина, два дена по преземањето на функцијата, јавија светските агенции.

Ова е прва посета на Руте во странство откако тој ја презеде функцијата шеф на Алијансата. Руте се сретна во Киев со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да го увери дека НАТО ќе продолжи да го поддржува, во услови на страшна ситуација на фронтот, каде руските војници вчера го зазедоа важниот град Угледар во источниот регион Доњецк.

Лондон - Би-Би-Си го откажа интервјуто со поранешниот британски премиер Борис Џонсон, откако водителката Лора Кунсберг по грешка ги испратила своите белешки наменети за нејзиниот тим.

Како што објави „Гардијан“, Кунсберг рече дека по грешка му ги испратила белешките на Џонсон „во порака наменета за нејзиниот тим“.

Поранешниот политички уредник на Би-Би-Си рече дека тоа е „срамно и разочарувачко“.

Интервјуто требаше да се емитува денеска во 19:30 часот на Би-Би-Си Уан и беше наведено како прво големо интервју на Џонсон откако ја напушти премиерската функција.

Копенхаген - Двајца млади Швеѓани се обвинети во Данска за поседување пет рачни бомби и активирање на две експлозивни направи во близина на израелската Амбасада во Копенхаген, соопшти данското обвинителство.

Во експлозиите никој не беше повреден, но зградата е оштетена, соопштија истражителите.

Двете момчиња, на возраст од 16 и 19 години, беа уапсени вчера на централната станица во Копенхаген, додека третото лице, исто така 19-годишник, беше уапсено веднаш по експлозиите и ослободен по сослушувањето.

Судот одби да ги објави имињата на младите и се уште се истражува дали тие дејствувале сами.

Шверин – Германскиот канцелар Олаф Шолц ги предупреди германските граѓани никогаш да не ги заборават негативните последици од повторното обединување за некои од луѓето во поранешна Источна Германија.

- За милиони источни Германци, тогашниот пресврт значеше ослободување и нов почеток. Но, за милиони, пресвртот во годините по повторното обединување значеше пред сè едно: колапс, рече тој додека нацијата го одбележува повторното обединување, a овогодишниот главен настан се одржува во северниот град Шверин.

На многумина им пропадна целиот живот, што беше „девалвација на нивното знаење, нивните искуства, нивниот животен труд“, истакна Шолц.

Бејрут - Израелската армија уште еднаш ги повика жителите на 25 населени места во Либан на евакуација, пренесуваат француските медиуми.

Меѓу нив е и градот Набатија, во јужен Либан, каде во понеделникот започна копнена офанзива против исламистичкото движење Хезболах.

Армијата „нема намера да ви наштети и за ваша сопствена безбедност веднаш треба да ги евакуирате своите домови и да се упатите кон север“, напиша портпаролот на израелската армија на арапски јазик, Авишаи Адрае, во порака на арапски јазик на мрежата Х.

Доха - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан повика на соработка меѓу азиските земји за да се спречат тензиите создадени од израелскиот режим во регионот, објави иранската новинска агенција ИРНА.

Пезешкијан денеска се сретна со тајландскиот премиер Паетонгтарн Шинаватра во Доха, каде што е во посета за учество на самитот на Дијалогот за соработка во Азија.

Иранскиот претседател рече дека азиските земји треба да ги користат регионалните организации како што е Дијалогот за азиска соработка за „да го запрат странското мешање во регионот и да ги запрат израелските злосторства“.

 

Остани поврзан