МИА Радио флеш
- 13 февруари 2025

13 февруари 2025
Гевгелија - Запленети се 188,6 килограми наркотична дрога марихуана во заедничка акција на Царинска управа и Бирото за јавна безбедност. Со акцијата е спречен меѓународен канал за шверц на дрога. Две лица се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, истакнаа директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев во изјавата за медиуми на Граничниот премин Богородица.
-Царинската управа влезе во траг и спречи меѓународен канал за шверц на дрога. Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност на граничен премин Богородица се запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана која требало да заврши во Турција.Случајот го следиме подолго време, што на крај успешно резултираше со откривање на криминалната мрежа која требало да оперира низ неколку држави, подвлече Николовски.
Битола - Досега се откупени 24 милиони килограми тутун, а просечната цена е 399,87 денари, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
По средбата со земјоделците во Битола, Трипуновски, одговорајќи на новинарски прашања, истакна дека е задоволен од откупот, како и дека веднаш по завршувањето на законскиот рок за преземање на количините треба да почне подготовката за следната реколта.
Брисел - На овој министерски состанок на НАТО слушнавме многу поразлична реторика од онаа на претходната средба на министрите за одбрана, но и од пораките од ланскиот Самит на Алијансата во Вашингтон, изјави за МИА министерот за одбрана Владо Мисајловски по завршувањето на денешното заседание на Северноатлантскиот совет во Брисел.
- Сега со новата Администрација предводена од претседателот (на САД, Доналд) Трамп имаме сосема различен контекст и различни контури и постојано се зборува за планот за мир, што јас апсолутно го поздравувам. Тие нови контури ќе значат преговори како да се стигне до мировно решение, но од друга страна и за сите обврски што ќе ги има Европа, потенцира Мисајловски.
Скопје - Во компанијата Титан-Усје денеска беше отворен Клуб на напредни знаења и вештини – Иноваториум наменет за дополнителни активности на учениците од основни училишта од Општина Кисела Вода. Клубот опремен со технички помагала ќе функционира во соработка со Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје, а учениците ќе добиваат знаења од СТЕМ-областите (наука, технологија, инженерство и математика).
На отворањето на Клубот присуствуваше министерката за образование и наука Весна Јаневска која истакна дека дополнителните активности што учениците ќе ги практикуваат во Иноваториум ќе им помогнат во стекнувањето употребливи знаења неопходни за да успеат во технолошки напредниот свет.
Скопје - Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска во изјава за медиумите истакна дека се забележува зголемување на бројот на заболени слични на грип кој е над неделната граница за средна активност. Потенцира дека резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенцата покажуваат дека има широка географска активност на грипот, а процентот на позитивност е над границата од 10 проценти пет недели по ред.
Директорката истакна дека во периодот од 5 до 9 февруари годинава, во Македонија се пријавени 2.880 случаи на групни пријави за заболени од грип или заболувања слични на грипот, што е за 5,1 процент помалку во споредба со претходната недела кога бројот на регистрирани случаи бил 3.036 наспрема сегашните. Пријавените заболени повеќе се од Скопје 692 лица, во Струмица 333, во Битола 304, во Свети Николе 158, во Охрид 141, во Радовиш 122, во Велес 140, во Куманово 109. А во останатите градови низ земјава бројот на заболени е под 100 лица.
Битола - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска најави дека во текот на утрешниот ден ќе почне исплатата на субвенциите за лозарите. По средбата со земјоделците во Битола, Трипуновски уште еднаш порача дека директната поддршка за производителите ќе се реализира според предвидената динамика.
-Наше ветување и обврска е субвенциите да се исплаќаат согласно календарот. Тоа значи, за сите лозари кои ги чекаат субвенциите, дека во текот на утрешниот ден ќе почне исплатата. Утре е и празник, Ден на лозарите. Обврската што ја преземавме ќе ја спроведуваме доследно, истакна Трипуновски.
Скопје - Во просториите на прес-центарот на Бугарската телеграфска агенција (БТА) во Скопје, денеска се одржа конференција на која се посочија главните поенти на проектот на БТА, насловен „Европа на Балканот: Заедно преку знаења“, кој е поддржан од Европската комисија. Целта на проектот е да се пренесат знаењата на Бугарија за Европската Унија и можностите кои таа ги нуди на бугарските граѓани во Северна Македонија.
Генералниот директор на Бугарската телеграфска агенција (БТА) Кирил Валчев во своето обраќање на конференцијата рече дека станува збор за продолжение на проектот на БТА „Европа на Балканот: Заедничка иднина“, во чии рамки БТА со партнерството на Европската комисија ги презентираше европските политики за зближување на Бугарија со нејзините соседи.
Скопје - За предлозите и барањата што стигнуваат во врска со концепцијата за реформи во гимназиското образование се дискутира. Јавната расправа се уште трае иако онлајн расправата е затворена. Планирани се и дополнителни посети и средби, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Наставните програми ќе се менуваат од септември и учениците од септември, рече таа, „ќе имаат нови учебници за средно гимназиско“.
Скопје - Денеска во Скопје, во организација на Агенцијата за катастар на недвижности, се одржа првото советување наменето за правниците од агенцијата на тема „Актуелните дилеми и предизвици во врска со запишување на правата со сопственост во катастарот на недвижности, со посебен осврт на прашањата од практиката и работењето“. Главната цел на ова советување беше да се постигне воедначеност при постапувањето по предметите, со цел корисниците да ја имаат потребната правна заштита.
Ова е првото стручно советување ваков тип организирано од Агенцијата за катастар на недвижности. Како дел од заложбите на раководството за унапредување на стручноста на вработените и квалитетот на услугите за граѓаните, планирано е ваквиот тип на стручни советувања да станат редовна пракса и да се одржуваат неколку пати годишно.
Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ќе има состанок со декани на факултети и претставници на студентите, на која ќе се разговара и за трошоците за запишување семестар на што реагира Универзитетското студентско собрание на УКИМ.
Во изјава за медиумите таа кажа дека секој ден е во комуникација со академската заедница, како што рече - не само за студентскиот стандард. -Комуницирав со сите декани од УКИМ и цената е секаде спуштена на минимум. Некаде изнесува нула, некаде изнесува 2.000 денари за цела година. Освен на два факултета, каде што е навистина неопходно да се обезбедат дополнителни средства за подобрување на студиските програми. Денеска имаме состанок, ќе видиме како ќе заврши сето тоа, изјави Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Клуб Иноваториум во Титан УСЈЕ.
Скопје - Во текот на денешниот ден, по барање на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје се вршат координирани вонредни инспекциски надзори од страна на Државниот инспекторат за животна средина и општинските инспектори од општините на Град Скопје и Градот Скопје, како и од МВР и Дирекцијата за заштита и спасување на подрачјето на главнот град.
Како што информираат од Републичкото јавно обвинителство, дејствијата се преземаат во рамките на предмет поврзан со загадувањето на воздухот во Скопје, а сите надлежни институции се задолжени да изготват соодветни извештаи од извршените контроли и да ги достават до обвинителството.
Скопје - Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари – декември 2024 година, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 357 595 илјади денари, што е за 55.4 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Во наведениот период, македонската градежна оператива во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 192 519 илјади денари, што е за 6.8 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Охрид - Македонската туристичка понуда е дел од Саемот за туризам и патувања што се одржува во Тирана, Албанија.
Како што посочуваат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, саемското претставување отвара можности за регионална туристичка и бизнис-поврзаност на земјите од Западен Балкан, како брзорастечки туристички пазар за светските патувачи.
Скопје - Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) неделава, од 10-ти до 12 февруари, спроведоа 124 вонредни контроли кај големите маркети низ земјава кои имаат ланци на супермаркети, дисконти и хипер маркети. Притоа се донесени 47 решенија за утврдени недоследности и изречени се 29 парични казни во вкупна вредност од 82 илјади евра. Нештетно се уништени и 22,3 тони небезбедна храна, од кои најголем дел месо.
Кај 15 оператори се утврдени незадоволителни хигиенски и технички услови во објектот, кај 12 е најдена храна со поминат рок на употреба, а кај 5 храна без следливост, со оштетена амбалажа, недекларирана.
Скопје - Капиталните инвестиции во нови производствени капацитети од обновливи извори и предизвиците на патот кон целосна трансформација на зелена енергија биле главни теми за кои разговарале на денешната работна средба генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев и евроамбасадорот Михалис Рокас. На состанокот присуствувале и директорот за финансии на АД ЕСМ, Иван Стојановски и Александру Албу, раководител на оператива 2 во Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Како што соопштија од АД ЕСМ, Узунчев го запознал евроамбасадорот Рокас со плановите на АД ЕСМ за инвестирање во нови производствени капацитети од обновливи извори на енергија, како дел од стратегијата за енергетска транзиција на земјата и за предизвиците со кои се соочува Друштвото, вклучувајќи ги техничките, финансиските и регулаторните аспекти.
Скопје - СДСМ на локалните избори во октомври ќе прави коалиции во секоја општина посебно, најави лидерот на партијата Венко Филипче. Тоа, како што посочи на денешната прес-конференција во седиштето на партијата, не ја исклучува можноста од коалицирање со ниту една партија, граѓанска организација или независна листа и дека ќе се разговара за опциите.
- Ќе го кажам ставот што се уште не е потврден, но сите дискусии одат натаму во рамки на раководството, пратеничката група, Централниот и Извршниот одбор, а тоа е дека на овие локални избори СДСМ ќе прави коалиција за секоја општина посебно, изјави Филипче.
Тирана - Пратениците од опозицијата повторно предизвикаа тензична ситуација во албанскиот Законодавен дом, фрлајќи предмети кон претседателката и местото каде што седат министрите, блокирање на говорницата, за што мораше да интервенира обезбедувањето.
Опозициските пратеници, меѓу нив и лидерот на демократите Сали Бериша, претходно во своите обраќања преполни со обвинувања на адреса на владата, за веќе уапсениот градоначалник на Тирана Ерион Велиај, побараа на седницата да присуствува премиерот Еди Рама.
Никозија - Кипарската Влада го одобри нацрт-законот според кој жените ќе можат доброволно да се вклучат во војската односно т.н. Национална гарда на Кипар, а претседателот на земјата Никос Христодулидис истакна дека со тоа ќе се зајакне борбениот капацитет на армијата, но и дека „жените ќе добијат право да придонесат во одбраната на земјата, засилувајќи ја перцепцијата дека одговорноста за националната безбедност ги засега сите граѓани, без разлика на полот“, јави дописничката на МИА од Атина.
Нацрт-законот ќе треба да биде изгласан од Парламентот, а право на служење ќе имаат жените кои го завршиле средното училиште, додека пак за оние кои ќе одлучат доброволно да се вклучат ќе постојат и одредени поволности.
Москва - Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, „се согласиле дека конфликтот во Украина може да се реши по мирен пат“.
„Постои согласност дека ова решение е можно преку мирни преговори, но треба да ги чекаме резултатите од заедничката работа“, рече Песков.
Минхен - Најмалку 20 лица, од кои неколку потешко, се повредени денеска кога автомобил влета во група луѓе во Минхен. Како што пренесува „Билд“, неколку лица, меѓу кои и едно дете, се во тешка состојба.
Инцидентот се случил околу 10:30 часот кога возач го забрзал својот автомобил, а потоа влетал во демонстрантите во Минхен кои се собрале на повик на синдикатот на работниците „Верди“.
Канбера - Австралискиот министер за трговија Дон Фарел денеска изјави дека Австралија го зголемила своето производство на алуминиум за извоз во САД по одобрението од администрацијата на поранешниот американски претседател Џозеф Бајден.
Фарел тоа го изјави за телевизијата Еј-Би-Си откако Канбера побара да биде изземена од американските царини за алуминиум и челик.
Исламабад - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска се сретна со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф во неговата канцеларија во Исламабад, за да разговараат за ситуацијата во Газа и за унапредување на билатералната трговија и соработка.
Ердоган и Шариф заеднички претседаваа со разговорите за стратешка соработка меѓу двете земји, кои споделуваат блиски историски и културни врски.
Брисел - Министерот за одбрана на Украина Рустем Умеров денеска изјави дека сите земји членки на НАТО ја поддржуваат Украина во нејзината борба против руската агресија и изрази благодарност за нивната помош.
- Го продолжуваме отпорот, способни сме и ќе постигнеме резултати, нагласи Умеров на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.