• среда, 15 јануари 2025
МИА Општински пул

10 јануари 2025

Старо Нагоричане - Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане, лани регистрирала вкупно 118 пожари, најголем дел пожари на отворен простор, информираа денеска од ТППЕ Старо Нагоричане.

Изминатата 2024, беше предизвикувачка за пожарникарите од оваа општина која зафаќа површина од д 451 километри квадратни.

- Имавме три големи шумски пожари кои траеа подолг временски период, каде што интервенираа и припадниците на Армијата, хеликоптери и локални мешани и сите пожарникари како и колегите од соседните општини. На отворен простор бележиме преку 95 интервенции станува збор за стрништа, ридови, изјави командирот на ТППЕ, Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.

Пожарникарите интервенирале на седум пожари на куќи, објекти и неколку интервенции на сообраќајни несреќи. Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане има девет пожарникари и две возила, во функционална испрана состојба. Површината која ја покриваат е огромна. Често се случуваат шумски пожари и секогаш интервенираат и припадници на Армијата, полицијата, ТППЕ од соседните Куманово и Ранковце.

Кавадарци - Јавен повик за субвенционирање на сметки за комунални услуги на граѓани изложени во социјален ризик, објави јавното претпријатие „Комуналец" во Кавадарци, врз основа на одлука донесена од Советот на Општината. 

- Вкупниот износ на субвенцијата ќе изнесува 800 денари месечно по корисник. Од општинскиот буџет во 2025 година,  за оваа намена се планирани финансиски средства во износ од 970 илјади денари, што ќе бидат наменети за покривање на трошоци за комунални услуги за граѓани изложени во социјален ризик, информираат од претпријатието. 

Оттаму соопштуваат дека јавниот повик ќе трае до искористувањето на предвидените средства за оваа намена.

Штип - Продадени се десет плацеви за изградба на куќи веднаш до населбата Три Чешми во Штип. Интересот од страна на граѓаните е задоволителен, изјави денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Тој истакна дека поради интересот на граѓаните да инвестираат во изградба на куќи во наредниот период согласно Деталниот урбанистички план (ДУП) ќе биде распишен нов повик за отуѓување на нови парцели, а предвидено е да бидат продадени околу 100 парцели и на оваа локација и да има нова зона, населба во која граѓаните ќе може да живеат.

-Предвидената нова зона за домување веднаш до населбата Три Чешми веќе пробно пуштивме повик за отуѓување на 10 плацеви за индивидуален дом, за куќи. Истите беа откупени, интересот дефинитивно е присутен. Во периодот кој следи согласно ДУП на оваа локација се предвидени стотина парцели, маркици за индивидуално домување. Во наредниот период Општина Штип ќе распише нов повик за отуѓување на плацеви за индивидуално домување. Верувам дека интересот кај граѓаните на Штип, но и кај сите граѓани од околните населени места ќе биде задоволителен за истите да се отуѓат и за да на оваа локација се создаде една урбанизирана населба, изјави Јорданов.

Куманово - Изминатата 2024 година на подрачјето на општина Старо Нагоричане, изградени, реконструирани и санирани се десет патни правци, а за оваа година има поголем број планирани инфраструктурни проекти што се однесуваат на изградба на патишта, соопштија денеска надлежните од општина Старо Нагоричане.

Проектите значително ќе ја подобрат поврзаноста на селата во руралната општина од северниот дел на земјава. Инвестициите, сметаат надлежните, обезбедуваат поврзување на селата, населението, побрз пристап до регионалните патишта од североисточниот регион и го подобруваат квалитетот на животот на жителите во руралната општина.

- Успешна беше изминатата 2024-та година во однос на изградба на патишта, дел се реализирани преку сопствени средства, некои преку Министерството за транспорт и врски, преку ЈПДП, преку Светска Банка. Завршена е реконструкцијата на патот во село Бајловце, еден километар, одвоени 2, 5 милиони денари, реконструкција Жегљане-Арбанашко, преку ЈПДП, седум километри околу 50 милиони денари. Од Министерството за транспорт и врски добивме околу 18 милиони денари завршување на три патишта, втора фаза за Коинце, шест милиони денари, маалски пат Вујевци, 2, 5 милиони денари во Младо Нагоричане, во Бузнци имаме десет милиони денари за пат, Мариевци, 2, 5 милиони денари, изјави заменик-градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.

Охрид  – Заради прогнозите на синоптичарите за снежни врнежи во следните денови во охридскиот регион, општинското јавно претпријатие „Охридски комуналец“ упати апел до жителите на градот и на приградските населби да ги дислоцираат моторните возила од коловозните површини.

Апелот е пред се упатен до жителите на централното градско подрачје, Стариот дел на градот, тесните сервисни улички и сите улици што согласно категоризацијата се од највисок приоритет на интервенција, каде и движењето во зимски услови е отежнато.

„Само со координирана акција и активно учество на сите чинители, снегот навремено ќе биде расчистен и ќе се овозможи нормално движење на возилата и пешаците, а со тоа и непречено функционирање на градот“, се посочува во апелот.

Кочани – Откупот на оризовата арпа од минатогодишната реколта е во застој, а земјоделските производители од кочанскиот регион се револтирани што не се почитува договорот, постигнат во ноември, за пласман на произведените количини и принудени се да ги чуваат во домашните амбари.

За надминување на состојбата бараат нова средба со ресорниот министер, а во спротивно се закануваат со протести.

-Уште од август минататa година нема откуп. Имавме неколку средби со министерот, но после секој разговор состојбата уште повеќе се влошуваше. Очигледно е дека се прави манипулација со нас, па и со откупувачите. На средбата со министерот беше договорена мерка на откупните претпријатија да им се исплаќаат по 6.000 денари за откупен тон арпа, ама таа не се почитува и не е откупен ниту еден килограм. Мислиме дека министерот ги прави сите манипулации, верувавме во него, но ќе излезе дека е најлош досега. Производната цена е пресметана на 26 денари за килограм, а нам ни нудат да го откупат под тој износ. Откупувачите се жалат дека имаат нарушени пазари во Србија, Косово и регионот, истакна Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево.

Откупните цени што им се нудат на оризопроизводителите се на нивото што го имале пред пет години, така што со порастот на трошоците на производство не можат да ги покријат ниту основните давачки.

- Белиот ориз на пазарот се продава по 120 денари за килограм, а ние добиваме само една третина од тоа. Граѓаните мислат дека оризот има цена, но за нас производителите нема. Има за откупувачите и за трговците. Министерот кога доаѓаше велеше дека не треба да сме задоволни со цена од 32 и 34 денари за килограм, а сега цената е 26 денари, ама никој не нѐ слуша. Лично имам долг од 15 илјади евра за репроматеријали и ако од оваа реколта нема оправданост, зошто да го сееме напролет, исатакна Коце Ангелов, оризопроизводител од Облешево.

Желино - Во полициското одделение Групчин, Општина Желино од денеска почна да работи нова канцеларија на Управните служби на Министерството за внатрешни работи (МВР) каде граѓаните ќе може да поднесат барања и да добијат лични документи – лична карта, возачка дозвола и пасош.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека на овој начин се доближува МВР и услугите до граѓаните.

-Ги доближуваме сите оние услуги кои се во рамки на Министерството до секој еден граѓанин во Македонија. Не измисливме топла вода. Истово ова го сторивме претходно во Липково, Јегуновце, Сарај еве и во Желино во рамки на полициско одделение Групчин отвораме управни служби при МВР каде што сите оние граѓани чиј број е околу 30 илјади заедно со нашите иселеници, ќе може во рамки на својата општина да ги остварат сите овие права во делот на фотографирање за лични карти, возачи и пасоши, подигање на целокупната таа документација. Покажуваме дека можело поинаку од она што претходно било. Само се реорганизиравме, обезбедивме соодветна апаратура, ангажиравме луѓе кои ја разбираат оваа работа и спроведовме постапка во МВР да го олесниме животот на граѓаните, изјави Тошковски.

Охрид – По повод престојниот верски празник Богојавление – Водици денеска во Охрид беше одржан првиот координативен состанок, на кој во присуство на градоначалникот Кирил Пецаков беа разледани деталите околу чествувањето на празникот, што секоја година во градот привлекува голем број верници и посетители.

Согласно традицијата, Богојавленските празнувања и оваа година се поделени на два дела и тоа верски односно црковни чествувања, што се одвиваат под ингеренција на Дебарско-кичевската епархија при МПЦ, додека вториот е граѓанскиот дел што го координира Општина Охрид, а се однесува на целокупната празнична програма.

Според планираното, на 19 јануари верските празнувања почнуваат со богослужби во охридските парохиски цркви од 7 часот, со свети литургии во четири храмови од 8:15 часот. Литијата потоа кон Градското пристаниште ќе тргне во 9:45 часот, додека положувањето на Чесниот крст во Охридското Езеро ќе го изврши Митролитот тетовско –гостиварски Јосиф.

Во сите парохиски цркви во Охрид во тек е пријавувањето на оние што сакаат да бидат дел од настанот. Досега учество покрај охриѓани пријавиле и голем број верници од други градови во земјава.

Остани поврзан