• вторник, 18 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  14  март  2025

 

Кавадарци - Стручни лица енолози  денеска реализираат дегустација на мостри, пристигнати по јавниот повик, во рамките на организацијата на Фестивал на ракија, што ќе се одржува следната сабота. За ова денеска информираа од Организациониот одбор на  првиот интернационален фестивал на јаки алкохолни пијалаци и ликери, во изјава за МИА. 

Меѓу членовите на комисијата за оценување се  истакнати стручни лица од оваа област. 

- Има повеќе категории на ракија во кои се врши оценување на квалитетот.  Лозова ракија, обоена и бела, овошни ракии од слива, круша, дуња, цреша, праска, црница. Ракии направени од друго овошје, бобинки и зачински билки, 
специјални ракии како мастика, џин, ликери. Доколку во категориите се појават повеќе од 10 примероци од иста ракија и ликер, ќе се формира нова категорија на ракија, појаснија организаторите на настанот. 

Притоа нагласија дека Тиквешијата како традиционално најголем лозаровинарски регион во државата, заслужува еден ваков фестивал за промоција на производите од грозје и презентација на мајсторството во областа на производството на ракија.

Берово - Во Берово се испитува случај за наводно фрлање и закопување остатоци од починати лица на градежна депонија од страна на лиценциран извршител на погребални услуги во Берово.

Како што се вели во информацијата на МВР, на 12.03.2025 во 17.15 часот во ОВР Берово било пријавено дека на место викано „Црвени брегови“, атар на Берово, бил забележан лиценциран извршител за погребални услуги во општина Берово како на градежна депонија фрла и закопува остатоци од починати лица, извадени од Градските гробишта во Берово. 

Веднаш по добиената пријава, како што се додава во полициското соопштение во консултација со јавен обвинител и во содејство со ракувач со работна машина багер од јавното претпријатие за комунални работи во Берово, било извршено пребарување на посоченото место и на пошироката околина, но не биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривично дело, туку биле пронајдени само остатоци од градежен шут и остатоци од одпад. 

По дополнително преземени мерки и по извршени разговори во ОВР Берово, во соопштението од МВР додаваат дека било дојдено до сознание дека лиценцираниот извршител на погребални услуги во повеќе наврати вршел ископување на стари гробови и ги фрлал остатоците од починатите лица на друга локација. 

-Подоцна, по овластување на јавен обвинител, бил извршен увид на гробиштата во с.Смојмирово и на удолницата на јужната страна биле пронајдени пет коски кои наликуваат на коски од човек. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава, се вели во соопштението на МВР во врска со случајот.

Директорот на комуналното претпријатие во Берово, Илија Рунтевски за МИА потврди дека е побарано интервенција од нивно возило по насоки на МВР, и дека нивна обврска е само одржување на гробиштата.

Исто така во изјава за МИА лиценцираниот извршител на погребални услуги Перо Сивевски, ги демантира горенаведените тврдења и најави тужби за нарушување на угледот и честа која според него му е нанесена.

Скопје - Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, денеска се сретнал со претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, На средбата, како што соопштија од Општина Кисела Вода, разговарале за проблемите на бизнисите, децентрализацијата и инвестиционата активност на општините.

- Денес бев домаќин на претседателот на стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, со кого разговаравме на повеќе теми, значајни за бизнисот и општините. Стана збор за проблемите на бизнисите, децентрализацијата и инвестиционата активност на општините. Од претседателот бев информиран дека интересот на најголемата и најзначајна бизнис организација е да инвестиционата активност се пренесе низ целата држава, со што ќе се овозможи зголемен раст на бруто домашниот производ, како и остварување на целите од континуирано зголемување на растот, со што пак ќе овозможи поголем стандард за граѓаните и поголем профит за фирмите, изјавил Ѓорѓиевски.

Стопанската комора на Македонија, се наведува во соопштението, ќе ги поддржи сите интенции на Владата кои одат во правеец на остварување на раст од 4%, градење на правна држава, како и владеење на принципите на пазарната економија.

- Го информирав претседателот за активностите на општината на тој план, и  разменивме мислења за градење на имплементација на сите политики кои водат кон остварување на оваа суштинска цел - ослободување на сите невралгични точки за равој на бизнисот, создавање на поволна бизнис клима и изнаоѓање на решенија коишто ќе овозможат поддршка на сите бизниси кои остваруваат додатна вредност, водат сметка за заштита на еколошката средина и отвораат нови работни места, изјавил Ѓорѓиевски, соопштија од Општина Кисела Вода.

Делчево - Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево започнува со дигитализација на делата од роднокрајните автори. Како што информираше директорката на библиотеката Билјана Петовска активноста се реализира со сопствени средства од установата.

-Сите наслови од роднокрајни автори кои ќе бидат дигитализирани , ќе ги чуваме во библиотеката и нашите читатели доколку сакаат да прочитаат, побараат или истражуваат, ќе мораат тоа да го направат во самата библиотеката. Се надеваме дека до крајот на годината ќе набавиме и скенер кој ќе се користи исклучиво за таа намена, информира Петровска.

Оние наслови за кои ќе биде обезбедена потпишана изјава за согласност од роднокрајниот автор, во дигитална верзија ќе бидат објавени на веб-страницата на библиотеката.

-Започнуваме со „Паметници за Царево село“, книга што ја издаде ЈЛБ„Илинден“, а првото дело кое ќе биде дигитализирано и и закачени на нашата веб-страница  е „Градот“ од роднокрајниот автор Билјана Начовски, додаде Петровска.

Ова според директорката е процес кој бара време, но очекува целосна реализација за дигитализација на сите наслови од роднокрајното одделение.

Струмица - На предлог на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, Советот на Општина Струмица со мнозинство гласови ги разреши сите членови на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, кој досега го сочинуваа претседателот Александар Цицимов и членовите Ванчо Ристов Патриков, Ѓорѓи Пелтековски, Хризантема Рендевска, Александар Ненчев, Панче Беџовски, Катерина Милушева, Елена Достинова и Васил Крстев.

Иницијативата на Костадинов за разрешување дојде на 1 овој месец, на денот на одржувањето на Глaвната карневалска вечер. Како што наведе струмичкиот градоначалник немал дилеми тоа да го соопшти токму тогаш, на денот на главната карневалска вечер, за да било јасно и прецизно тоа што многу сериозно го говорел. Според него, карневалот е составен дел на како што напиша тогаш „нашиот идентитет и никој ама баш никој нема право да го чепка, разурнува или да прави груби обиди за партизација“.

На денешната седница, исто така, по предлог на Костадинов Советот донесе одлука досегашниот претседател, Александар Цицимов да остане почесен претседател, а другите членови почесни членови на новиот организациски одбор на карневалот со исклучок на членовите од Советот на општината.

Новиот одбор на Струмичкиот карневал ќе се бира на јавен повик, а за структурата и бројот на членовите ќе се отвори поширока дебата.

Тетово - Компанијата Заубермахер Тетово која од февруари 2024 го презеде собирањето и депонирање на смет за подрачјето на Општина Тетово преку соопштение до медиумите информираа за заклучоците и заложбите кои произлегоа од дебатата по одржаниот Австриско-македонскиот форум за животна средина. Форумот се одржа по повод една година од формирањето на јавно-приватно партнерство (ЈПП), чија цел е воведување на еколошко управување со отпад.

За една година се собрани над 34.000 тони комунален отпад во територијата на Општина Тетово-што се смета за темел за правилно депонирање на отпадот. Во текот на следните 15 години, двајцата партнери од приватниот и јавниот сектор сакаат да го подигнат управувањето со отпадот и со ресурсите на стабилно ниво преку насочени синергии.

-Масовното фрлање отпад треба да биде минато. Некои мерки веќе се успешно спроведени во првата година во градот со 90.000 жители. Вкупно над 500 нови контејнери за отпад беа поставени на особено фреквентни локации. Дополнително, обучени вработени се грижат за собирањето со 19 камиони за отпад. Заеднички се управуваат финансиските предизвици. Постојниот и новиот персонал се интегрира директно во компанијата. Ова го олесни товарот на градскиот буџет и во исто време создаде стабилни регионални работни места. Најважниот чекор: активно подигање на свеста во вториот по големина град во Северна Македонија. За таа цел беа лансирани и кампањи за социјалните медиуми и флаери, велат од Заубермахер.

Од таму информираат дека без никаков надоместок ја поддржале кампањата „Генералка викенд“ на македонско-австриската компанија „Човек и планина“, при што се собрале 12 тони отпад.  Девет рурални места кои гравитираат во Националниот парк за прв пат се дел од системот за собирање отпад. 

На форумот, градоначалникот Биљал Касами посочи дека партнерството донесе нов стандард во управувањето со отпад, па оцени дека градот е почист, поуреден и квалитетот на животот на нашите граѓани е значително подобрен, се вели во соопштението.  

Ханс Рот, основач на Заубермахер посочува дека цел е дополнително да се промовира правилно отстранување и рециклирање на отпадот во Тетово. Материјалите за рециклирање треба да се сортираат и да се вратат во циклусот на најдобар можен начин. Активното подигање на свеста во училиштата и градинките, на пример, игра клучна улога овде, се вели во соопштението за пораките на основачот. 

Заубермахер АГ е меѓународна компанија за отстранување и рециклирање отпад со седиште во Фелдкирхен во близина на Грац. Семејниот бизнис е основан во 1979 година од Ханс и Маргрет Рот и е компетентен партнер за околу 1.600 општини и околу 42.000 компании. Компанијата има околу 3.800 вработени во Австрија, Германија, Чешка, Словачка, Унгарија, Словенија, Хрватска и Северна Македонија. Со своите паметни услуги и иновативни (рециклирање) технологии, Заубермахер е лидер во областа на интелигенција за отпад и партнер на бројни општини, градови и компании за управување со отпад. Компанијата веќе има добиено неколку меѓународни награди за посветеноста на одржливоста. 

Скопје - Селата Батинци и Љубош во текот на утрешниот ден ќе останат без вода за пиење, информираат попладнево од Регионалниот центар за управување со кризи - Скопје.

Според информацијата што ја добиле од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, корисниците ќе немаат вода од 8:30 часот до завршување на работни активности.

Како причина за прекинатото водоснабдување е наведен дефект во селото Батинци, општина Студеничани.

Остани поврзан