
17 март 2025
Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес-конференција информираше дека пациентите од пожарот во Кочани се во генерално стабилна состојба, а 20 пациенти се во критична состојба. Тој најави дека можни компликации се очекуваат денеска и утре. Како што рече, има нови пациенти кои биле дел од трагичниот настан во Кочани, но, не се пријавиле вчера, туку се пријавиле денеска.
- Завршивме со состанокот на Кризниот штаб и направивме пресек на состојбата. За среќа, пациентите коишто беа донесени вчера во болниците низ државата се во стабилна состојба. И тие кои беа пренесени надвор од државата, вкупно 51 досега, сите се во генерално стабилна состојба. Но, се појавува еден нов проблем да има пациенти кои вчера не се јавени и денеска се јавуваат. Јас би сакал да упатам порака до сите кои биле дел од трагичниот настан во Кочани, а не се пријавиле вчера, ги молам денеска да се пријавуваат, рече Таравари.
Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска соопшти дека досега е извршена обдукција на околу 15 лица кои настрадаа во дискотеката во Кочани.
Увидот уште се врши, рече Тошковски, а 45 лица се во критична состојба и се транспортираат во странство.
Приведени се пет лица на територијата на СВР Скопје и СВР Тетово, меѓу кои и поранешен министер, како и 13 лица на подрачјето на СВР Штип од кои 11 се во краткотраен притвор од 48 часа.
Скопје - Мнистерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска одржа тематска прес-конференција посветена на вчерашната трагедија во Кочани. Изразувајќи искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, тој нагласи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со сите свои капацитети стои на располагање и активно работи на обезбедување неопходна помош и поддршка.
Министерот истакна дека уште во утринските часови вчера беше формиран Кризен штаб, кој го координира процесот на испраќање на повредените македонски граѓани на лекување во странство. Воедно, тој оствари телефонски разговори со неговите хомолози од Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Турција, Црна Гора, Холандија, Косово, Малта, Унгарија, Израел, Албанија, Босна и Херцеговина и Словенија, како и со господинот Ричард Гренел, во име на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, кои понудија поддршка и помош за справување со кризата.
Скопје - Македонското Собрание ги откажува сите активности планирани за неделава поради трагедијата што се случи во Кочани.
- На координацијата претседателот на Собранието Африм Гаши предложи, а присутните едногласно усвоија заклучок дека сите активности на Собранието закажани и планирани за оваа седмица се откажуваат. Собранието ќе заседава само доколку има потреба од усвојување на акти поврзани со трагедијата во Кочани.
Скопје - Уставниот суд на работен состанок денеска одлучи да ја одложи подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците, која беше закажана на 20 март.
-Судот ја зема во предвид прогласената седумдневна жалост за жртвите од трагедијата во Кочани и траумата низ која поминува општеството, граѓаните и државата, информираат од Уставниот суд.
Штип - Штип тагува по петмината починати во несреќата во Кочани. На Градскиот плоштад „Слобода“ и утринава се палеа свеќи покрај сликите на починатите. Во медицинското училиште, односно Средното Општинско училиште (СОУ) „Јане Сандански“ учениците му одадоа почит на својот сокласник Филип Ивановски. Со слики во рацете и солзи во очите учениците се сообраа во училишниот двор. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Корданов изразува длабоко сочувство на семејствата на загинатите.
Тетово – На плоштадот во Тетово денескa беше оддадена почит за младите луѓе од Кочани кои ги загубија животите во пожарот во дискотеката. Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, заедно со советниците од Општина Тетово и дел од средношколците положија цвеќе и оддржа минута молк.
Скопје - Градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов поднесе неотповиклива оставка од функцијата по трагичната несреќа во Кочани во која загинаа 59 лица.
- Оваа загуба е огромна! Не постојат зборови што можат да ја опишат болката што ја чувствуваме сите. Тие деца беа наши деца. Ги познавав повеќето од нив, ги познавав и нивните семејства, а со дел од нив и семејни пријатели. Шокот и скршеноста што ги чувствувам ќе траат целиот мој живот. Оваа трагедија ги остави Кочани и Македонија во црнина, а празнината што остана е непреболна, напиша Папазов на Фејсбук.
Скопје - Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши е сѐ уште во полициска станица откако вчера беше повикан на информативен разговор во врска со пожарот во ноќниот клуб во Кочани, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи за МИА.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера информираше дека МВР во координација со Јавното обвинителство до овој момент во врска со овој настан има осомничено повеќе од 20 лица, од кои 15 се во полициска станица.
Приштина - Претседателката на Косово Вјоса Османи побара од Европската Унија да го третира Косово еднакво во дијалогот во Брисел, по денешната средба со новиот европски пратеник за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Петер Соренсен, јави Радио Слободна Европа.
Ова е прва посета на Соренсен на Косово откако ја презеде функцијата во февруари, со цел да оствари средби со највисоките косовски функционери.
Белград – Maкедонскиот амбасадор во Белград, Никола Тупанчевски денеска ќе ги посети повредените во пожарот во Кочани кои се префрлени во Ургентниот центар во Белград и во Воено-медицинската академија, јави МИА од Белград.
Во Амбасадата во главниот град на Србија е отворена книга на жалост. Од вчера голем број граѓани палат свеќи пред македонската Амбасада.
Белград - Српскиот премиер во оставка Милош Вучевиќ денеска изјави дека 14 државјани на Северна Македонија повредени во вчерашната несреќа во Кочани се на лекување во Србија, јави МИА од Белград.
Вучевиќ додаде дека имал средба со вицепремиерот на Северна Македонија, Иван Стоиљковиќ кој му се заблагодарил на српскиот претседател Александар Вучиќ и на српскиот народ за помошта и грижата што Србија ја дели со Северна Македонија.
Тирана – Албанскиот премиерот, Еди Рама, во рубриката „Очи в очи“ одговарајќи на прашања на неговите следбеници на Фејсбук порача дека „Европската Унија е последната станица за спас од сенките на минатото“, додавајќи дека ова е најдобриот пат за државата, децата и иднината.
„ЕУ е станицата на нашиот конечен национален спас од сенките на минатото и од паѓањето во нивните раце и канџи. Нашето големо верување е дека се раѓаме, живееме и умираме овде, среде Европа, и дека ЕУ денес ни нуди вистинска, опиплива, остварлива можност за нас и нашите деца, и за децата на нашите деца и нивните деца“, рече Рама.
Бања Лука - Претседавачот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и министер за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен денеска ќе пристигне во дводневна посета на Босна и Херцеговина.
Најавено е дека Елина Валтонен со највисоките претставници во БиХ ќе разговара за безбедносните прашања во земјата и регионот.
Виена - Австрија денеска на деветтата конференција за Сирија во Брисел ќе објави доделување хуманитарна помош во вкупна вредност од 19,3 милиони евра, соопшти Министерството за надворешни работи во Виена.
Mинатата година Австрија обезбеди преку 30 милиони евра хуманитарна помош за Сирија и нејзините соседни земји.
Брисел – Европската Унија започна со евакуација на пациенти со тешки изгореници по разорниот пожар во ноќен клуб во Кочани, Северна Македонија, во кој загинаа 59 лица, а над 155 се повредени, соопшти денеска Директоратот за цивилна заштита и хуманитарна помош на Европската комисија (ECHO).
Во првите часови по несреќата, Центарот за координација на итен одговор на ЕУ стапи во контакт со властите за цивилна заштита во Северна Македонија, изразувајќи солидарност и поддршка, се наведува во соопштението.
Брисел - Украина наскоро ќе добие речиси 3,5 милијарди евра откако Советот на ЕУ ја одобри третата исплата на грантови и заеми за земјата во рамките на Инструментот за Украина.
„Со оваа трета исплата, Украина ќе добие близу 20 милијарди евра во рамки на Инструментот за Украина од неговото стапување во сила пред една година“, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.
Лондон – Илјадници барели керозин изгореа по судирот меѓу контејнерски брод и танкер во Северно Море, но штетата е ограничена, соопшти компанијата оператор.
Причините за судирот, што се случи на 10 март меѓу контејнерскиот брод и танкерот, кој беше закотвен на околу 20 километри од брегот во Јоркшир, североисточна Англија, сè уште се нејасни.
Teхеран - Иранскиот заменик - министер за надворешни работи Казем Гарибабади денеска патува за Виена на разговори со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси за нуклеарната програма на Техеран, соопштија ирански дипломати.
Разговорот е „дел од континуитетот на нашата соработка со МААЕ“, изјави за новинарите портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаи.
Дубаи - Познатиот литвански портал „Борд панда“ (Bored Panda) објави листа на 10 „најдосадни градови“ во светот, врз основа на критиките на корисниците на „Редит“ (Reddit). На листата се наоѓаат метрополите, коишто некои ги опишуваат како „места без душа“.
Туристичката атракција на Обединетите Арапски Емирати - Дубаи, во таа смисла, се најде на врвот. А пак, Доха (Катар), Сиетл и Скрентон (САД) го поделија второто место. И покрај тоа што имаат значајна економска улога, градовите како Дубаи и Доха често се критикувани поради недостигот на „културна содржина“, и постои впечаток дека изгледаат „вештачки“ во живо.
Вашингтон – Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека постојат два плана за завршување на руската војна против Украина.
- Но, сакам сите да разберат, еве го планот. Планот А е да се прекине пукањето, за да можеме да преминеме на планот Б, фаза втора, а тоа е да ги имаме сите на маса, можеби со малку „шатл“ дипломатија, да смислиме начин како трајно да се заврши оваа војна на начин кој ќе трае и ќе ги почитува сечии потреби и слично. Никој не вели дека вториот дел е лесен, но не можеме да дојдеме до вториот дел додека не го поминеме првиот дел, посочи Рубио во интервју за „Си-биес њуз“ (CBS News).
Пекинг - Кина денеска повика на дијалог по двата напади на американскиот носач на авиони „Хари Труман“, за кои одговорноста ја презедоа јеменските бунтовници Хути.
„Ситуацијата во Црвеното Море и јеменското прашање имаат сложени причини и треба соодветно да се решат преку дијалог“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг на редовната прес-конференција во Пекинг.
Лос Анџелес - Ново истражување на аналитичката компанија „Каунтерпоинт рисрч“ (Counterpoint Research) за четвртото тримесеечје од 2024 година потврдуваат дека „Андроид“ (Android) и натаму е најкористен оперативен систем за паметни телефони.
Податоците говорат дека „Андроид“ сѐ уште ја држи водечката позиција. На второ место е „Епл ИОС“ (Apple iOS), а на трето место е „Хуавеј хармони-ОС“ (Huawei HarmonyOS), којшто постигна значителен раст во Кина во посоченото тримесечје.