• вторник, 18 март 2025
МИА Радио флеш

Скопје - Во 2024 година се издадени вкупно 12 лиценци за кабареа во земјава, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски пред Ургентниот центар Мајка Тереза во Скопје, каде ги посети повредените во катастрофалниот пожар во Кочани. Премиерот нагласи дека самиот овој податок е алармантен и додаде дека и од тие 12 можеби некои не се валидни, со оглед на тоа дека лиценца се вади за една година.  

-Вие сега можете да претпоставите колку клубови работат во државата, само 12 поседуваат лиценци и тоа од тие не знаеме кои се сеуште валидни, бидејќи на некои претпоставувам рокот им е изминат, бидејќи тие се со важност од една година, така што не очекува многу работа. Очигледно дека некои не си ја вршел работата и сега се обидува под наводно некаква политизација да ја затскрие криминалната работа што ја работел додека раководел со таа институција. Нема да има милост, тоа вчера го кажав и денеска ќе го повторам, кој сака нека биде. Кој сака нека биде, од која и е да е етничка припадност и од која сака политичка партија нека биде, тоа што се случувало е повеќе од криминал.  Ова би рекол е масовно убиство, кое што некој го дозволувал за пари за мито за корупција да се случи, нагласи Мицкоски. 

Скопје - Ќе биде отворена сметка за донации по трагичната несреќа во Кочани. По денешниот состанок во Владата, како што изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, ќе се знае како таа помош ќе биде канализирана. По посетата на пациентите што се хоспитализирани на Клиничкиот центар во Скопје, премиерот изрази благодарност до сите држави кои понудија помош.

-Борбата ќе продолжи во деновите што следат. Министерот напомена сите оние кои биле во и околу објектот на овој ужасен настан да се пријават на доктор и да побараат медицинска помош затоа што може да има ефекти после неколку дена. Се прават натчовечки напрои за да бидат сите пациенти стабилни и да си одат дома во полна здравствена кондиција и состојба. Како Влада остануваме фокусирани, рече Мицкоски.

Скопје – Кога би бил во функција Центарот за изгореници, би имал капацитет за четири до пет пациенти, но нашиот здравствен систем покажа дека е жилав и дека може да се справи со ваков бран, истакна премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на повредените од пожарот во Кочани.

Мицкоски посочи дека здравствениот систем покажал дека е спремен да се соочи со големи предизвици.

-Нашиот здравствен систем покажа дека е жилав и дека може да прими ваков бран кој што е можеби голем предзивик и за многу пософтицирани здравствени системи и за многу поголеми држави од нашите и јас им честивувам и сум благодарен и од мое но и од името на Владата, изјави премиерот.

Скопје - Од Јавното Обвинителство информираат дека увидните дејствија на терен за несреќата во дискотеката „Пулс“ сѐ уште траат, а државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска повторно е во Кочани каде што ги координира активностите на тимот обвинители назначен да ги спроведува истражните дејствија. Оттаму најавија изјава на Коцевски  во 16:00 часот пред Основното јавно обвинителство Кочани.

Од ЈО утрово информираа дека обвинителскиот тим е проширен и го сочинуваат двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани, двајца јавни обвинители од ОЈО Штип и пет јавни обвинители од ОЈО Скопје. Дополнително, посочија дека синоќа се издадени повеќе дополнителни наредби, вклучително наредба за пребарување на серверите и на уште еден компјутер во Министерството за економија и наредба за графолошко вештачење на потписи на одредена документација. 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска соопшти дека 51 лице од повредените во пожарот во Кочани се испратени на лекување во странство, преку кризниот штаб кој во изминатите 24 часа го кординираше процесот. Дополнително уште дваесетина ќе бидат транспортирани во болници во Австрија, Словенија, Хрватска, Норвешка и во Унгарија.

Тој посочи дека во тој контекст во текот на вчерачниот ден лично остварил телефонска комуникација со министрите за надворешни работи на Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Турција, Црна Гора, Холандија, Косово, Малта, Унгарија, Израел, Албанија, БиХ и Словенија како и со Ричард Гренел во име на администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп. Дополнително, претседателот на Владата Христијан Мицкоски телефонски разговорал со регионални и светски државници вклучително и со генералниот секетар на НАТО Марк Руте, со претседателите на владите на Хрватска, Бугарија, Белгија, Србија...

Скопје - Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска ќе ги посети пациентите кои се наоѓаат во Солун и Софија, а кои беа дел од критичната група од несреќата во Кочани. Според информациите, пациентите се надвор од животна опасност.

На денешната прес-конференција пред Ургентниот центар на комплексот клиники во Скопје „Мајка Тереза“ министерот рече дека тоа што зависи од нас е направено.

-Да бидеме внимателни и да им се даде максимална медицинска поддршка. Тоа што зависи од нас е направено комплетно. Се надевам дека и земјите кои ни се пријатели и сакаат да ни помагаат ќе дадат максимум од себе, изјави Таравари.

Скопје - Поради корупцијата и криминалот ги губиме животите на нашите деца. Или одлучно и системски ќе смениме нешто во оваа држава или ќе ја немаме. Мора да покажеме свесност и одлучност во спроведувањето на сите постапки кои сега треба да се преземат. Ќе одговара секој што има директна или индиректна вина поврзана со овој кривично-правен настан, порача денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски откако ги соопшти најновите информации во врска со трагедијата во дискотеката во Кочани.

Тошковски истакна дека за целиот случај се осомничени повеќе од 22 - 23 лица. Приведени се пет лица на територијата на СВР Скопје и СВР Тетово, меѓу кои и поранешен министер, како и 13 лица на подрачјето на СВР Штип од кои 11 се во краткотраен притвор од 48 часа. Како што рече министерот, дискотеката не само што немала соодветна лиценца, туку работела во објект чија намена е лесна индустрија, а не угостителство. 

Скопје - На платото на УКИМ се одржа Заеднички час на студенти и професори во спомен на жртвите во пожарот во Кочани. Собирот беше организиран од студентската организација на Скопскиот универзитет. Настанот закажан за точно напладне  беше одложен половина час поради силен дожд, а потоа почна со седумминутен молк на големиот број присутни студенти со кој беше исполнет кампусот на УКИМ.

Со кратки говори на сочувство се обратија ректорката на УКИМ Биљана Ангелова и министерката за образование и наука Весна Јаневска. Студенти во редици чекаат да запалат свеќи за покој на загинатите во пожарот, да положат цвеќе и да остават пари за поддршка на семејствата во кутиите за донации пред Филозофскиот факултет.

Скопје - Во рамки на засилените контроли викендов полициските службеници во сите сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР изрекле вкупно 2391 платни налози. Притоа без возачка дозвола биле затекнати 253 возачи, 131 возач возеле под дејство на алкохол, а пак 679 управувале возило со непрописна брзина.

Како што информира МВР, евидентирани се и 348 прекршоци по основ на непрописно паркирање, 192 лица некористеле сигурносен појас, 58 возачи на моторцикли не користеле заштитен шлем, 68 возачи зборувале на мобилен телефон, 15 минале на црвено светло, а прекршочно биле казнети и 11 пешаци.

Скопје - Мобилни тимови составени од психијатри и психолози ќе обезбедуваат психолошка поддршка за семејствата и пациентите од трагичната несреќа во Кочани. Сите кои имаат потреба од советување или помош, достапна е телефонската линија 078 378 754, преку која стручни лица ќе обезбедуваат психолошка поддршка.

Како што информира Министерството за здравство, мобилните тимови се формират во координација со ЈЗУ Психијатриска болница и Клиниката за психијатрија.

-Како дел од оваа иницијатива, мобилен тим од двајца лекари и еден психолог ќе биде ангажиран во Кочани, со цел да се обезбеди навремена и соодветна психолошка поддршка на граѓаните, стои во соопштението.

Скопје - Претседателот на Република Казахстан Касим-Жомарт Токаев упати изрази на сочувство до неговата колешка претседателката Гордана Сиљановска Давкова по повод трагедијата во Кочани.

-Длабоко ме растажи трагичната вест за бројни човечки жртви како последица на пожарот во градот Кочани, Северна Македонија. Во име на народот на Казахстан и во мое лично име, изразувам сочувство до Вас и до семејствата кои ги загубија своите најблиски, како и до народот на Северна Македонија. На повредените им посакувам брзо закрепнување, се наведува во писмото од претседателот Касим-Жомарт Токаев објавено на неговиот официјален налог на платформата „Х“.

Скопје – Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, денеска пред медиумите побара целосна транспарентна и објективна истрага за причните за несреќата во Кочани за на тој начин да биде вратена, како што рече, срозаната доверба на граѓаните во институциите на државата.

- Ние сме денеска рането општество, довербата во институциите е срозена и ако сакаме таа да ја вратиме мора да има целосна, транспарентна и објективна истрага. Никој не смее да биде поштеден, ниту актуелни ниту поранешни финкциониери или службеници. Тоа не е прашање на политика, туку на вистина и на правда. Трагедијата е преголема за да се дозволи и тронка сомнеж, ако постои и најмала индиција дека некој се штити тоа ќе биде удар врз целото општество. Затоа апелирам до истражните органи, до Обвинителството редовно да се известува ако треба и двати во денот, за да се спречат шпекулации. Потребна е одговорност на секој, на сите нас како граѓани, рече Филипче на прес-конференцијата свикана по повод големата несреќа што се случи завчера во Кочани, кога во пожар животот го загубија 59 млади лица.

Според Филипче, сега не е време за политички пресметки, туку миг кога во државата треба да се покаже човечност, а не е време за политизирање на трагичниот настан.

Скопје - Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбр Адеми денеска соопшти дека во текот на следните денови ќе излезат со целосна документација и докази за тоа кој, како и на кој начин дозволил да се случи грозоморната трагедија во Кочани.

Потенцира дека ќе поднесат и пријава до Јавното обвинителство за покренување постапка за кривична одговорност за надлежните лица и институции, бидејќи, како што рече, одговорност мора да има и оваа трагедија не смее да се дозволи да се повтори повеќе никогаш.

Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ќе ги посети повредените во пожарот во дискотека во Кочани кои се префлени во Белград на лекување, јави МИА од Белград.

Според Кабинетот, Вучиќ ќе ги посети повредените во 15 часот во Универзитетскиот клинички центар на Србија.

Атина – Секако ѝ стоиме на располагање на соседната земја. Повторно да ја изразам нашата болка, нашето сочувство до семејствата на загинатите и желби за брзо закрепнување на многумината повредени, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на помошта од Грција за повредените во трагедијата во Кочани.

Маринакис нагласи дека Грција му стои на располагање и на европскиот механизам за спасување и „ќе хоспитализира колку луѓе и да бидат потребни“.- Досега пет лица се хоспитализирани во болниците во Солун. Доцна синоќа беа префрлени двајца повредени со изгореници во Воената болница 424, а други тројца продолжуваат да се лекуваат во болницата Папаниколау, рече Маринакис.

Загреб - Четворица повредени во пожарот во ноќниот клуб во Северна Македонија за два дена ќе пристигнат во Хрватска со хеликоптери на хрватската армија, изјави денеска премиерот Андреј Пленковиќ и уште еднаш изрази сочувство до семејствата на загинатите и на преживеаните им посака брзо закрепнување.

„Ќе дојдат, ми се чини, за два дена. Утре хеликоптерите на Министерството за одбрана, односно на хрватската армија ќе преземат четворица повредени пациенти. Таков е договорот и комуникацијата со македонските власти“, изјави денеска Пленковиќ пред новинарите. Пленковиќ додаде дека веднаш му се јавил на колегата Христијан Мицкоски кога слушнал за трагедијата.

Белград - Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека владата е подготвена да упати официјална покана до американското Федерално биро за истраги (ФБИ) и Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) да дојдат и да спроведат истрага за наводната употреба на звучен топ на саботниот протест во Србија, јави МИА од Белград.

„Подготвени сме официјално да упатиме покана, ништо не криеме“, изјави Вучевиќ. Тој го повтори ставот дека ниту еден српски државен орган не употребил звучен топ на протестот во саботата. Вучевиќ приказната за употребата на звучен топ ја нарече измислена.

Сараево - Две лица се уапсени во Сански Мост, град во северозападна Босна, под сомнение за трговија со луѓе, а нивното апсење уследи по откривањето на четири деца без родителска грижа во куќа, потврди денеска Обвинителството на Унско-Санската жупанија.

Децата, на возраст од една до шест години, биле пронајдени вчера, а медиумите објавија дека две од нив имале хрватски пасоши. Обвинителството на Босна и Херцеговина денеска не ги потврди шпекулациите за идентитетот и националноста на пронајдените деца, но изјави дека најверојатно сите се од ромска националност.

Бања Лука - Судот на Босна и Херцеговина денеска издаде централна потерница по претседателот на Република Српска, Милорад Додик, претседателот на Националното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, и премиерот на ентитетот Радован Вишковиќ.

Издавањето на централната потерница го направи Граничната полиција на БиХ по налог на Судот, откако Додик, Стевенадиќ и Вишковиќ не се јавија на поканата за сослушување на Обвинителството на Босна и Херцеговина, кое ги сомничи за „напад на уставниот поредок на БиХ“птарди што Судот автоматски им одреди притвор.

По распишувањето на централната потерница, сите полициски агенции во БиХ се известени за тоа и, според законот, имаат обврска да ги приведат Додик, Вишковиќ и Стевандиќ.

Букурешт - Екстремната десница води во анкетите пред првиот круг од претседателските избори во Романија во мај, што ќе одлучуваат дали земјата ќе остане проевропска.

Истражувањето на „Атласинтел“ (AtlasIntel) покажа и дека центристичкиот градоначалник на Букурешт, Никусор Дан, најверојатно ќе го победи екстремно десничарскиот кандидат кој ќе влезе во вториот круг од изборите.

Претседателските избори во Романија ќе се повторат на 4 и 18 мај, откако Уставниот суд ги поништи првите избори во декември поради обвинувањата за руско мешање во корист на кандидатот на екстремната десница Калин Ѓеорѓеску.

Брисел - Листа на земји кои понудија помош за Северна Македонија не е конечна и таа е направена во одреден временски период, а станува збор за процес што е во тек, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство Ева Хрнчирова.  

-Примивме понуди и од други земји и можам да кажам дека на Северна Македонија веќе и понудивме и поголема помош од онаа што ја побра, изјави Хрнчирова во одговор на прашање на бугарски новинар зошто меѓу државите што и пружиле помош на земјава по пожарот во Кочани, кои таа претходно ги соопшти, не ја спомена и Бугарија. Хрнчирова истакна дека на барањето на земјава се уште се одговара, што не значи дека Бугарија не понудила ништо.

Брисел - Италија, Бугарија, Хрватска, Романија и Словачка се членки на ЕУ кои „намерно го поткопуваат владеењето на правото во речиси сите аспекти“, се вели во извештајот објавен денеска од невладината организација Либертис.

Во извештајот „Европската демократската рецесија се продлабочи во 2024 година“, се укажува на судските системи подложни на политичка манипулација, слабото спроведување закони за борба против корупцијата, прекумерната употреба на брзи законодавни процедури, вознемирувањето на новинарите и се поголемите ограничувања за мирни протести.

„Без решителна акција, ЕУ ризикува понатамошна демократска ерозија“, се предупредува во извештајот на 43 организации за човекови права од 21 земја-членка.

Брисел – Лани во декември во земјите членки во ЕУ се поднесени 62.085 барања за азил од лица кои првпат аплицираат за меѓународна заштита, што претставува намалување за 17 отсто во споредба со ноември 2024 и за 20 проценти во однос на истиот месец во 2023 година. 

Покрај ова, поднесени се и 6.560 апликации од лица кои веќе и претходно барале азил, но биле одбиени, што претставува намалување во однос на претходниот месец за шест отсто, но зголемување за 15 проценти споредено со декември 2023 година. Меѓу барателите на азил лани во декември најбројни биле Сиријците со 8.345 апликации, пред Венецуелците со 6.345 и Авганистанците со 5.595 барања. 

Париз - Франција и Канада се сили на мирот и бараат од Русија јасни обврски за постигнување траен мир, изјави денеска францускиот претседател, Емануел Макрон, за време на средбата со новиот канадски премиер, Марк Карни, што се одржа во Елисејската палата, пренесоа француските медиуми.

За време на средбата Макрон истакна дека Франција и Канада се сигурни сојузници, мислејќи и на членството на двете земји во Алијансата, но и на билатералните односи меѓу нив.

-Канада и Франција сакаат траен и цврст мир, придружен со цврсти гаранции кои ќе ја заштитат Украина од нова руска агресија и ќе овозможат да се гарантира безбедноста на цела Европа, рече францускиот претседател.

Москва - Руските сили напредуваа денеска во јужна Украина и ги пробија украинските линии на помалку од 50 километри од Запорожје, изјавија руски официјални претставници и воени блогери.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руски војници го зазеле селото Степове во областа Запорожје.

Јуриј Подољака, еден од повлијателните проруски блогери, објави дека го зазеле и соседното село Мали Шчербаки.

Њујорк – Фондот за деца при Обединети нации (УНИЦЕФ) денеска соопшти дека во Појасот Газа еден милион деца се мачат да преживеат и оти во енклавата нема доволно чиста вода.

Еден милион деца во Газа нема основни животни средства и се мачат да преживеат. Стотици илјади немаат чиста вода ниту основни услови за хигиена, објави регионалниот директор на УНИЦЕФ во Појасот Газа, Едуард Бајгбедер на Икс. Тој додаде дека водата е основно човеково прави и оти не смее да му биде ускратена на никого.

Сана  - Соединетите Американски Држави денеска извршија нови воздушни напади врз Јемен, објави телевизијата на Хутите, Ал Масира, со што се прошири најголемата американска воена операција на Блискиот Исток откако претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата во јануари.

Одговарајќи на заканите од движењето Хути за меѓународниот бродски превоз, САД завчера започнаа нов бран воздушни напади врз групата поддржана од Иран.

Телевизијата објави дека денеска цели биле пристанишниот град Худајда на Црвеното Море и провинцијата Ал Џауф северно од главниот град Сана.

Ерусалим - Израелската армија денеска соопшти дека од воздух ги нападнала палестинските борци во Газа, кои, како што тврди, се обидувале да постават бомби.

Еден од нападите бил врз „тројца терористи кои се обидувале да закопаат експлозивна направа во близина на (израелската) армија во центарот на Појасот Газа“, соопшти армијата, додавајќи дека извршила уште еден напад врз „повеќе терористи“ во областа Рафа, на југот на Газа.

И покрај примирјето меѓу Хамас и Израел од 19 јануари, израелската армија редовно изведува напади на палестинската територија уништена од војната, што почна по нападот на исламистичкото движење Хамас на југот на Израел на 7 октомври 2023 година.

 

Остани поврзан