
14 март 2025
Скопје - За танго се потребни двајца, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања поврзани со односите со Бугарија и одлуката на тамошната Влада да се прекине со железничкото поврзување поврзувањето со Северна Македонија.
Мицкоски посочи дека треба да се почека, бидејќи се уште не се знае дали ќе има договор или нема да има. - Наша задача е да работиме. Сега дали ќе има договор - за танго се потребни двајца. Треба да видиме и од другата страна како функционираат, рече премиерот.
За Коридорот 8 и за однесувањето на бугарската страна, тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ одамна го комуницирало тоа со јавноста и дека сега дури и заклучоците на новинарите и медиумите се дека попусто ќе се трошат парите.
Скопје - Министерот за транспорт и врски Александар Ниоловски смета дека одлуката на бугарската Влада средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги пренасочат за изградба на пруга од Софија до Бургас, е политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8 и дека „во вода паѓа“ и пропаганда против Владата, премиерот Христијан Мицкоски и против него.
- Испратени се писма до Европската делегација, до Европската транспортна заедница, но исто така и до двете банки Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, откако вчера бугарската Влада информираше дека нема предвидено средства за железничката пруга, која треба да ги поврзи Софија-Скопје преку железничкиот Коридор 8, изјави Николоски.
Скопје - Односите меѓу Владата и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, како и тие со администрацијата во американската Амбасада тука се на ултра високо ниво, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на прес- конференцијата по извршениот увид на градежни активности во Ѓорче Петров.
Премиерот Мицкоски коментирајќи го случајот со одбиената американска виза на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, порача да не се избрзува со заклучоци. -Јас не би избрзувал со заклучоци поврзани со визата, да почекаме, што ако добие најскоро тогаш што правиме што ќе се случи?! Затоа да не брзаме, знаеме точно што правиме нема да направиме ниту милиметар спротивен од интересот на државата и граѓаните, изјави Мицкоски.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска не ја коментираше вчерашната пишана изјава за медиуми на известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, во која европратеникот оцени дека повикот од Владата да поднесат оставки членови на Судскиот совет е „притисок и загрижувачки знак за политичко мешање во судството“.
На новинарско прашање дали смета дека ваквата порака од Вајц ќе влијае врз заклучоците во следниот извештај на Европската комисија за напредокот земјава, премиерот одговори: „дали ќе влијае е одлука на известувачот и на Комисијата“ и оти известувачот и ЕУ треба да го забележат и да го стават во својот извештај и напредокот за десет места на Индексот за демократија на „Економист“ за 2024 година и тоа што „повеќе не сме хибриден режим“.
Битола - Граѓаните не се задоволни со нивото на политички дискурс и политичка култура што ја има во Собранието, а и да е добра, мислам дека секогаш треба бараме повеќе, изјави претседателот на македонскиот парламент Африм Гаши, а во врска до постапката за донесување Етички кодекс во законодавниот дом.
-Секогаш има потреба да ги подобриме нашите односи и подигнување на политичката култура. Ако лично оценувам, би ја кажал перцепцијата на граѓаните кои мислам дека не се задоволни со нивото на политички дискурс и политичка култура што ја има во Собранието, а и да е добра, мислам дека секогаш треба бараме повеќе. Јас сум задоволен од сите колеги во Собранието, но етичкиот Кодекс е начин на подигнување на нивото и тоа мислам дека ќе придонесе за подигнување на достоинството на секој пратеник поединечно, но и на Собранието како институција како една од најбитните институции во државата, нагласи Гаши, кој денеска прстојуваше во Битола.
Скопје - Собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади по паузата продолжи со седмата седница претседавано од пратеничката на „Влен“ Имрлије Салиу-Фетаи. Осум членови на Комисијата дадоа поддршка за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка.
На седницата по паузата не присуствуваа членовите на Комисијата од СДСМ. Тие на прес-конференција најавија дека ќе поднесат кривична пријава против пратеничката Салиу-Фетаи за како што кажаа, грубо кршење на Деловникот околку денешното претседавање со собраниската Комисија за социјална политика, млади и демографија.
Скопје - Пратеничката група на СДСМ на прес-конференција најавија дека е поднесат кривична пријава против пратеничката Имрлијe Салиу-Фетаи од „Влен“ за како што кажаа, грубо кршење на Деловникот околку денешното претседавање со собраниската Комисија за социјална политика, млади и демографија.
-Ние најавуваме дека ќе преземеме конкретни правни мерки, односно ќе поднесеме кривична пријва против претседавачот со Комисијата, Имрлије Фетаи-Салиу заради грубо кршење на Деловникот и грубо кршење на правата на пратениците. А, воедно ќе поднесеме и иницијатива до Уставниот суд со којашто ќе бараме да се утврди прекршувањето на правото на пратениците на коишто им беше оневозможено согласно Деловникот да постават и да предложат измена и дополнување на дневниот ред, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.
Скопје - Европската конфедерација на синдикати денеска им даде поддршка на синдикатите во земјава за да издејствуваат што поголема минимална плата со која работниците ќе може достоинствено да живеат. Претставниците на Европската конфедерација на синдикати на прес-конференција оценија дека барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата се повеќе од оправдани и дека минималната плата во Северна Македонија е најниска во регионот. За случувањата во земјава, ќе ја информираат Европската комисија и тоа ќе влезе во извештајот за напредокот на државава.
Теа Јарц, секретарка на Европската конфедерација на синдикати, упати порака дека да се биде синдикалец е демократско право и дека ниту работодавачите, ниту Владата не смее да ги напаѓаат синдикатите.
Скопје - Претходниот месец евидентирани се 366 лица со овчи сипаници, 68 случаи на шуга и три на заразни заушки, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен денеска.
- Во текот на февруари 2025 година, во Република Северна Македонија, пријавени сe вкупно 746 заболени лица од акутни заразни заболувања - без Ковид-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ, со вкупна инциденца од 40,6 на 100.000 жители. Во текот на месец февруари се бележи намалување на вкупниот број на заболени лица за 11,3 отсто во однос на претходниот месец јануари 2025, потенцираат од ИЈЗ.
Скопје - „Светот што го избрав“ од Калина Малеска во издание на „Или-или“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредност „Славко Јаневски“.
Писателката Калина Малеска денеска на прес-конференција се заблагодари за оваа награда, посочувајќи дека во иднина ќе биде повеќе присутна со споделување на своите мисли, на своите тези и размислувања во врска со книжевни, но и вон книжевни теми кои се дел од светот околу нас.
Њујорк - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте повика денеска на нормализација на односите со Русија по завршувањето на војната во Украина.
„Нормално е, ако војната некако се запре, Европа, чекор по чекор, а исто така и САД - чекор по чекор, да ги обноват нормалните односи со Русија“, рече Руте во интервју за ТВ Блумберг.
Тој, сепак, нагласи дека се уште не е време за тоа и дека е неопходно да се продолжи притисокот врз Русија за Москва „сериозно да ги сфати преговорите“.
Газа - Хамас денеска соопшти дека го прифаќа предлогот на посредникот за продолжување на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа.
Групата во соопштението наведе дека е подготвена да преговара за втората фаза од договорот за прекин на огнот и го повика Израел целосно да ги исполни своите обврски, пренесуваат британските медиуми. Воедно, Хамас најави и дека ќе го ослободи Едан Александар, израелско-американски заложник, како и дека ќе ги предаде телата на уште четворица заложници со двојно државјанство.
Газа - Поради израелската блокада за испорака на помош преку копнени премини, 90 отсто од населението во Газа нема сигурен пристап до вода, а 80 отсто од граѓаните го изгубиле пристапот до изворите на храна, според Службата за соработка со медиумите во Газа.
-Недостигот од леб се засили бидејќи 25 отсто од пекарите во Газа престанаа да работат, а други се на работ на затворање поради снемување гориво. Недостигот на вода создаде криза бидејќи недостигот на гориво ги затвори бунарите и постројките за бигор, оставајќи 90 отсто од населението во Газа без сигурен пристап до вода, се вели во соопштението што го пренесе Ал Џезира.
Брисел - Европската Унија во повеќе наврати го изрази својот јасен став околу изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп поврзани со данската автономна територија Гренланд, истакна денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
- ЕУ ќе продолжи да ги поддржува принципите на почитување на националниот суверенитет, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите и на Повелбата на ОН, изјави Хипер во одговор на новинарско прашања за ставот на Унијата за вчерашните изјави на Трамп дека „смета оти ќе се случи“ анексија на Гренланд од страна на САД.