
17 март 2025
Скопје - Во спомен на жртвите од трагичната несреќа во Кочани, од денеска е седумдневна жалост на територија на цела држава. Националното знаме на земјава денеска ќе се вее на половина копје.
Ваквата одлука беше донесена на вчерашната вонредна владина седница, по трагичниот настан што се случи вчера наутро во Општина Кочани каде во несреќен случај при пожар на дискотека животот го загубија 59 млади лица, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа.
Скопје – Во пожар во дискотека во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство.
Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала.
За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителство поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три се уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.
Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата повика на заедништво и сплотеност и најави чекори на кои јавноста не е навикната, за почеток на едно големо ресетирање на системот, како и дека од денеска почнува робусна акција на проверка на сите документи во угостителските објекти.
Скопје - Над 140 повредени во пожарот во дискотеката во Кочани се згрижени во текот на вчерашниот ден, 90 се наоѓаат во болниците во земјава, а 44 се прифатени во болници во странство. Уште осум повредени треба да бидат пренесени во Хрватска и во Романија, информира директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Клековски синоќа информора дека во Клинички центар се хоспитализирани 20 повредени, во ГОБ 8 септември - 20, во „Свети Наум Охридски“ - 21,во Клиничка болница Штип - 20, Општата болница во Кочани седум и на Токсикологија - двајца. Има пациенти и во приватните болници Аџибадем Систина и Жан Митрев.
Белград - Девет пациенти повредени во пожарот во дискотека во Кочани пристигнаа во Ургентниот центар на Србија, додека тројца пациенти се примени на Воено-медицинската академија (ВМА), јави МИА од Белград.
Дванаесет пациенти повредени во несреќата во дискотеката во Кочани ноќеска со авион CASA C-295 на српската армија се пренесени од Скопје во Белград и ќе бидат згрижени во ВМА и Клиничкиот центар на Србија.
Претходно, авион со четворица лекари и четворица медицински техничари полета за Скопје за медицинска евакуација на повредените во несреќата. Двајца пациенти кои со воени амбулантни возила биле пренесени од Скопје на лекување во Воената болница Ниш и Клиничкиот центар Ниш.
Атина – Во Солун, во болницата Папаниколау и во воената болница, хоспитализирани се вкупно пет лица повредени во пожарот во ноќниот клуб во Кочани, а од нив двајца се веќе оперирани, додека пак на други двајца им била извршена трахеотомија, според информациите на дописничката на МИА од Атина.
Извори од болницата Папаниколау, каде што од вчера попладне се хоспитализирани тројцата повредени, кои со амбулантни возила пристигнаа во Солун, брифираат дека сите се на Одделот за интензивна нега за повредени со изгореници, двајца се оперирани, а третиот сè уште не е.
Како што вчера објави МИА, станува збор за две девојки и едно момче на возраст од 25, 26 и 19 години, кои се тешко повредени со големи изгореници.
Софија - Вкупно осум лица повредени во пожарот што избувна во дискотека во Кочани се хоспитализирани во Универзитетската болница „Н. И. Пирогов“ во Софија, изјави на прес-конференција директорот на болницата, д-р Валентин Димитров, јави БТА.
Меѓу примени пациенти има тројца малолетници – две девојчиња и едно момче, додека останатите се четворица мажи и една жена, на возраст од 22 до 25 години. Највозрасниот пациент има 31 година.
Состојбата на сите пациенти е тешка, со изгореници на телото, горните екстремитети и лицето, како и на горните и долните дишни патишта, што дополнително ја комплицира нивната здравствена состојба. Според д-р Димитров, тројца од пациентите се интубирани, додека за останатите ќе биде направена дополнителна медицинска проценка и терапевтски план.
Истанбул - Тројца критично повредени во пожарот што избувна во ноќен клуб во Кочани синоќа беа пренесени во Турција со медицински авион на турското Министерство за здравство.
Авионот слета на аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ во Истанбул, каде што повредените беа префрлени во центарот за изгореници при болницата „Башакшехир Чам и Сакура“ за понатамошен третман, јави Анадолија.
Како одговор на итното барање на македонските власти, Турција испрати два медицински авиони за евакуација.
Првиот авион ги транспортираше тројцата повредени во Истанбул, додека вториот, управуван од турското Министерство за одбрана, пренесе уште шест лица во болницата „Билкент“ во Анкара за специјализиран третман.
Скопје - Во тек се рочишта за определување притвори за лицата осомничени за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани, информираат изутринава од Јавното обвинителство.
За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три се уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.
Во пожарот што се случи вчера животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство.
Скопје - Студентите на УКИМ денеска во 12 часот на Платото на Универзитетот ќе одржат организиран заеднички час во форма на искажување почит кон жртвите кои настрадаа при немилиот настан во дискотеката во Кочани.
Како што соопштија од Универзитетско студентско собрание при УКИМ, со времетраење од еден час, ќе се искаже сочувство кон загинатите лица и поддршка за побрзо закрепнување од повредите. На Платото ќе има простор каде студентите ќе можат да запалат свеќи, искажат тага во книга на жалост и остават цвеќе.
Заедничката настава и собирите на студентите, најавија, ќе продолжат сѐ до 21 март 2025 година, секој ден, почнувајќи од 12 часот, на кампусите на УКИМ.
Атина – Порака со сочувство за трагедијата во Кочани, испратил вселенскиот патријарх Вартоломеј до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и до митрополитот Брегалнички Иларион, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Вселенската патријаршија, Вартоломеј „му се моли на Бога за успокојување на душите на жртвите и да ги поддржи нивните семејства, како и да помогне во брзото закрепнување на здравјето на повредените“.
Хаг - Центрите за третман на изгореници во холандските градови Гронинген, Бевервајк и Ротердам се подготвуваат да примат и да лекуваат жртви од пожарот во ноќен клуб во Северна Македонија, изјави портпарол на Холандската фондација за третман на изгореници за јавниот сервис NOS.
- Сè уште не е познато дали некои од повредените ќе бидат пренесени во Холандија на лекување, изјави портпаролот, пренесува НЛ Тајмс. -Во моментов се проценува тежината на изгорениците, а потоа Европската асоцијација за третман на изгореници ќе одлучи дали некои од пациентите ќе бидат лекувани во Холандија, појасни претставникот.
Скопје - Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници ќе одржат комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Законодавно правната комисија.
Скопје - Поради сообраќајна незгода, утрово од 8:10 часот, сообраќајот на експресниот пат Штип, после село Лакавица е во прекин.
Сообраќајот, како што соопшти АМСМ, се пренасочува по магистрален пат А4, Штип – Радовиш.
Скопје - На експресниот пат А1, делница Градско – Дреново, од денеска до 4 април, поради монтажа на дилатација на еластичната одбојна ограда на вијадукти и мостови, сообраќајот ќе биде пренасочен и регулиран на одредени делови од оваа делница.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Скопје - Целосната морална материјална и кривична одговорност за оваа трагедија не може да се бара на ниедно друго место освен во самата Влада, Министерството за внатрешни работи и Општина Кочани, изјави ноќеска потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми.
ДУИ, посочи Адеми, бара целосна транспарентност и одговорност за вистината да излезе на виделина. Апелира од институциите и партиите, како што рече, да се откажат од обидите да ја прикажат ДУИ како виновна за сè што се случило, што се случува или ќе се случи во иднина.
Приштина - Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Петер Соренсен, денеска ја започнува својата повеќедневна посета на Косово со средба со претседателката Вјоса Османи.
Како што соопшти кабинетот на косовската претседателка, Османи ќе го прими Соренсен во претпладневните часови, а тој ќе оствари и одделни средби со премиерот Албин Курти и првиот заменик-премиер задолжен за европски интеграции, развој и дијалог, Бесник Бислими.
Брисел - Најновиот развој на настаните поврзани со руската агресија врз Украина, ситуацијата на Блискиот Исток, со посебен осврт на случувањата во Сирија и на улогата Иран, како и односите меѓу ЕУ и САД ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на Унијата (ФАЦ) во Брисел.
Состанокот, со кој ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, ќе започне со дебата за Украина на чиј старт на европските шефови на дипломатии преку видео конференциска врска ќе им се обрати нивниот украински колега Андриј Сибиха, кој ќе ги информира за најновите политички случувања и ситуацијата на теренот, како и за најитните приоритети на Киев.
Брисел - Европската Унија ги поздравува разговорите меѓу американските и украинските претставници во Џеда и резултатот од нив, но сега топката е на теренот на Русија и треба видиме какви услови ќе постави таа за прекин на конфликтот, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
- Условите што ги претставија всушност кажуваат дека (Русите) не сакаат мир, затоа што она што го поставија како услови се сите нивни крајни цели што сакаат да ги постигнат со војната, истакна Калас пред почетокот на денешниот Совет за надворешни работи на ЕУ.
Вашингтон – Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека планира утре да разговара си рускиот претседател Владимир Путин.
- Со Путин ќе разговарам во вторник. Завршена е многу работа во текот на викендот. Сакаме да видиме дали можеме да ја завршиме војната. Можеби можеме, можеби не можеме, но мислам дека имаме многу добри шанси, изјави Трамп на новинарите во „Ер форс 1“ за време на доцниот лет од Флорида до Вашингтон.
Тој додаде и дека со Путин ќе разговара и „за земја“, „за електрани“ и „за поделба на одредени средства“.
Москва – Рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко за „Известија“ изјави дека Русија во мировните преговори ќе бара гаранции од земјите на НАТО дека Украина нема да биде членка на Алијансата и оти земјата мора да остане неутрална.
- Ќе бараме челичните безбедносни гаранции да станат дел од овој договор. Една од овие гаранции е неутралниот статус на Украина, односно одбивањето на земјите од НАТО да ја примат Украина во Алијансата, наведе Грушко.
Отава – Новиот премиер на Канада, Марк Карни, во првата официјална посета на странство ќе ги посети Париз и Лондон, со цел да го зајакне сојузот со Европа во услови на сериозни тензии помеѓу Отава и Вашингтон.
- Посетата има за цел да ги зајакне нашите трговски и воени врски со двајцата наши најстабилни и доверливи партнери, наведе Карни.
Канада, со население од 41 милион жители, доживува криза без преседан во својата историја. Американскиот претседател Доналд Трамп почна трговска војна со Отава и најавите дека сака Канада да стане „51-та американска држава“.
Дамаск – Министерството за одбрана на Сирија го обвини Хезболах, поранешен сојузник на соборениот претседател Башар ал Асад, дека киднапирал и егзекутирал тројца сириски војници, откако ги однел во Либан.
- Група од милицијата на Хезболах … киднапираше тројца припадници на сириската армија на сириско-либанската граница … потоа ги одведе на либанска територија и ги уби, се наведува во соопштението на сириското МО.