• вторник, 18 март 2025
МИА Општински пул

17 март 2025

Скопје - Од ЕВН Македонија АД информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат корисниците од неколку улици во Општина Карпош.

-Во периодот од 09.00 до 11.00 часот, без струја ќе бидат дел од корисниците на ул.„Осло“, од 11.00 до 14.00 часот, дел од корисниците на ул. „Петар Драганов“ и „Софиска“, додека од 12.30 до 14.30 часот, дел од корисниците на ул. „Бањалучка“ спроти бр.20 и ул. „Будимпештанска“ бр.35Б, во Општина Карпош. 

Штип – Само двајца пациенти од несреќата во Кочани се лекуваат во штипската Клиничка болница, информира во писмено соопштение утринава портпаролот на Клиничка болница-Штип, Емилија Арсова.

-По вчерашна тријажа и координација со Кризен штаб од Скопје во вечерните часови пациентите  од несреќата во Кочани кои беа хоспитализирани во КБ – Штип се транспортирани во Клинички центар ‘‘Мајка Тереза‘‘ - Скопје. Транспортот на сите пациенти помина безбедно, вели Арсова во писменото соопштение.

Посочува дека во моментот во Клиничка болница-Штип има само двајца пациенти, една пациентка со изгореници од полесен степен на рацете и еден пациент со повреда на рацете. 

Крива Паланка – Поради поставување сообраќајна сигнализација и дилатации на еластичната одбојна ограда, сообраќајот на експресниот пат Ранковце - Крива Паланка од денеска до 14 април ќе се одвива со изменет режим.

Фирмата – изведувач „Гранит“ АД Скопје информира дека активностите ќе се реализираат согласно одобрение за времена измена на режим на сообраќај од Министреството за транспорт издадено на 14 март 2025 година, а активностите на терен ќе почнат денеска.

-Ве известуваме дека на 17 март 2025 година ГД „Гранит“ АД Скопје ќе почне со градежни активности за монтажа на дилатации на еластична одбојна ограда на вијадукти и поставување на сообраќајна сигнализација на експресен пат А2, Ранковце-Крива Паланка, делница Крива Паланка – Длабочица, соопштија од „Гранит“.

Времениот режим ќе се одвива до 14 април 2025 година. 

 

 

 

Остани поврзан