• недела, 18 август 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 17 август 2024 (МИА) - Надворешната канцеларија за криминалистички работи - Гостивар поднесе кривична пријава против М.А., 62-годишно лице од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 6 август, во близина на патарина во Гостивар, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле хероин.

Вчера во СВР - Велес, 47-годишен маж од велешко пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 251.110 денари.

Според пријавеното, на 29 јули, преку мобилна апликација, лицето се договорило со него за набавка на бела техника. Како што е пријавено, договорената стока била испратена во Скопје и била преземена од друго лице, но, парите не му биле исплатени во договорениот рок, а по една недела, лицето веќе не било достапно, по што сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во СВР - Битола - Полициска станица - Демир Хисар било пријавено дека на околу 20 метри над продавницата во село Вирово, демирхисарско, бил забележан балон со дијаметар од околу еден метар на кој имало инсталирано направа од која под притисок дувал оган за движење на балонот.

Кога жителите се обиделе да го соборат, балонот се кренал повисоко и заминал кон шумата над селото. Полициски службеници излегле на местото и бил извршен разговор со повеќе лица - сведоци на настанот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.    

Завчера во СВР - Велес било пријавено дека околу 9.30 часот, при рушење на ѕид од плевна во село Богомила, велешко, сопственост на Д.Ѓ., била пронајдена неексплодирана бомба.

Бомбата била обезбедена и ќе биде подигната од стручно лице од Дирекцијата за заштита и спасување.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи - Берово поднесе кривична пријава против Д.Т., на возраст од 42 години од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 20.07.2023 во градот, пријавениот продал марихуана на две лица од Берово, која била пронајдена и одземена.

Вчера во 11.15 часот во Полициската станица - Ресен, одговорно лице во Национален парк - „Галичица“, пријавило дека на место викано „Асан Џура“, затекнало лице кое запалило оган на отворен простор, што веднаш бил изгаснат од вработени на националниот парк.

Полициски службеници од Полициската станица - Ресен излегле на местото и било констатирано дека се работи за А.И., 74-годишен охриѓанец, кој е бездомник и изјавил дека ноќта ја поминал на местото каде запалил оган за да се стопли, без намера за подметнување пожар. Констатирано е дека лицето сторило прекршок по член 53 од Законот за шуми.

Вчера во 12.45 часот, полициски службеници од Полициската станица - Пробиштип го лишиле од слобода С.С., на возраст од 61 година од пробиштипско, постапувајќи по претходна пријава од неговата 34-годишна ќерка дека физички ја нападнал во семејниот дом.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во ОВР - Крушево, А.Ф., 38-годишно лице од село Пресил, крушевско, пријавило дека околу 2.50 часот во селото, три лица со закана со огнено оружје, од кои едното се претставило дека е полициски службеник, од него и неговата сопруга одзеле ранец со пари во различни валути и апоени и накит.

Увид извршила екипа од ОВР - Крушево и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска во 3.40 часот во СВР - Скопје, 44-годишна скопјанка пријавила дека на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од нејзиниот сопруг Ш.М., на возраст од 37 години.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Денеска во 3.30 часот во СВР - Струмица, Ц.И., на возраст од 31 година од село Василево, струмичко, пријавил дека синоќа, околу 22.30 часот во дворот од семејната куќа, по претходна расправија, тој, неговата мајка и неговата сопруга биле физички нападнати од С.„Н“, Е.„Н“ и Н.„Н“.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Денеска во 00.40 часот во СВР - Скопје, М.Ј., 52-годишен скопјанец, пријавил дека во 23.50 часот на подрачјето на Бит Пазар, поради нарушени меѓусебни односи, бил физички нападнат од Џ.Х., на возраст од 42 години, исто така, од главниот град на државава.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Синоќа во 20.40 часот во СВР - Скопје, 19-годишничка пријавила дека во дворот на семејната куќа на подрачјето на Чаир, физички била нападната од нејзиниот вереник Л.Џ., на возраст од 20 години.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Денеска во 3.50 часот во СВР - Струмица, Т.П., на возраст од 31 година од село Миравци, гевгелиско, пријавил дека околу 00.30 часот, пред угостителски објект во селото, бил физички нападнат од А.В..

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Денеска во 00.10 часот во СВР - Скопје, С.З., 29-годишно лице од село Сингелиќ, скопско, пријавил дека во 20.20 часот на негов плац на подрачјето на Гази Баба, двајца негови малолетни внуци биле физички нападнати од две лица, кои употребиле и тврд предмет.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска во 2.30 часот во СВР - Штип, 29-годишна жена пријавила дека на 11 август околу два часот во штипско била физички нападната од нејзиниот сопруг С.К., на возраст од 36 години.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 23.30 часот во СВР - Скопје, Т.Ц., 19-годишна скопјанка, пријавила дека околу 23.05 часот на подрачјето на Центар била физички нападната од едно лице.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 12.50 чaсот во СВР - Битола, И.В., на возраст од 46 години од село Беранци, општина Могила, пријавил дека претходниот ден, во спортска обложувалница во градот, по претходна расправија, бил физички нападнат од Б.С., 24-годишно лице од овој град.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера околу 19.45 часот во СВР - Скопје, Т.Н., на возраст од 57 години од село Глуво, скопско, пријавил дека на подрачјето на Центар, едно лице влегло во неговото возило и со закана со огнено оружје го натерало да извади пари од банкомат, што потоа му ги одзело заедно со паричникот и други лични документи.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 14 часот во СВР - Скопје, С.К., 46-годишен скопјанец, пријавил дека претходниот ден околу 00.30 часот во двор на основно училиште на подрачјето на општина Аеродром, неговиот малолетен син и негов малолетен другар, биле физички нападнати од три лица, од кои едно им упатило закани со остар предмет.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 12.45 часот во СВР - Скопје, 44-годишен скопјанец пријавил дека на 14 август, во семејниот дом на подрачјето на Гази Баба, по претходна расправија, бил физички нападнат од неговата мајка И.Е..

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Денеска во СВР - Скопје било пријавено дека околу 4.15 часот во казино на подрачјето на Карпош, едно лице со закана со остар предмет од вработените одзело пари.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 10 часот во ОВР - Прилеп, И.К., 41-годишно лице од село Канатларци, прилепско, пријавило дека кога ги враќало работниците од нива, Н.Н. и Е.Н. му го попречиле патот и со дрвен предмет го оштетиле неговото возило - комби, по што физички го нападнале.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера околу 17.30 часот во СВР - Скопје било пријавено дека на улицата „Серава“ настанал пожар во куќа, сопственост на О.Б., 54-годишно лице од село Морани, скопско, каде никој не живеел.

Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита - Скопје, нема повредени лица. Увид извршила екипа од СВР - Скопје.

Вчера во осум часот во СВР - Битола било пријавено дека во сопствениот дом во градот била пронајдена почината Љ.Г., 62-годишна битолчанка.

Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство. По наредба на јавен обвинител, телото на починатата било дадено на обдукција.

Вчера бил пронајден Д.С., 40-годишен штипјанец, за кого на 12 август во СВР - Штип, неговиот 67-годишен татко К.С. пријави дека се оддалечил од домот. бд/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан