• сабота, 17 август 2024

Завршна работилница за млади од Крива Паланка и Битола, дел од проектот „Заедно"

Завршна работилница за млади од Крива Паланка и Битола, дел од проектот „Заедно

Крива Паланка, 17 август 2024 (МИА) - Околу педесетина млади од Крива Паланка и Битола кои учествуваат во проектот „Заедно" беа дел од завршната работилница на проектот на тема „Промоција на заедништвото, историски импути во денешницата, градење врски и соработка“. Работилницата се одржа во Градскиот музеј Крива Паланка, а учествуваа млади од различни националности - Македонци, Албанци, Роми, Турци, Бошњаци, Власи.

-Ентузијазмот и креативноста на младите секогаш претставуваат инспирација за напредок и развој на прогресивни идеи. Токму со ваквиот пристап на проектот „Заедно“ во изминатите 9 месеци на несекојдневен начин се работеше на вмрежување на младите од Пелагонискиот и Североисточниот регион, мотивирајќи ги да ги истражуваат културните специфики на различните подрачја во кои живеат, да соработуваат и користејќи ги иновативните алатки, да творат. Завршната работилница беше едукативна, говоревме за материјалната и духовната култура на заедниците преку презентација на карактеристичните етнички белези некогаш и сега, а се разговараше и за историјата која треба да претставува поука за денешнината. Исто така, посебен акцент беше ставен на традицијата која ги зближува заедниците и придонесува за прогресивност без дискриминација и зголемена меѓусебна толеранција кон постигнување на подобри резултати во општеството, информира Наталија Милковска, кустос етнолог во ЛУ Градски музеј Крива Паланка, обучувач во проектот.

Младите истакнаа позитивни примери на меѓуетничка толеранција,  вистински начин за реализација на успешни активности од секој поединец во државата. 

-Токму преку надминување на разликите, преку квалитет, знаење и напорната работа, може да се постигнат позитивни резултати за подобар живот, мир и толеранција, каде единствениот начин на спротиставување ставови се вика дебата, а не конфликт, велат организаторите од „Кластер за туризам", Крива Паланка.

Младите, предводени од страна на обучувачот Милковска присуствуваа на факултативна прошетка низ поставките на музејот: етнолошка, историска и археолошка, како и во музејската галерија.

Како завршна активност од овој проект, со активно учество на младите од Битола и Крива Паланка, изготвен е видео материјал со позитивните искуства и младински предлози и иницијативи за градење доверба и соработка.

Проектот „Заедно“ го реализира Здружение за истражувања на пазарот на труд во функција на мултиетничка толеранција „Профицио", Скопје, во соработка со Здружение за регионална соработка „22 Нентори“ од Битола и „Кластер за туризам" од Крива Паланка, а истиот е дел од регионалниот проект „Подршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, финансиран од Европската унија, спроведен од Програмата за развој на Обединетите нации(УНДП).ид/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан