• понеделник, 23 декември 2024

Пензионерските линеарни 5.000 денари помош, но и нов притисок врз Буџетот

Пензионерските линеарни 5.000 денари помош, но и нов притисок врз Буџетот

Скопје, 17 август 2024 (МИА) – Оправдана мерка во услови на раст на инфлација кога системските решенија не се доволни е претстојното линеарно зголемување на пензиите, сметаат експертите, но истовремено нагласуваат дека ваквата мерка претставува притисок врз Буџетот и апелираат ад хок решенија да се избегнуваат. 

Пензионерите со септемвриската пензија којашто ќе им биде исплатена во октомври треба да добијат зголемување за 2.500 денари, а уште едно линеарно зголемување во износ од 2.500 денари треба да имаат со мартовската пензија. Ова е предизборно ветување на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што ќе се случи првпат по неколку години. Досега пензиите се усогласуваа со растот на платите и трошоците на живот.

Професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во изјава за МИА вели дека вакви ад хок решенија во принцип треба да се избегнуваат, но дека се оправдани во услови на енормни зголемувања на цените какви што имавме во изминатите две години. 

- Ад хок зголемувањата на пензиите во принцип треба да се избегнуваат, затоа што постојат системски прилагодувања на пензиите, два пати годишно, кои треба да обезбедат пензиите да го следат растот на цените и на платите. Меѓутоа, во услови на големи поскапувања како од изминатите две години, овие системски прилагодувања не се доволни, затоа што доаѓаат задоцнето, и затоа што не го компензираат целосно растот на цените. Затоа, ова линеарно зголемување кое го најави Владата од 5000 денари за сите, мислам дека е оправдано, како своевидна компензација за енормниот раст на цените од изминатите две години, за да се спречи раст на сиромаштијата. Но по него, мислам дека не треба да има нови ад хок зголемувања, доколку нема нови вакви ценовни шокови, вели Јовановиќ за МИА.

Ако сакате да ја поттикнете економската активност мора да ја стимулирате потрошувачка, тоа е еден од основните постулати за справување со секоја криза, порача вечерва поранешниот советник во

Целосното исполнување на ветувањето дополнителен трошок од околу 200 милиони евра на годишно ниво
 
Марјан Петрески, коосновач на Институтот за економски анализи „Фајнанс тинк“ и професор по економија на Универзитетот Американ колеџ оценува дека зголемувањето на пензиите претставува сериозен притисок врз Буџетот. Планираните пари за таа намена, вели Петрески, треба од некаде да се најдат.

Посочува дека редовното усогласување што следува по закон во март и септември, се компензира во обем од околу една третина, а целосното исполнување на ветувањето генерира додатен трошок од околу 200 милиони евра на годишно ниво.

Како што посочува, и досега околу една третина од трошокот за пензиите се подмируваше од централниот буџет,  односно од општото оданочување. Со исполнување на предизборното ветување, нагласува, тој процент ќе се доближи до 40 проценти.

- Точно е дека делумно се компензира редовното усогласување коешто следува по закон во март и септември, но нашите калкулации говорат дека тоа компензирање е во обем од околу една третина. Тоа значи дека во полн капацитет, исполнувањето на ветувањето генерира дополнителен трошок од околу 200 милиони евра на годишно ниво, појаснува Петрески за МИА.

Прашува колку повеќе толерантни треба да станеме на висок буџетски дефицит и јавен долг за да издржиме вакви ад-хок зголемувања. Од зголемувањето на пензиите, вели Петрески, нема да банкротираат буџетот и државата, меѓутоа тие пари треба од некаде да се најдат.

- Гледаме дека при прв ребаланс на буџетот страдаат капиталните инвестиции. Со тековниот ребаланс, за волја на вистината, немаше големо кратење таму, меѓутоа настана голем пораст на буџетскиот дефицит од 3,4 проценти на 4,9 проценти од БДП. Точно е дека тоа не е главно генерирано од порастот на трошокот за пензии: имало заостанати обврски чија исплата не била предвидена, имало непропорционално поголемо трошење во првата половина од годината итн. Меѓутоа, да забележиме дека порастот на трошокот за пензии сега се однесува само за три или четири месеци, и тоа половина од ветениот износ. Сметано со целиот износ од 5000 денари, на годишно ниво, тоа е значаен притисок, оценува Петрески.

Народната банка демонстрираше јасни чекори за стабилизација на инфлациските очекувања и за справување со инфлацијата во среднорочна перспектива, така што ефектите од тие зголемувања на каматн

Дури и да прифатиме зголемување на буџетските трошоци и дефицитот, под некаква назнака дека инвестираме во долгорочниот развој и конкурентноста на економијата, наведува Петрески, тогаш тие средства треба да се потрошат на точки кои претставуваат поголеми жаришта или кои нудат долгорочен потенцијал за земјата.

Предлага тие средства да се канализираат кон децата како друга ранлива група која е со стапка на сиромаштија од 30 проценти,  наспроти пензионерите кај кои изнесува седум проценти.

- Семејствата во кои има три и повеќе деца имаат стапка на сиромаштија од 45 проценти, значи секое второ такво семејство води „крпен живот“. Ако веќе трошиме пари, а зборуваме за некаква еднаквост или солидарност, тогаш размислувањата треба да одат во насока на имплементирање на Европската гаранција за деца, која е поширок концепт од само парични примања, но се фокусира посебно на најранливите сегменти од групата деца. Верувам дека секој пензионер би се согласил фокусот да го свртиме кон иднината на ваков начин, нагласува Петрески.

Од Сојузот на здуженија на пензионери на Македонија велат дека секое усогласување, односно зголемување на пензиите е добродојдено за корисниците на пензиите, затоа што преку пензиите се обезбедува материјалната и социјалната положба на секој пензионер, но дека треба да се имаат предвид и други важни моменти како што е финансиската стабилност на пензискиот Фонд бидејќи е значајно да има доволно средства за редовна исплата на пензиите.

- Ова најавено зголемување од 5000 денари ќе мора да биде регулирано со соодветни измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои ќе се дефинира карактерот на ова усогласување – дали тоа ќе биде нивелирање на пензиите, што ќе се случува со системското усогласување на пензиите, дали и кои параметри ќе се користат за усогласување на пензиите. За досегашните знаееме дека тоа е со порастот на платите и на трошоците на живот во висина од по 50 проценти. Сите овие битни моменти ќе бидат соодветно разгледани во  рамките на постојниот систем и потоа законодавецот верувам ќе пристапи кон соодветни измени на законската регулатива, вели претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајкова во изјава за МИА.
 
Предлог пензиите да се усогласуваат на 1 јануари и на 1 јули
 
Во пресрет на реализацијата на мерката, пензионерските здруженија потсетуваат на нивните барања – усогласувањето на пензиите да биде на 1 јануари и на 1 јули со што, како што посочува Трајкова, на пензионерите нема да им се ускратуваат четири месеци од нивното тековно усогласување. При рапиден раст на трошоците на живот, нивниот предлог е од вкупното усогласување на пензиите да се одвои еден дел и да им се даде на пензионерите со пониски пензии.

Пензиите сега се усогласуваат двапати во годината, во март и во септември, но поентата  е тие да се усогласуваат од 1 јануари и од 1 јули. Тезата дека пензиите требало да се усогласуваат од 1 март заради добивање на статистички податоци за порастот на плати и за трошоци на живот е несоодветна бидејќи и да се добијат тие податоци за март исплатата на пензијата за тие претходни два месеца ќе се даде на пензионерите како разлика. Во прилог на овој предлог е и поранешното искуство и поранешната нормативна регулатива што си постоеше во пензискиот систем со усогласување на пензиите двапати во годината. Таква е законската регулатива на сите земји во нашето опкружување, од поранешна Југoславија, каде исто така усогласувањето се врши двапати во годината, а имаме скоро слични пензиски системи, нагласува Трајкова.

Според неа, балансираното вклучување на двата параметри во висината на пензијата е добар модел и одговара на корисниците на пензијата.

Во предлозите што ги доставиле до работната група во насока на унапредување на формулата за усогласување на пензиите, предлагат да биде постојната регулатива за усогласување на пензиите односно 50 проценти раст на платите и 50 проценти трошоци на живот, но доколку има материјални можности да се зема секогаш поповолниот процент, а не средната вредност од овие два параметра. За доближување на разликите на нивоата на пензиите, пак, предлагаат да се предвиди одредено дегресивно усогласување на пензиите.

- Тоа значи во одреден временски период кога имате рапиден раст на трошоците на живот, од вкупното усогласување на пензиите да се издвои еден дел и да се даде на помалите пензии. Ние сметавме дека овој начин нема да предизвика некаков дефицит во Фондот бидејќи во утврдениот процент само ќе направите распределба на усогласуваењето на пензиите. Таков начин е познат во пензискиот систем, но пак ќе нагласам дека тоа би било усогласување во одреден временски период кога следејќи ги пензиите и учеството на просечната пензија во однос на просечната плата,  ако видите дека таа многу заостанува. Ако е многу помалку од 60 проценти е аларм дека треба да преземете некои мерки во делот на усогласување на пензиите, посочува Трајкова.

Владата на првата седница во јуни ја усвои одлуката за линеарното зголемување на пензиите и со ребалансот на Буџетот се обезбедени потребните средства. Министерството за социјална политика треба да го предложи законското решение.

За исплата на пензиите до крајот на годинава со ребалансот на Буџетот се обезбедени дополнителни пет милијарди денари. Од тој износ, 2,5 милијарди денари се средства кои се трансферираат дополнително во Фондот за пензиско осигурување заради реализација на најавеното линеарно зголемување на пензиите за 2.500 денари од септември годинава, кои ќе бидат исплатени во октомври.

Почнува примената на измените на Законот за данок на личен доход со кои се става во мирување примената на прогресивниот данок на личен доход. Следните 36 месеци доходот од работа, доходот од

Од Министерството за финансии за МИА велат дека не станува збор за популистичка мерка, туку за мерка која е дел од владината програма и можност да се дадат повеќе средства на оние кои имаат ниски пензии. Нагласуваат дека фискалниот ефект по Буџетот е идентичен, односно дека нема голема разлика меѓу линеарното зголемување и законското усогласување.
 
- Фискалниот ефект по Буџетот е идентичен, независно дали станува збор за усогласување согласно постојните законски прописи или реализацијата на линеарното зголемување на пензиите, со што средствата се прераспределуваaт на исто ниво кај сите пензионери и нуди можност за поголемо зголемување на оние пензионери со пониски примањa, тврдат од Министерството за финансии.
 
Потенцираат дека со иницијалниот Буџет за 2024 година не биле планирани потребните средства за исплата на пензиите согласно законското усогласување на пензиите во септември, односно недостасувале 2,5 милијарди денари.
 
Минималната пензија „да се врзе“ со минималната или просечната плата

Во листата со ветувања за пензионерите во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е и воведувањето на минимална пензија.

- Наместо досегашното решение на девет групи на минимални пензии ќе воведеме еден единствен износ на минимална пензија. Со зголемувањето од 5 000 денари овие пензии значајно ќе се придвижат кон моменталната просечната исплатена пензија во Македонија. Ќе креираме политики за континуирано подобрување на финансиската состојба на сите пензионери, стои во Програмата.

Сојузот на здруженија на пензионери ја застапува тезата за зголемување на најниските пензии, но, како што велат оттаму, зголемувањето мора да биде на разумно ниво. Велат дека имаат доставени неколку предлози за зголемување на најнискиот износ на пензиите што го користи голема група на корисници на пензии.
 

- Сојузот на пензионери има доставено и неколку предлози за зголемување на најнискиот износ на пензиите што го користи голема група на корисници на пензиите со финансиски ефекти од зголемувањето, што би предизвикало тоа, дали би било тоа некое нереално доближување на пензиите што од друга страна ќе предизвика потреба од повеќе финансиски средства, а исто така ќе предизвика и евазија од плаќање на придонесот. Тие предлози се дадени до властите, верувам дека може да се користат и во иднина, но она што е најважно е дека ја држиме тезата дека треба да се зголемат најниските пензии, но зголемувањето да биде на разумно ниво, укажува Трајкова.

Според професорот Петрески, треба да се размислува во насока минималната пензија да се врзе со минималната или просечната плата, во смисла на одреден процент од неа.

- Претходно провејуваа идеи за поставување минимална пензија, и тие идеи требаше да се разработат понатамошно. Со претходните зголемувања на пензиите, минималната пензија се зголеми на нешто над 13.000 денари. Треба да се размислува во насока минималната пензија да се врзе со минималната или просечната плата, во смисла на одреден процент од неа. Се’ друго е непринципиелен однос кон ова прашање, бидејќи пензијата што ќе ја прима едно лице зависи од работниот стаж и висината на платата што ја примал во работниот век. Ако целиме кон каква било еднаквост во пензиите под назнаката солидарност, тогаш зошто некој би работел долг работен век, на пример? Тоа се релевантни прашања за кои е потребен и општествен консензус, наместо да фрламе, како општество, анатеми кон примателите на повисоки пензии, вели Петрески.

Стапката на сиромашни пензионери седум проценти, пензија до 13.192 денари имаат 22 972 пензионери 

Податоците на Државниот завод за статистика според Лаеканските индикатори за сиромаштија објавени во мај 2022 година, кои се однесуваат за 2020 година, покажуваат дека стапката на сиромашни пензионери во државава е само седум проценти.

Според Фондот за ПИОМ, во мај годинава пензија до 13.192 денара примаат 6,8 проценти од вкупниот број пензионери, односно 22. 972 пензионери,  а од 13.193 до 16.909 денари  се месечните примања на 103 196 пензионери или 30,54  проценти. Пензија со износи од 16.910 до 22.500 денари  се исплаќаат на 81,258 пензионери (24,5 проценти), од 22.501 до 36.614 денари на 87,838 пензионери (26 проценти),  од 36.615 до 57.481 денари на 39,743 пензионери (11.76), а над 57.481 денар 2.864 пензионери (0,85 проценти).

Во првите пет месеци од годинава бројот на пензионери во Фондот на ПИОМ е зголемен за 765, односно од  337 106 колку што биле во јануари, на 337 871 во мај.

Во мај годинава имало нови 2192 пензионери, а 1 171 починат корисник на пензија. Од новите пензионери 1 489 се мажи, а 703 жени. Според видот на пензиите, Фондот на ПИОМ од мај исплаќа нови 1.717 старосни пензии, 395 семејни пензии и 80 инвалидски.  Во април годинава, пак, имало 2.194  нови корисници на пензија, а 1060 починати пензионери, а еден месец претходно, во март, се регистрирани 1 911 нови пензионери, но и 1 146 починати. Во февруари имало 1 223 нови пензионери, но повеќе починати, односно 1 233.  И во јануари годинава е поголема бројката на починати од нови пензионери. Регистрирани се 1 225 нови, а 1458 починати.

Продолжува.....

Билјана Анастасова-Костиќ

Лидија Велковска

Видео и монтажа: Владо Рабасовиќ

Фото: МИА архива

Изработено во соработка со Институтот за комуникациски студии за поголема транспаретност и отчетност во областа на финансиите
 

Остани поврзан