Гвардиола лут на челниците во Премиер лигата: Го убивате фудбалот, одложете го почетокот на следната сезона
- Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола е лут на челниците во Премиер лигата што го одбија предлогот почетокот на следната сезона во елитното ниво на англискиот фудбал да се одложи и што таа ќе започне според планираното - на 16 август

Манчестер, 16 февруари 2025 (МИА) - Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола е лут на челниците во Премиер лигата што го одбија предлогот почетокот на следната сезона во елитното ниво на англискиот фудбал да се одложи и што таа ќе започне според планираното - на 16 август.
Шпанскиот стручњак изјави дека ваквата одлука не е во интерес на фудбалот и дека неговиот клуб ќе мора да ангажира голем број играчи за да може да ја протурка целата сезона.
-Тоа не е хумано. Доаѓаме до ситуација кога клубот ќе мора да има 40 играчи на платен список за да може да игра толку многу натпревари. Луѓе, тоа се 40 плати, не знам кој може да си го дозволи тоа. Тоа ги води клубовите до банкрот. Тоа не е добро за фудбалот, изјави Гвардиола.
Иако Шпанецот тоа не го спомна со ниту еден збор, медиумите на Островот тврдат дека неговите критики се насочени кон тоа што Светското клупско првенство ќе се игра следното лето од 15 јуни до 13 јули, а доколку Сити успее да стигне до финалето, ќе им преостане само еден месец за пауза меѓу двете сезони.
Манчестер Сити по победата над Њукасл се искачи на четвртото место на табелата во Премиер лигата, со 13 бода помалку од лидерот Ливерпул, кој од 15 часот го игра натпреварот од 25. коло против Вулверхемптон. дс
Фото: Архива