• среда, 26 март 2025

Шефот на Мерцедес: Расел е меѓу тројцата најдобри возачи во Формула 1

Шефот на Мерцедес: Расел е меѓу тројцата најдобри возачи во Формула 1

Бракли, 25 март 2025 (МИА) - Директорот на тимот на Мерцедес, Тото Волф, изјави дека Џорџ Расел е меѓу тројцата најдобри возачи во Формула 1 шампионатот. Расел го освои третото место на трката за ГН на Австралија на 16 март на почетокот на новата сезона во Ф1, а една недела подоцна беше трет и на Големата награда на Кина.

Тој во моментов се наоѓа на третото место во генералниот пласман кај возачите со 35 бодови. Следната трка во Ф1 шампионатот ќе се вози на 6-ти април за Големата награда на Јапонија.

-Никогаш не давам 10 од 10 затоа што мислам дека секогаш може подобро. Не беше совршена трка, но со оглед на околностите што ги имаше Џорџ во Кина, тој има 10 од 10. Извлече максимум од неговиот болид, неговите гуми, неговата стратегија и тоа беше брилијантно возење. Сите тие муабети за Луис Хамилтон, кој е најголемата личност во овој спорт која премина во Ферари, е одлична приказна, Кими Антонели доаѓа како најмлад возач и голем потенцијал, а малку се зборува за Џорџ. Секогаш велев дека тоа не е во ред бидејќи тој е еден од најдобрите возачи. Ако сакате да ги наведам тројцата возачи кои ги сметам за најдобри, тој е апсолутно меѓу нив, ако не и во првите двајца и можеби на пат да биде прв. Џорџ е воин, во и надвор од автомобилот, изјави Тото Волф, шефот на Мерцедес.

„Скај Спорт“ потсети дека Расел нема договор за следната сезона.

-Џорџ е возач на Мерцедес, сакаме да го имаме во тимот. Тој беше јуниор и талент во Мерцедес. Имам со што да се гордеам и на тоа сум концентриран, изјави Волф по трката во Шангај. дс

Фото: Архива

Остани поврзан