Донација по повод Стара Нова година во Делчево
- По повод Стара Нова година, Општина Делчево денеска донира речиси 20 хуманитарни пакети на семејства што живеат во социјален ризик со порака дека празничната атмосфера им припаѓа на сите граѓани. Пакетите се состојат од разни видови прехранбени производи, средства за хигиена, но и облека, играчки и слични донации, кои граѓаните на Делчево ги донираа во рамките на хуманитарната акција „Со срце за Делчево“, промовирана пред новогодишните празници.
Делчево, 13 јануари 2025 (МИА) - По повод Стара Нова година, Општина Делчево денеска донира речиси 20 хуманитарни пакети на семејства што живеат во социјален ризик со порака дека празничната атмосфера им припаѓа на сите граѓани. Пакетите се состојат од разни видови прехранбени производи, средства за хигиена, но и облека, играчки и слични донации, кои граѓаните на Делчево ги донираа во рамките на хуманитарната акција „Со срце за Делчево“, промовирана пред новогодишните празници.
- Ова е втора донација што се реализира во Делчево. Стотици граѓани за помалку од еден месец донираа и во инклузивната куќичка - куќичка на надежта и во рамките на акцијата „Со срце за Делчево“. Првите 30-ина пакети беа донирани за Божик во делчевската градска црква, а втората група пакети се донираа на семејства во општината - информираа од Општина Делчево.
Градоначалникот Иван Гоцевски изрази благодарност до сите хумани граѓани, општествено одговорни фирми и граѓански организации, кои ѝ дадоа поддршка на оваа благородна идеја и заедно со Советот на млади на Општина Делчево и ОО на Црвениот крст идејата ја претворија во хумано дело.
- Со овие донации, во рамките на двете акции, ние покажавме дека сме одговорни граѓани и институции и дека ниедно семејство во Делчево не е оставено само. Празничната атмосфера треба да го посети секој дом, а секое дете заслужува да се радува и да верува дека навистина новогодишните чуда се возможни - порача Гоцевски.
Градоначалникот Гоцевски најави слични хуманитарни акции во организација на Општина Делчево и за наредниот период. вс/
Фото: Општина Делчево