Новогодишно-василичарска каланда во изведба на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ – Кичево
- Здружението „Бадникови поворки“ ја претставува новата Новогодишно-василичарска каланда во изведба на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ – Кичево.
Дебар, 13 јануари 2026 (МИА) – Здружението „Бадникови поворки“ ја претставува новата Новогодишно-василичарска каланда во изведба на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ – Кичево.
Оваа каланда ја носи пораката за здравје, бериќет и духовна обнова, како што со генерации се пеела при новогодишните благослови од дом на дом. Текстот на новогодишната каланда обединува делови од старата Дебарско-реканска песна и новиот современ и многу поучен текст.

Новогодишната каланда изразува еден достоинствен хорски аранжман, создавајќи топла празнична и духовна атмосфера за сите оние кои ја негуваат православната традиција.

Снимена е во студиото на Димитар Андоновски, аранжманот и оркестрацијата е на Владимир Димовски, видео записот, камера, монтажа и режија на Стојан Стојановски.
ТЕКСТ НА КАЛАНДАТА
„Чук, чук, кој иде?“ - Свети Василиј
Чук, чук, кој иде?- Свети Василиј.
Од кај иде? -Од Кесарија.
Што носи? - Здравје и бериќет од Господа.
Сурова година, весела година,
голем клас на нива, голем грозд на лоза,
црвено јаболко в градина,
живо и здраво до година.
До година - до амина.
Среќна и бериќетна Нова година.
Почнува Нова година
на Божјата милостина,
и со споменот на свети
и блажен Василиј Велики.
Со арно нека почнеме
во Христа живот обновен,
далеку од зло и прелест,
и украсени со доблест.
И во просвештението
според Евангелието,
и со љубов и во светост
да сведочиме пред светот.
Среќна ви Нова година
со чиста душа, спокојна,
и со радост и со славје,
и догодина со здравје.
Среќна и бериќетна Нова година - со здравје и радост во секој дом!
Изведбата е на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ и голем број статисти кои со своето присуство создадоа вистинска новогодишна атмосфера. вт/мд/
Фото: Принтскрин од видео