Дебранки кршеа василичарска погача, најсреќна Марија Василевска
- Продолжувајќи ја традицијата воспоставена пред повеќе од три децении, дебранки вечерва кршеа василичарска погача. Погачата ја подготви Доста Штерјовска, каде лани се падна паричката, а сега најсреќна беше Марија Василевска, воспитувачка во Детската градинка „Брешија“.
Дебар, 13 јануари 2026 (МИА) - Продолжувајќи ја традицијата воспоставена пред повеќе од три децении, дебранки вечерва кршеа василичарска погача. Погачата ја подготви Доста Штерјовска, каде лани се падна паричката, а сега најсреќна беше Марија Василевска, воспитувачка во Детската градинка „Брешија“.
- Години присуствувам на оваа прекрасна традиција, но ете вечерва ми се насмевна среќата. Посакувам здравје, среќа, хармонија во моето и во секое семејство, мир и благосостојба во светот. Ме радува што ја продолжуваме оваа традиција и посакувам уште долго, долго да трае, рече Василевска.

Утре, што е стара традиција во овој крај, дел од домаќинките, кои не подготвиле погача за Бадник, ќе подготват пита или како што дебрани го нарекуваат виткан комат со паричка, која каде ќе се падне се верува дека носи среќа цела година.

Карактеристика за дебарскиот регион се и децата суројчари, кои некогаш ги имало по повеќе групи составени од десетина деца, но последните години ги има се помалку, поради се помалиот број православни христијани. Тие утре треба да ги посетат православните домови и да посакаат весела и плодна година. Во рака држат, како што се нарекува, суројца во форма на крст или китка, составена од страк од лозница, гранчиња од леска, дрен, даб и босилек заврзани со црвен конец. Домаќините ги даруваат пред сè со пари, но и со благо, откако ќе испеат „Сура сура година, до година повесели“. вт/мд/
Фото: МИА