• среда, 14 јануари 2026

Отворена етно соба во кавадаречко Ресава 

Отворена етно соба во кавадаречко Ресава 

Кавадарци, 13 јануари 2026 (МИА) - Етно соба беше отворена вечерва  во кавадаречкото село Ресава, посветена на зачувување на културното нематеријално богатство.

Претседателот на месната заедница Никола Ризов - Кујо рече дека овој простор претставува чувар на традицијата, обичаите и народната меморија, а особено на автентичниот обичај на ресавските џоломари, симбол на идентитетот, истрајноста и духовното наследство на овој крај. Со нивното постоење и негување, истакна тој,  се одржува живата врска меѓу минатото и сегашноста.

Ризов нагласи дека етно собата е резултат на заедничка посветеност на локалната заедница и институциите, со јасна цел да се зачува и пренесе културното наследство на идните генерации и да се зајакне културната препознатливост на Тиквешијата.

- Нека овој простор биде место на почит, учење и инспирација и нека сведочи дека традицијата не е минато, туку жива вредност што обединува. Би сакал јавно да им се заблагодарам на сите кои донираа за оваа соба денес да имаме можност да ја отвориме, додаде Ризов, кој е и претседател на џоломарската група од селото.Тој спомена и некои од донаторите, кои помогнале на еден или друг начин.

Томе Крстевски, виш кустос етнолог при Музеј галеријата во Кавадарци, во своето обраќање кон присутните појасни дека етно собата содржи фотографии од џоломари,  џоломарската традиција и обичај, како и реквизити што се користат од џоломари, награди и признанија за настапи на оваа група по фестивали и карневали во земјава и странство. 

- Џоломарската игра ја претставува духовната култура на овој етнички предел Тиквеш и е дел од македонската духовна култура, истакна Крстевски. 

Тој ја нагласи соработката на Музејот со џоломарската група, во насока на негување и збогатување на оваа духовна култура, нејзино претставување, презентирање и афирмирање. 

Крстевски подвлече дека само со присуство овде во Ресава, може да се почувствува духот на џоломарите. Посака плодна и бериќетна година. свд/мд/


Фото: МИА 

Остани поврзан