• среда, 04 декември 2024

Шведска помош од 1,7 милиони евра за поддршка на пристапот на државава во ЕУ во областа на животната средина

Шведска помош од 1,7 милиони евра за поддршка на пристапот на државава во ЕУ во областа на животната средина

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) - Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информираат дека следува шведска помош од 1,7 милиони евра за поддршка на пристапот на Северна Македонија во Европската Унија во областа на животната средина.

Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џеин, потпишале меморандум за соработка за спроведување на проектот „Поддршка на пристапот на Северна Македонија во ЕУ во областа на животната средина - фаза два“.

- Со шведската помош ќе се работи на зајакнување на капацитетите на МЖСПП во координацијата и управувањето со процесот на приближување кон ЕУ и олеснување на преговорите од Поглавјето 27, како и подобрување на интерсекторска и меѓусекторска соработка. Исто така, ќе се работи на зголемување на капацитетот и соработката помеѓу креаторите на политики и засегнатите страни на локално, национално и регионално ниво. Проектните активности ќе бидат сконцентрирани во секторот за ЕУ интеграција на МЖСПП и во делот на управување со биолошката разновидност и климатската адаптација, појаснуваат од МЖСПП.

Како што додаваат, проектот ќе се спроведува до 31 мај 2027 година. 

- Финансиите, во висина од 1.7 милиони евра, се обезбедени преку Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA), а го спроведува Шведската агенција за животна средина (SwEPA) во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање, се истакнува во соопштението. бд/дма/

Фото: Министерство за животна средина и просторно планирање

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан