Филков од Пелинце: АСНОМ нека ни биде потсетник – патот на правдата бара храброст, истрајност и одговорност
- Министерот за правда Игор Филков беше дел од владината делегација која оддаде почит по повод 81 година од Првото заседание на АСНОМ, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
Скопје, 2 август 2025 (МИА) - Министерот за правда Игор Филков беше дел од владината делегација која оддаде почит по повод 81 година од Првото заседание на АСНОМ, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
- Денес сме овде, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, за да оддадеме почит на државничката визија и храброста на генерациите кои пред 81 година го поставија темелот на нашата државност. Првото заседание на АСНОМ не е само историски момент, туку жив доказ дека борбата за правда, слобода и достоинство е темел на нашето постоење како народ и држава, потенцирал Филков.

Како министер за правда, посочил Филков, должност ми е да го чувам тој завет – да се грижам за правна држава, за независни институции и за заштита на човековите права.
- Нека ни биде потсетник – патот на правдата бара храброст, истрајност и одговорност. АСНОМ ни остави обврска, а ние имаме должност таа обврска да ја преточиме во дела, истакна министерот Филков. фф/бак/
Фото: Министерство за правда