• сабота, 18 мај 2024

Холандија ќе добие „програмска Влада“ на експерти поддржана од десницата 

Холандија ќе добие „програмска Влада“ на експерти поддржана од десницата 

Брисел, 15 март 2024 (МИА) - Четири холандски партии од десниот спектар постигнаа договор за формирање „програмска Влада“ на Холандија по изборите одржани лани во ноември на кои убедлива победа оствари екстремно десничарската Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс, која својата кампања ја базираше на најави за ограничување на приливот на мигранти и забрана на џамиите, исламските верски училишта и Куранот. 

ПВВ изминатиов период преговараше со конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на Дилан Јешилѓоз-Зегериус, конзервативниот Нов социјален договор (НСЦ), на Питер Омцигт и десното популистичко аграрно Движење земјоделци-граѓани (БББ) на Каролине ван дер Плас за формирање заедничка Влада, која би била предводена од Вилдерс. 

Меѓутоа, Вилдерс во средата вечерта на платформата Икс објави дека нема да биде нов холандски премиер, бидејќи не успеал да обезбеди поддршка за тоа од потенцијалните коалициски партнери. Според него, тоа што тој нема да биде премиер е „неуставно и неправедно“, имајќи предвид дека неговата партија е најбројна во Долниот дом на холандскиот Парламент. 

Преговорите меѓу четирите партии се водеа со посредништво на поранешниот сенатор од редовите на Лабуристичката партија (ПВДА) и актуелен претседател на холандски Социјално-економскиот совет, Ким Путерс, кој синоќа го достави финалниот предлог за формирање на Влада составена од експерти и личности кои не се членови на Парламентот. 

Путрес истакна дека станува збор за „програмски Кабинет“ составен од експерти во своите области, од кои некои досега воопшто не биле вклучени во политиката. 

Според предлогот на Путерс, сега преостанува четирите партии да се договорат за името на следниот премиер, кој треба да го наследи Марк Руте, која ја извршува премиерската функција од 2010 година.  

Партиите, исто така, треба да се усогласат и околу содржината на коалицискиот договор, кој би претставувал програма за работа на Владата, за кој се очекува да биде повеќе општ, без многу детали, со што, според Путрес, ќе им се даде поголема слобода на министрите и ќе му се овозможи поголема моќ на Парламентот.  

Но, и покрај постигнатиот договор, до формирањето на новата холандска Влада се очекува да поминат уште неколку месеци, во кој покрај кадровските прашања, ќе треба да се усогласи и владината програма, вклучително и за прашања за кои постојат драстично спротивставени гледишта меѓу четирите партии, како оние поврзани со државниот буџет, трошоците за помош на странски земји или климатската политика. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан