• понеделник, 06 мај 2024

Хамас ја поздравува резолуцијата на ОН која повикува на прекин на огнот во Појасот Газа

Хамас ја поздравува резолуцијата на ОН која повикува на прекин на огнот во Појасот Газа

Газа, 25 март 2024 (МИА) - Милитантната група Хамас, прогласена за терористичка во ЕУ и САД, ја поздрави резолуцијата на ОН со која се повикува на прекин на огнот во Појасот Газа, со оценка дека тоа ја потврдува подготвеноста за итна размена на заробеници од двете страни.

Израелските медиуми јавуваат дека Хамас му се заблагодарил на Советот за безбедност на ОН за ваквата одлука и повикал на „траен прекин на огнот што ќе доведе до повлекување на сите ционистички сили од Појасот Газа и враќање на раселените во домовите што ги напуштиле“.

Палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур изјави дека усвоената резолуција мора да биде пресвртница за ставање крај на агонијата на жителите на Појасот Газа.

„Го поздравуваме вашето единство во повикувањето на итен прекин на огнот. Тоа мора да биде пресвртница. Мора да спаси животи. Мора да сигнализира крај на овој криминален напад врз нашиот народ“, рече палестинскиот амбасадор.

Војната започна откако палестинските екстремисти предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври.

Според израелските медиуми, тој ден околу 3.300 „терористи“ влегле во Израел по копно, море и воздух и убиле околу 1.200 луѓе и киднапирале 253 заложници, од кои повеќето цивили. После тоа започна војна во која се убиени повеќе од 32.000 Палестинци, главно жени и деца.

Во соопштението на Хамас се додава дека паузата во борбите е потребна за закопување на „мачениците“ кои со месеци останаа под урнатините и за пристап до хуманитарна помош.

Хамас, исто така, го повика Советот за безбедност да изврши „притисок врз окупаторот да се придржува до прекинот на огнот и да ја запре геноцидната војна и етничкото чистење“ на палестинскиот народ. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан