• сабота, 18 мај 2024

Трајков за МИА: По над 40 години се прават  посериозни зафати во штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“

Трајков за МИА: По над 40 години се прават  посериозни зафати во штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“
Штип, 24 јули 2022 (МИА) - Центарот за култура „Ацо Шопов“ - Штип е дом на уметници, актери, но и на младите. Се наоѓа во централното градско подрачје, покрај реката Отиња, a негови соседи се три факултети и Музејот на град Штип. Импонзантен објект во кој се случуваат најголемите настани од областа на културата, уметноста. Неговата сцена ја познаваат бројни домашни и странски уметници, а во оваа сала се испеани и антологиските хитови на Фестивалот за забавна музика „Макфест“. По 40 години во овој дом на културата, првапат се прави посериозна санација, но потребна е уште потемелна реконструкција. На оваа тема, но и за сите предизвици на најголемата културна институција во источниот регион, во интервју за МИА говори директорот на Национална установа (НУ) Центар за култура „Ацо Шопов“- Штип, Горан Трајков. Пандемијата остави длабоки траги за уметниците, актерите, културните работници. Со олабавување на мерките се покажа дека публиката е жедна  за настани, дружби, како и  да видат таленти на сцената. По половина година, колку од настаните се реализирани во рамки на „Ура за култура“? - Центарот за култура „Ацо Шопов“ од 1979 година е отворен, а вложувањето во него биле занемарени. Кога лани стапив на функција, првичната идеја ми беше да го ревитализираме, но тоа не значи дека треба да замрат и културните настани и оживувањето на културата во нашиот град. Покрај пандемиските процеси, кои ги поминавме изминатите две години, за среќа наша е олабавувањето на мерките и ние веќе ја заживеавме културата. Минатогодишната програма ни беше насловена „Ура за култура“ . Тоа значи дека идејата беше да и ја вратиме културата на граѓаните во нашиот град. Јас оваа година сум посебно задоволен, што заедно со вработените од административниот, уметничкиот, техничкиот кадар успеавме заедно да ја реализираме веќе половина од програмата. Тоа низ бројки е над 80 настани, од областа на актерската дејност успеавме да направиме три премиери. Навистина сум задоволен,  затоа што едната е во сопствена продукција, а двете се од програмата на Министерството за култура. Во просториите низ самиот Центар за култура се прават посериозни зафати. По колку време се случува санација и се обновуваат ѕидовите, подот, но и санитарните јазли? - Од Министерството за култура за оваа година ни беа одобрени проекти за замена на подовите, а со оваа активност поставивме 560 метри квадратни ламинантен под. Сакавме да ставиме поквалитни материјали во самиот Центар, за да имаат поголема трајност. Тоа е едниот дел, што е завршен. Во завршна фаза е молерисувањето, потоа реконструкција на Галеријата, која од сопствени приходи ја направивме. Набавка на озвучување, кое е веќе завршено. Останува реконструкцијата на санитарните јазли за публиката во Центарот и службените тоалети во Народен Театар Штип, а оваа активност се надевам дека ќе ја почнаме во септемтеври. Ова на кратко се поголемите инвестиции. Задоволен сум што ја оплеменуваме и фасадата на објектот, со мозаични содржини. Едниот проект се мозаичните фонтани, одобрен од Министерството за култура, а вториот е на Здружението „Добредојде Македонија“, кое е поддржано од Амбасадата на Република Бугарија, преку двајца уметници од двете земји се изработија овие инсталации, а тоа е на влезот на Центарот за култура и на дел на фасадата на објектот. Во делот на галеријата имаме поставено и витражна уметничка инсталација, која што на граѓаните им дава едно поинакво светло. Остануваат нерешени проблеми за Центарот за култура „Ацо Шопов“, а тоа е кровната конструкција на која под итно и е потребна санација, затоплување на големата сала, како и непроменетиот инвентар од кога е отворен овој објект. Потребни се навистина големи средства, од каде ќе се обезбедат и што планирате за наредната година? - Мината година направив стратегија како да го вратиме сјајот на Центарот за култура, онаков каков што и доликува. Во Програмата за 2023 година, што ја доставивме до Министерството за култура предвидовме замена на теписоните и столчињата не само во овој објект, туку и во театарот. Столчињата навистина се во многу лоша состојба, исто и теписоните, кои се од самото отварање на Центарот, па до ден денеска, едноставно не се сменети. Таму треба да се стави акцентот и тоа го аплициравме во Министерството за култура, покрај Програмата за култура и од областа од културата. Ова е инвестицискиот дел, другиот дел е и да можеме да направиме изолација, што ќе ни даде енергетската ефикасност на големата сала и со тоа се надеваме дека големата сцена ќе го добие вистинското светло. Остануваат да се санираат и инвестира во светлото, односно докомплетирање на светлисниот парк, озвучувањето, микрофони и помали работи коишто се потребни, рече Трајков. Колку тежи Програма на Центарот за култура „Ацо Шопов“- Штип, што ја доставивте до Министерството за култура? - За наредната година имаме 118 проекти, а тоа се од драмската, ликовната, литературната, музичката дејност. Тоа значи покрај инвестиции предвидени се и бројни настани, но предвреме не можам да зборам, што и како ќе биде додека комисиите и Министерството за култура не одберат што ќе издвојат од оваа Програма, што ја понудивме. Програмата е голема, ја реализиравме преку јавен повик до сите уметници и оставивме простор секој од нив да даде предлог, идеа и сите заеднички одлучивме, што да се достави до министерството, како дел од националната Програма. Програмата е во висина од 50 милиони денари, од кои половина над 24 милиони денари се за инвестиции во салите на Центарот за култура „Ацо Шопов“ и Народниот театар –Штип, а кои навистина се потребни и за уметниците, но пред се за публиката, потенцира Трајков. Викторија Димитрова-Јованова

Остани поврзан